Регион

Покрената постапка против медиуми, заради откривање на идентитет на заштитен сведок

Меморијалниот центар и гробиштата во Поточари (Сребреница), БИРН

Судот и Обвинителството на БиХ, најавија дека ќе покренат кривична постапка против медиумите, кои го откриле идентитетот на заштитениот сведок, кој сведочел на судење за геноцидот во Сребреница.

На веб-страницата на јавниот радиодифузер на босанскиот ентитет, Република Српска, Радио Телевизија Република Српска (РТРС), и на неколку други портали, беа објавени текстови во кои се спомнува името на сведокот, што е кривично дело во БиХ.

„Заедно со Обвинителството, ние започнавме постапка за понатамошна заштита на сведокот и за покренување на кривична постапка против оние кои го открија идентитетот на заштитениот сведок“, изјави судијата на Судот на БиХ, Минка Крехо.

Од РТРС не сакаа за БИРН да искоментираат, зошто го објавиле идентитетот на заштитениот сведок.

По прашањето на БИРН, тие отстранија дел од текстот објавен на нивната интернет страница, во кој стои дека сограѓаните препознале за кого станува збор.

Сведокот сведочеше на судењето на поранешните припадници на полициските сили на босанските Срби, Миодраг Јосиповиќ и Бранимир Тешиќ, за наводно учество во геноцидот врз Бошњаците од Сребреница во јули 1995 година.

Во својот исказ, заштитениот сведок наведе дека во 1996 година, Радован Вишковиќ, актуелен премиер на Република Српска, му нудел пари за прекопување на масовна гробница во местото Милиќи.

Откако минатата недела од Обвинителството на БиХ беше потврдено дека работат на предмет поврзан со Вишковиќ, неколку медиуми објавија текст во која се наведува наводното име на заштитениот сведок.

Мисијата на ОБСЕ во БиХ го осуди објавувањето на идентитетот на заштитениот сведок, велејќи дека тоа е „сериозно кршење на едно од основните начела на функционалниот судски систем“.

„Без исказите на клучните сведоци, правдата не може да се постигне. Во чувствителните судења, како што се постапките за воени злосторства, некои сведоци се сметаат за особено ранливи и властите мора да ги заштитат, за да се осигура нивната безбедност и интегритетот на нивното сведочење“, изјавија од ОБСЕ за БИРН.

Според законот на БиХ, лицата осудени за откривање на идентитет на заштитен сведок, можат да бидат осудени на затворска казна од шест месеци до пет години.

Во 2011 година, Судот на Босна и Херцеговина ги осуди уредникот и новинарот на списанието „Бум“, Крунослав Маленица и Есет Мурашевиќ, на условна казна од шест месеци затвор, заради откривање на идентитет на заштитен сведок.