Анализи

Полициско-обвинителски срам скриен во судски процедури

Како завршуваат бомбастичните полициски акции

Знае ли македонската полиција што е дрога?

Ова e главното прашање во предметот со заплената на материја, за која МВР во април 2020 триумфално објави дека е 1,2 тони марихуана, за Обвинителството подоцна да пресече дека е индустриски коноп.

„Актерите“ во овој случај, Македонец и Израелец како и една фирма, добија обвинение дека без одобрение одгледувале коноп, откако претходно истрагата беше затворена.

Во тој 20 април 2020, во видливо поларизирана предизборна атмосфера, со големата заплена на МВР се отвораа вести на телевизиите, се полнеа агрегаторите за информирање. Македонецот заврши во притвор под сомнение дека неовластено произведувал наркотична дрога, а од Израелецот „ни трага, ни глас“.

Но, само по неколку дена за големата акција настапи молк. Вниманието на јавноста се префрли на други скандали, предизборните теми го зедоа приматот, а предметот, кој сѐ уште претставува енигма, се префрли во судските коридори.

Таму немаше камери да го следат судскиот живот на овој случај, уште помалку информации во медиумите. Она што постојано го имаше беше отсуството на обвинител. Од четири рочишта, обвинител дојде само на последното, што самото по себе говори за приоритетот што му се дава на предметот.

Потрагата по обвинетиот Израелец излезе јалова, сведоците се бараат со полиција, но тие не доаѓаат, а одбраната поднесе кривична пријава против обвинителката што го води предметот затоа што ја запрела истрагата, па поднела обвинение.

Одземената скапоцена материја што полицијата ја испослика од сите можни агли беше најдена во магацин за сладолед во скопски Бутел, каде што ја чуваа специјалци. Таму две години ја „одржуваат во живот“ ладилниците на „Цермат“.

Пресврт во случајот настана кога бранителот на обвинетиот приложи вештачење од странска сертифицирана лабораторија, според кое, нивото на супстанцијата – опијат во запленетите пакети наречено ТХЦ е под 0,02 отсто. Оттогаш материјата за Обвинителството и официјално е коноп.

Обвинетата македонска фирма, пак, лани ја купи контроверзен српски бизнисмен за едно евро.

Закажи – одложи

Прво судење со присутен обвинител по една година одлагања | Фото: БИРН

Беше септември 2021, кога требаше да почне судската разврска за настанот што во јавноста одекна како успех на МВР фотодокументиран со слика од директорот на БЈБ, Сашо Тасевски, како со ракавици вади кеса од кутија полна со „марихуана“.  

Но, нешто се случи меѓу спектакуларната вест за заплената во предизборната пролет 2020 и првото рочиште.

Првото судење се одложи. Не дојде скопскиот обвинител Гаврил Ристовски. Обвинител немаше ниту на второто судење, кое исто така заврши за половина час, како што впрочем се одложи и третото судење зашто обвинителката била на обука. Така се дозна дека тлее судир на надлежности за предметот.

Во меѓувреме, судот го бараше обвинетиот Израелец Менахем Јиштик Кохен со меѓународна правна помош, но залудно. Тамошните власти, на барање на нашите правосудни органи, не можеа да го најдат извршниот директор на израелскиот гигант за одгледување медицински канабис „Медиви терапеутик“.

Сведоците, пак, меѓу кои сопственикот на земјиштето каде што растела билката, и раководителката на Секторот за хемикалии и контролирани супстанции при Министерството за здравство, Лидија Савиќ, кои беа повикани да сведочат пред судот, не доаѓаа, па судијката Оља Ристова мораше да побара да бидат стражарно донесени.

Ама и тоа не се случи, па повторно прати наредба до полицискиот командир да се обезбеди нивното присуство за следното судење.

На последното рочиште минатата недела, за првпат се појави обвинител. Милица Гаврилова од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Сепак, и нејзиното присуство не беше доволно за да се одржи судењето, зашто адвокатот на генералниот менаџер во Македонија на обвинетата фирма „Канатек“, Ненад Јованов, побара таа да биде изземена поради ненадлежност во предметот, а против неа поднеле и кривична пријава.

До следниот месец, државниот обвинител Љубомир Јовески треба да одлучи дали ќе ја изземе обвинителката од случајот, што секако ќе додаде нови месеци на судскиот стаж на овој предмет. А истите судски списи ги чека и скопски јавен обвинител за да утврди дали неговата колешка што гони организиран криминал згрешила кога ја запрела истрагата, па поднела обвинение.

Загубени во надлежноста

Обвинителката Милица Гаврилова од ОЈО-ГОКК | Фото: БИРН

Случајот од самиот почеток го следат низа проблеми, а Обвинителството како да се срами од предметот и не е сосема на чисто каде припаѓа и кој да го застапува.

Го почна кавадаречката шефица на Обвинителството, Елизабета Мишева-Јорданова, како локален предмет, па се квалификуваше поинаку и затоа се префрли кај обвинителката за гонење организиран криминал и корупција, Милица Гаврилова. Предметот потоа се префрли во Скопското обвинителство, кај Гаврил Ристовски, за на крајот повторно да „се врати“ кај Гаврилова.

Но, најголемиот проблем е тоа што истрагата со обвинителска наредба еднаш била затворена, а потоа продолжила.

Тоа за одбраната значи дека на нивните клиенти им е загрозена правната сигурност бидејќи сметаат дека е недозволиво Обвинителството да си игра пинг-понг, па еднаш да отвора и да затвора и без нови докази повторно да го реотвора предметот, особено за случај што полицијата го претстави како еден од поголемите успеси.

Ова е една од причините зошто на обвинителката што го води предметот ѝ поднеле кривична пријава за злоупотреба на службената положба.

Дополнително, голем правен проблем е и нејзината надлежност, односно дали предметот воопшто може да го застапува Обвинителството за гонење организиран криминал од едноставна причина – делото за кое се гонат обвинетите е според Законот за контрола на опојни дроги, а не за неовластено производство на наркотични дроги според Кривичниот законик.

Истовремено, за разлика од првичните наоди за префрлање на случајот во организиран криминал, со образложение дека станува збор за група од најмалку тројца, сегашното обвинение се однесува на две физички лица, додека третиот во меѓувреме станал сведок за обвинителството.

Најважното од сè е што „дрогата“ излезе дека не е дрога.

Дали предметот ќе најде обвинителски „сопственик“ и дали ќе почне да се суди, би требало да се знае на 20 декември, кога е закажано следното рочиште.

Според досегашното искуство, тешко дека и тогаш ќе може да се види крај на оваа полициско-обвинителска плетканица, која отвора многу прашања.

Меѓу нив е и тоа дали судот треба да го закопа срамот од избрзаната пропагандна акција или, пак, кавадаречката обвинителка и полицијата допреле таму каде што не треба, па сега сите заедно се обидуваат да го закопаат предметот во правта на заборавот?