Извештај

Помилуваните од Иванов предвреме се жалеле во Стразбур

Судиите воопшто не расправале за аболициите на поранешниот претседател

„Апликацијата е недопуштена“.

Ова е првата реченица во одлуката на седумтемина судии од Европскиот суд за човекови права во Стразбур, во предметот „Талески и други“ против Република Северна Македонија. Во неа, жалителите се повикуваа на аболицијата што ја даде поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов за 56 лица во 2016 година.

Според одлуката, меѓународните судии воопшто не го разгледувале прашањето дали важат аболициите, туку пресекле дека апликантите прерано се жалеле, односно ги „прескокнале“ повисоките македонски судови.

Во оваа фаза, нивните жалби се преуранети, што значи дека обвинетите од СЈО што први се жалеа пред Судот во Стразбур, првин мора да ги поминат сите домашни редовни и вонредни правни лекови што им стојат на располагање, односно Апелацискиот и Врховниот суд, па дури тогаш да ја тужат државата.

Апликантите тврдеа дека се повредени два члена од Европската конвенција за човекови права, 5 и 6, правото на правично судење и правото на слобода и безбедност.

Тоа значи дека постои можност повторно да се жалат, но не додека траат судењата и жалбените постапки пред македонските судови.

Првин дома, па во Стразбур

Стразбур пресече дека не се исцрпени сите домашни правни лекови | Фото: БИРН

Владимир Талески, поранешниот градоначалник на Битола, од 10 јануари е во затвор. Таму jа одлежува правосилната 7-годишна затворска казна во предметот на СЈО „Транспортер“ за противзаконската набавка на превоз за ученици.

Тој е еден од последните осудени во предметите на СЈО, „Транспортер“.

По неговото презиме беше именувана апликацијата поднесена пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Освен неговото презиме, на апликацијата пред судот во Стразбур стоеја имињата на Едмонд Темелко, Никола Груевски, Миле Јанакиески, Тони Јакимовски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески и Сашо Мијалков.

Од денешната одлука на Европскиот суд за човекови права во Стразбур зависеше дали тој ќе излезе од затвор најдоцна во 2030 или за неколку дена.

Талески, во апликацијата до судот, повикувајќи се на аболицијата на Иванов, не се жалеше само за предметот „Транспортер“, туку и за куќниот притвор.

Според оваа одлука на судот, Талески допрва би можел одново да ја тужи државата пред судот во Стразбур, но само ако го одбие и последната инстанца, Врховниот суд.

Кога судот во Стразбур, во иднина повторно би расправал за помилувањата, предвид ќе ја има и денешната одлука.

Правен превид или избрзани очекувања на апликантите

Продолжуваат да се судат предметите на СЈО | Фото: БИРН

„Жалбите за повреда на членот 6 (право на правично судење) се предвремени и на нив може да се осврнат апликантите пред домашните власти во тековните кривични постапки“, пишува во одлуката на судот.

Одлуката е напишана на 35 страници.

Апликантите и нивните бранители веројатно знаеле дека Стразбур одлучува само кога пред домашните судови се исцрпени сите правни механизми, но веројатно мислеле дека на оценката на обвинението, која како таква е правосилна, а истото се однесува и на правосилноста на мерките притвор за некои од обвинетите.

Судот накратко наведува дека жалбите стигнале во 2017 и во 2018 година и дека најголемиот дел од апликантите се членови и поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Во анализата на случајот, судиите ги навеле помилувањата на Иванов од 12 април 2016 година и поништувањата на аболицијата од мај истата година.

Се наведува и мислењето на Владата, која во одговорот до Стразбур тврдела дека жалбите се предвремени бидејќи „сè уште има постапки пред апелациските судови во Северна Македонија“.

Тоа што, наместо тројца судии, во овој предмет одлучувал седумчлен судиски состав, говори за фактот дека судот во Стразбур му посветил сериозно внимание на овој предмет, вели за БИРН, поранешната судијка во овој суд, Мирјана Лазарова-Трајковска.

Судот „можел да ги отфрли жалбите и во рана фаза на поднесување во фoрмација од Комитет од тројца судии, тој, сепак, предметот го одлучил во совет од седум судии поради неговата комплексност и важност за подносителите на жалбите, но и за националните власти“, вели таа за БИРН.

Ваквата одлука на Судот, појаснува Лазарова-Трајковска, може да влијае „само во однос на преиспитување од страна на жалителите дали сѐ уште останале можности за покренување правни лекови пред националните судови или во некои постапки тие рокови се поминати“.