Извештај

Ништо не им е јасно на апелациските судии во пресудата за „Трезор“

Апелација се прашува дали воопшто е оштетен државниот буџет

Апелациските судии само што не напишале дека единствено точни се само генералиите на обвинетите во укинатата пресуда за „Трезор“ со која паднаа во вода 33 години вкупна затворска казна за четворица обвинети во предметот „Трезор“, меѓу кои и 8 години за ексшефот на тајната полиција, Сашо Мијалков.

Образложението на судиите Јани Нича, Лирие Елези Ајрулау, Зоран Димитриевски, Лидија Зимбовска и Гордана Сајковска е дека кривичниот суд не само што ништо не докажал од обвинението за спорната набавка на опрема за УБК, туку извлекувал заклучоци врз основа на претпоставки, a се ставил и во улога на вештак.

БИРН го побара од скопска Апелација решението со кое е укинат предметот, па судот го прикачи на веб-страницата. Таму на речиси секоја трета страница пишува „нејасно“.

Во укинатата пресуда, пак, пишуваше дека МВР склучило договор за да купи опрема со дотогаш анонимната „Финзи“ како посредник наместо директно со производителот „Гама“ и со тоа го оштетила државниот буџет.

Договарал ли Мијалков во Лондон лукративна зделка?

Сашо Мијалков со бранителот Љупчо Шврговски | Фото: БИРН

На апелациските судии не им е јасно како првостепениот суд заклучил дека тројцата обвинети Сашо Мијалков, Горан Грујевски и Небојша Стајковиќ биле во 2010, во Лондон за да договорат набавка на опрема и обука за потребите на УБК со претставници на фирмата „Гама“.

Овој сомнеж го темелат на Извештајот од Националната агенција за борба против криминалот на Обединетото Кралство, кој бил изведен како доказ, а во кој пишува дека „нема докази што ќе појаснат кои биле првите лица од Македонија што преговарале за набавката на опремата Фин фишер“.

Првостепениот суд, во пресудата напиша дека зделката на МВР со македонското „Финзи“ е првата голема зделка што ја добила фирмата.

Заклучокот на Апелација е  дека овој факт за „deal-oriented“ патувањето во Лондон, „судот го темели на претпоставки и верувања, бидејќи самиот констатира дека нема други материјали, освен материјални докази“.

А за да го подзасилат овој аргумент, судиите се повикуваат на првостепената пресуда, во која пишува дека „се претпоставува дека С.О. комуницирал со лице од МВР и дека бил главен преговарач, што се отсликува во неговото унапредување во компанијата“.

Како судот утврдил што е поевтино?

Скопска Апелација | Фото: БИРН

Се чини најпроблематичниот дел од укинатата пресуда е како во пресудата било утврдено дека набавката на опремата би била поекономична ако МВР склучи директен договор, а тоа да не оди преку фирма-посредник.

„Нејасно е од кои докази (н.з. судот) утврдува дека набавката на опремата би била најекономична доколку би одела директно преку правното лице Гама и МВР, во услови кога одлуката за тоа како да се спроведе постапката за набавката на опремата за која МВР-УБК имала реална потреба е донесена од производителот Гама, согласно политиката на производителот“.

Во првото судење беа сослушани 17 сведоци и презентирани над 700 докази.

За Апелација, вообичаен начин на деловно работење меѓу фирмите при набавување стоки и услуги е набавката „да оди“ преку фирми посредници, кои „се подразбира тоа го вршат заради остварување некаква добивка, односно профит“.

Како уште една поткрепа за ова, судот го цитира техничкиот советник што го ангажирале обвинетите. Тој, пред судот изјавил дека изборот да се оди преку дистрибутер, не само што не е на штета на МВР, туку е придобивка за сите: за „Гама“, за „Финзи“ и за МВР.

Последниот директор на „Финзи“, Коста Крпач, се самоуби.

На овој начин „Гама“ настапува со поевтин продукт, а Финзи добива економска вредност… Со други зборови, тезата на техничкиот советник е дека ако одржувањето одело преку „Гама“, а не преку фирмата-посредник „Финзи“, тоа ќе било поскапо.

Спорно било и тоа што не постоел валиден и релевантен доказ дека бил склучен договор за набавка на опрема меѓу МВР и „Гама“, што би произвел меѓусебни права и обврски.

Доказ врз основа на кој обвинителите Трајче Пеливанов и Артан Ајро го темелеле обвинението е фајл пронајден кај еден од обвинетите. Тоа е договор меѓу „Гама“ и „МВР“, но за Апелација тој доказ е невалиден, зашто не бил заверен со печат од договорните страни и не постоел ниту во книговодствената евиденција, ниту во архивата на МВР.

Ништо без вештачење

Апелационите судии како пропуст го наведуваат немањето вештачење | Фото: БИРН

На петтемина судии од скопска Апелација, голем проблем им е тоа што во пресудата нема вештачење. Заклучиле дека во предметот просто морало да се изготви вешт наод и мислење и дека нивните првостепени колеги не смееле да се стават во улога на вештаци.

„Доказ во оваа насока, во смисла на техничко или финансиско вештачење не е изведен“, пишуваат апелациските судии.

Пресудата за „Трезор“ е укината на 31 мај, а е објавена по речиси пет и пол месеци, односно на 25 ноември 2022.

Образложението на првостепениот суд, пак, е дека во овој случај, станува збор за едноставна математичка операција – одземање два износи, „за која не е потребна некоја посебна стручност, односно се работи за едноставна математичка операција, која може да ја утврди секој просечно образован човек, без посебно стручно знаење или вештина“.

Но, Апелација тврди дека судот не одземал само два износи, туку „се впуштил во анализа на обемна финансиска и сметководствена документација“, а го игнорирал „техничкиот наод и мислење од областа на информатичките технологии со технички и економски дел сочинет од вештите лица…“

На крајот, апелациските судии им даваат напатствија на своите колеги и ги подучуваат кога ќе судат повторно да утврдат „дали со преземените дејствија на обвинетите на начин како што е опишано во обвинението, настанала штета на буџетот на РМ и доколку настанала, да го утврди точниот износ, да утврди кои противправни дејствија ги презеле, со кои евентуално би се исполниле субјективните и објективните елементи на кривичното дело“.

Сите овие прашања ќе треба да се разјаснуваат од 15 февруари, кога одново почнува судењето за предметот.