Анализи

Која e британската фирма што продавала опрема на „Финзи“

gamma

Гамма Интернатионал Лимитед нудела опрема на египетската Влада за 287.000 евра во која бил вклучен софтвер, хардвер, инсталација и тренинг

Британската фирма Гамма, со која МВР, преку „Финзи“ склучувала договори за набавка на опрема и испумпувала пари од буџетот се наоѓа на листата ‘непријатели на интернетот’ која нуди напредни шпионски софтвери, што ја објави „Репортери без граници“.

Според „Репортери без граници“, оваа фирма, која има седиште во Велика Британија, но и подружници во Германија, Југоисточна Азија и на Средниот Исток, продава опрема на владини агенции за прислушување, а нивниот ‘финфишер’ софтвер се сметал за еден од најнапредните на пазарот.

„Компјутерот или вашиот телефон постојано е заразуван од Тројан вирус, кој е контролиран од владините агенции преку контролни сервери. Компјутерот може да биде заразен преку лажна надградба на софтверот, сомнителни електронски пораки или преку физички контакт со апаратот. ФинФишер нуди технологија со која цело интернет кафе може да биде зафатено од вирусот за да се следат сите корисници“, стои во извештајот на „Репортери без граници“ и се додава дека откако ќе биде инсталиран, речиси е невозможно да се отстрани вирусот.

louthean_john_alexander_nelson

Сопственикот на Гамма, Лутан Нелсон

Гамма Интернатионал е во сопственост на Лутан Нелсон, а фирмата редовно се наоѓа на насловните страници во британските медиуми, поради контроверзната опрема што ја нуди на пазарот.

Истражувањето на британски Гардијан во 2012 година покажало дека фирмата вработува лица кои претходно работеле во воениот сектор. Лутан Нелсон, според Гардијан, поседувал и оф шор фирма на Британските Девствени острови.

Една година претходно пак, во 2011 година, Гардијан, повикувајќи се на документи, објави дека истата оваа фирма се понудила да им продаде софтвер на египетските безбедносни агенции за кои експртите тврделе дека може да зарази компјутери, да хакира електронски адреси и комуникации преку „Скајп“.

На еден од документите била наведена и понудата на Гамма Интернатионал Лимитед, која гласела на сума од 287.000 евра во која бил вклучен софтвер, хардвер, инсталација и тренинг. Пред да се продаде овој „пакет“, на корисникот му се нудела бесплатна триал верзија.

„Софтверот може да снима аудио и видео разговори и да ги хакира сите компјутери кои се закачени на иста мрежа“, пишува Гардијан.

Групацијата Гамма во изјава за Гардијан демантирала дека продавала Финфишер софтвер или било какви други продукти на египетската Влада.

„Во сите наши постапки и договори ние работиме според регулативите на Велика Британија“, стоело во изјавата.

Македонија корисник на ФинФишер

finfisher-targetr-computer-768x399

Како се напаѓаат компјутерите од ФинФишер

БИРН уште минатата година пишуваше дека Македонија се најде меѓу 32 држави во светот кои го користат малициозниот софтвер наречен ФинФишер за следење на комуникациите преку интернет, според извештајот на истражувачката група Ситизен лаб од Универзитетот во Торонто.

За Македонија не беше наведен специфичен орган или институција кој го нарачал следењето на комуникациите преку ФинФишер. И во 2013 година истата Ситизен лаб објави дека како провајдер на шпионскиот софтвер ФинФишер во Македонија се користела ИП адреса од Македонски телеком, но не беше познато која институција го нарачала.

Од Специјалното јавно обвинителство не обелоденуваат точно за каква опрема станува збор во истрагата „Трезор“ што ја отворија вчера, но сомнежите дека станува збор за софтверот ФинФишер се повеќе од очигледни, особено ако се земе предвид дека станува збор за една од најконтроверзните фирми кои произведуваат алатки за следење интернет комуникации.

За случајот „Трезор“ осомничени се поранешните шефови на УБК и на Петтата управа, С.М. и Г.Г., помошник-министерот за информатички технологии во МВР, Н.С., како и бившиот шеф на кабинетот на директорот на УБК, Т.Ј.

Според СЈО, во перидот од 2010 до 2015 година, тие преку фирмата „Финзи“, каде директоруваше починатиот сведок на СЈО, Коста Крпач, од буџетот на МВР „испумпале“ вкупно 860.000 евра преку неколку сомнителни договори за набавка на опрема и парите ги искористиле за лично богатење.

Имено, во 2010 тројцата вработени во УБК во име на полицијата стапиле во контакт со британската компанија Гамма, за набавка на опрема за потребите на управата, меѓутоа наместо МВР директно да ја купи опремата од британската фирма, набавката одела преку посредникот „Финзи“. Па така, разликата во цената што полицијата ќе ја добиела при евентуална директна зделка со фирмата од Британија и цената што ја добила преку „Финзи“, вклучително со анексите, е повисока за над 860.000 евра.