Вести

Од трезорот на МВР „испумпани“ 860.000 евра

Поранешни високи функционери во УБК и во МВР се осомничени дека го оштетиле буџетот за 860.000 евра

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Поранешните шефови на УБК и на Петтата управа, С.М. и Г.Г., помошник-министерот за информатички технологии во МВР, Н.С., како и бившиот шеф на кабинетот на директорот на УБК, Т.Ј. се осомничени од СЈО за новиот случај „Трезор“, дознава БИРН.

Според СЈО, во перидот од 2010 до 2015 година, тие преку фирмата „Финзи“, каде директоруваше починатиот сведок на СЈО, Коста Крпач, од буџетот на МВР „испумпале“ вкупно 860.000 евра преку неколку сомнителни договори за набавка на опрема и парите ги искористиле за лично богатење.

За четвртоосомничениот постои основано сомнение дека како службено лице со умисла им помогнал во реализацијата.

Обвинителката Фатиме Фетаи на денешната пресконференција ја објави истражната постапка за овој случај, меѓутоа не ги откри имињата и иницијалите на осомничените. Како што најавија од СЈО дополнително од судот ќе побараат мерки за обезбедување на осомничените, што значи дека засега не се знае дали обвинителството на Катица Јанева ќе бара притвор за некој од осомничените.

За овој случај Специјалното обвинителство има сведок од МВР.

Како што објасни Фетаи,  во 2010 тројцата вработени во УБК во име на полицијата стапиле во контакт со британска компанија за набавка на опрема за потребите на управата, меѓутоа наместо МВР директно да ја купи опремата од британската фирма, набавката одела преку посредникот „Финзи“. Па така, разликата во цената што полицијата ќе ја добиела при евентуална директна зделка со фирмата од Британија и цената што ја добила преку „Финзи“ е повисока за над 360.000 евра.

Според сознанијата на БИРН, станува збор за британската компанија Гамма ТСЕ. Станува збор за компанија, која, според податоците од нивната веб страна, врши набавка за владини агенции од целиот свет за готови проекти за надзор од 1990 година.

„Гамма ТСЕ произведува високо специјализирани возила за надзор и интегрирани системи за набљудување и обезбедува помош на владините агенции да собираат податоци“, стои на веб страницата на британската компанија.

Пумпани пари и преку анекси

fatime-fetai

Обвинителката Фатиме Фетаи ја обелодени истрагата за случајот „Трезор“

Во 2012 година биле склучени два анекса на договорот на „Финзи“ со МВР и тука, според СЈО, разликата во набавната и продажната цена на фирмата на Коста Крпач била околу 215.000 евра.

Како што објасни обвинителката Фетаи, по неколку години иако опремата била застарена и не била функционална, односно во УБК имала книговодствена вредност од 1 денар, министерството склучило договор за одржување на таа иста опрема повторно со Коста Крпач и со неговата „Финзи“, вреден 30.000 евра месечно. Според СЈО, оваа компанија немала капацитет за таа работа, ниту, пак, имало потреба опремата да се одржува. Овие договори биле во вредност од околу 285.000.

Сѐ на се, сумата која била „испумпана“, според СЈО, е во вредност од 860.000 евра.

Фетаи најави дека во овој случај ќе бара замрзнување на имот, меѓутоа обвинителството не прецизираше за чиј имот се работи, ниту, пак, прецизираа дали осомничените сѐ уште работат во УБК.

Овој случај многу потсетува на шемата што ја откри лидерот на СДСМ, Зоран Заев преку една од неговите „бомби“, само што во тој случај опремата се набавуваше од Израел и набавката одеше преку фирмата НВСП, која се јавува во истата бизнис-шема со „Финзи“.

На денешната прес-конференција беше соопштено дека во 2010 година, основачкиот влог на „Финзи“ во 2010 година, од 5 илјади евра се зголемува на 650 илјади евра. Овие пари, според истрагата на СЈО, дошле од подружницата на Финзи отворена на Кипар, а потоа преку Кипар, парите се влеале како основачки влог во компанијата Си-Фи-Кар. Првото име на оваа фирма, според податоците од Централниот регистар е „Систина кардиологија“, а во 2011 година името го менува во Си-Фи-Кар (најверојатно кратенка од Систина, Финзи, Кара). Оваа компанија беше ликвидирана во јули годинава, но историјатот на истата сè уште е достапен. Според документите, прв сопственик на Си-фи-кар (односно Систина кардиологија) е токму „Финзи“, а потоа сопствеништвото се менува и се крие во Лугано. Последен сопственик, пред да се ликвидира фирмата, е сестрата на бизнисменот Орце Камчев, Кристина Камчева – Стојческа.

Договорите на „Финзи“ и на „НВСП“ со министерството за внатрешни не се објавени во базата за јавни набавки, веројатно затоа што МВР ја искористила законската можност да не ги објавува овие договори повикувајќи се на доверливост на податоци.

Како што веќе пишуваше БИРН, фирмата Финзи долго време ја брануваше јавноста, особено по самоубиството на директорот Коста Крпач, кој во април годинава си го одзеде животот во својот дом во Скопје.

Финзи е формирана 2009 година, а како сопственик се јавува фирма од Соединетите Американски Држави, Finzy LLC, лоцирана на 41 State Street Suite 106, Albany. Фирмата, според документите од САД, е регистрирана и е активна. Токму оваа адреса води кон мистериозната скопска фирма Ексико, бидејќи вториот газда на Ексико е фирмата Калвус ЛЛЦ, исто така лоцирана на адресата 41 State Street Suite, Albany.

И по смртта на Крпач, тој сè уште фигурира како директор на фирмата, бидејќи за да биде сменет, треба да се појават вистинските газди на оваа компанија и да извршат промени во Централниот регистар.

Финзи е сопственик на фирмата основач на порталот Нетпрес, но се наоѓа во мрежата на голем број домашни и офшор компании поврзани со високи функционери и бизнисмени.

shema1