Анализи

Сомнежи го следат судењето за тероризам

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Судењето на 37 лица, наводни членови и соработници на терористичка група Албанци, која минатата година се судри со македонската полиција во Куманово, го следат наводи за лажни сведоци и полициска бруталност.

Полицијата во Куманово во мај минатата година / Фото: МИА

Полицијата во Куманово во мај минатата година / Фото: МИА

Пишува: Семра Мусаи

На судењето на 29 наводни напаѓачи и осум соучесници, обвинети дека биле дел или ја помагале терористичката група која во мај минатата година се судри со македонските безбедносни сили за време на дводневната престрелка во Куманово, беа изнесени нови тврдења на одбраната, според кои, некои сведоци на обвинителството, биле инструирани да лажат пред судот.

Судењето се одвиваше зад затворени врати, но Артене Адеми Исеини, адвокатка на 11 обвинети лица во овој предмет, тврди дека заштитените сведоци кои сведочеле пред судот, биле подучени од обвинителите, да ја повторат верзијата на власта за случувањата во Куманово.

„Сведоците на обвинителството, на многу циничен начин ги опишуваа работите кои, веројатно, самите обвинители ги подучиле да ги кажат. Нивните сведочења се контрадикторни, конфузни и не го поддржуваат обвинението. Во некои делови, дури и ја компромитираат и полицијата и обвинителството“, изјави Исеини за БИРН.

Иако помина повеќе од една година од престрелката во Куманово, која се случи во мај 2015 година и која зад себе остави 18 мртви, вистината за она што се случило во дводневната престрелка и натаму е нејасна, вели Исеини.

Во обвинителниот акт се вели дека групата плански формирала терористичка група и за таа цел собрала пари, оружје, муниција и медицински материјали.

Според обвинителството, на 21 и 22 април 2015 година, тие најнапред ја нападнале и ја ограбиле полициската станица во планинското село Гошинце, во близина на границата со Косово.

Се додава дека тие го украле оружјето од полициската станица, кое, на 9 и 10 мај, било употребено при нападот на полициските сили во Куманово.

Седумнаесетмина од обвинетите не се од Македонија, туку од Косово; еден од нив има и косовско и германско државјанство.

Сите ги негираа обвиненијата и велат дека до престрелката дошло, бидејќи тие се бранеле од полицијата.

Адвокатката Исеини вели дека обвинитеството не успеало да ги докаже своите тврдења.

„Не се согласувам со обвиненијата за тероризам, бидејќи, на 9 и на 10 мај, овие луѓе не извршиле напад; напротив, полициските сили ја нападнале групата. Нема цивилни жртви, нема киднапирање, а тие се предале, со посредство на ОБСЕ“, изјави таа.

Исеини вели дека верува дека ќе бидат повлечени обвиненијата за тероризам и дека ќе бидат поднесени нови обвиненија против овие лица.

„Ќе бидат обвинети за нелегално поседување на оружје, за нелегален престој на територијата на Македонија и, евентуално, за убиство извршено во самоодбрана“, посочи таа.

Исеини истакна дека е можно овие лица да биле „наместени“ од власта.

„Ние, адвокатите, разбравме дека некој ги ‘наместил’ и ги изманипулирал овие лица, користејќи ги нивните патриотски чувства, или сакал да им се одмазди на некои учесници во конфликтот од 2001 година“, наведе таа.

Обвинувања за полициска бруталност

Адвокатите на одбраната на судењето повторно изразија загриженост поради наводната полициска бруталност против нивните клиенти, за време на нивниот транспорт од затворот до судот и назад.

„Тие биле удирани по тилот, ребрата, нозете, прстите им биле ставани во уста, а главите врзувани за под, а исто така, им се заканувале и ги навредувале на етничка основа“, вели Исеини.

Народниот правобранител Иџет Мемети, кој што ги посети обвинетите во затворите во Скопје, Прилеп и Битола, вели дека забележал повреда на нивните права, за што има поднесено кривични пријави.

Мемети за БИРН изјави дека се истражуваат две негови кривични пријави, но дека обвинителството во Битола изјавило оти неговите наводи се неосновани.

Обвинителството во Скопје потврди дека има примено кривични пријави од Народниот правобранител и од адвокатите на обвинетите, и дека пријавите ги споиле во еден случај.

„Надлежниот обвинител интензивно постапува во овој случај“, изјавија за БИРН од Обвинителството во Скопје.

Заменикот министер за внатрешни работи, Агим Нухиу, вели дека е формирана комисија која ќе ги истражи наводите за полициска бруталност над обвинетите.

„Ги собираме жалбите, материјалните докази од другите институции, комуницираме со бројни институции, а ги следиме и медиумските извештаи, со цел да се открие вистината за овие наводи“, изјави Нухиу за БИРН.

Меѓутоа, министерот за правда, Валдет Џафери, изјави дека обвинетите во притворот не биле малтретирани, но не сакаше да даде коментар за она што наводно се случувало за време на нивниот транспорт до судот, тврдејќи дека тој не е надлежен за тоа.

„За време на притворот, со обвинетите се постапувало според законот“ изјави Џафери за БИРН.

Судењето би можело повторно да почне од почеток

Од судењето / Фото: МИА

Од судењето / Фото: МИА

Судењето би можело по втор пат да започне од почеток, велат адвокатите.

Во мај оваа година, судот реши судењето да го започне од почеток, откако предметите против наводните напаѓачи и нивните соработници, кои беа уапсени во октомври 2015 година во село во близина на косовската граница, беа споени.

Сега, кога се појави нов осомничен, судењето треба одново да започне“, тврди Исеини.

„По екстрадикцијата на новоосомничениот во овој случај, Сулејман Османи од Косово, во јуни оваа година, судот е должен да го започне процесот од почеток“, изјави таа.

Обвинителството потврди дека е подигнато обвинение против Османи, но не прецизира дали ќе предложи спојување на неговиот предмет со предметот на претходно обвинетите.

„Обвинителството поднесе обвинение против лицето кое беше екстрадирано, до Основниот Суд во Скопје. Во моментов, судот врши проценка на обвинението“, изјавија за БИРН од Обвинителството.

Во меѓувреме, од Основниот суд соопштија дека одлука за ова сѐ уште не е донесена.

„Не можеме да прејудицираме дали кумановскиот случај ќе започне одново или не, поради тоа што сѐ уште не е направена проценка на обвинението, додека спојувањето на двата случаи не е работа што судот може самостојно да ја одлучи, туку тоа треба го предложи обвинителот“, велат од судот за БИРН.

Османи беше уапсен во јули минатата година, во селото Летинце во близина на Витина, источно Косово.

Тој, по престрелката беше притворен од страна на македонската полиција, но успеа да избега неколку дена подоцна, кога полицијата го однесе на локацијата на која што тој требаше да го посочи местото каде што имало скриено складиште на оружје, а кое се наоѓа во планински предел близу до границата со Косово.

Барање за истрага

Престрелката во Куманово се случи во услови на длабока политичка криза во Македонија, до која дојде откако опозицијата излезе со тврдењето дека поранешниот премиер Никола Груевски наредил незаконско следење на околу 20.000 луѓе.

Снимките со прислушуваните разговори кои минатата година ги објави опозицијата открија сложена мрежа на корупција, мито и манипулација.

Лидерот на опозициските социјалдемократи, Зоран Заев, по крвопролевањето во Куманово изрази загриженост дека Владата на Груевски ја користи престрелката за да го одвлече вниманието од политичката криза во земјата.

Неколку денови по крвопролевањето, македонскиот министер за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, поднесоа оставка.

Во оставката поднесена до парламентот, тие образложија дека нивното заминување не е врзано со настаните во Куманово.

Сомневањата што ги изрази опозицијата и некои политички набљудувачи, дека престрелката била политички договор, за да се оттргне вниманието од политичката криза која ја потресе владата на Груевски, исто така, останаа непотврдени.

Одбраната бара доказите што ќе бидат изведени пред суд да ги вклучат и снимките на телефонските разговори направени од страна на разузнавачки служби на други земји, како и на Македонија, кои, наводно, покажуваат дека власта и платила на групата 2 милиони евра, за да ја изврши оваа операција во Македонија.

Неколку земји на ЕУ, вклучувајќи ја и Германија, ги поддржаа локалните барањата за меѓународна истрага на судирите.

Судењето продолжува.

Сторијата е објавена на Балканска транзициска правда