Анализи

Буџет од 3,3 милијарди евра во цајтнот

Во пресрет на изборите, во временски теснец, власта крои досега најголем буџет

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Според предлогот на власта, што пред јавноста го претстави министерот за финансии Кирил Миноски, Владата догодина планира да потроши вкупно 3,35 милијарди евра што е за 175 милиони евра, односно 5,5%, повеќе отколку годинава.

Од друга страна, од даноци, придонеси и други давачки за граѓаните и фирмите, властите планираат во државната каса да инкасираат 3,05 милијарди евра, што значи дека ќе се потрошат околу 300 милиони евра повеќе пари од приходите, коишто ќе се обезбедат со задолжување на државата. Тоа е, всушност, буџетскиот дефицит којшто следната година треба да изнесува 3% од бруто домашниот производ (БДП).

Најголем дел од парите, властите планираат да ги потрошат за тековни потреби – дури 2,9 милијарди евра за плати на јавната администрација, пензии, субвенции, други социјални трансфери, стоки и услуги

Најголем дел од парите, властите планираат да ги потрошат за тековни потреби – дури 2,9 милијарди евра за плати на јавната администрација, пензии, субвенции, други социјални трансфери, стоки и услуги, додека пак, за инвестиции во патната, железничката, енергетската, комуналната инфраструктура – планирани се 438 милиони евра. Поточно, 87% од сите народни пари ќе се трошат тековно, додека за инвестиции ќе се одвојат само 13%.

Тоа го карактеризира државниот буџет како доминантно социјален, иако како годишен план за финансирање на функциите и обврските на државата, мора да биде развоен. Сепак, според властите, сумата што е одвоена за капитални инвестиции догодина е рекордно висока и тоа го прави буџетот најразвоен досега.

„Во рамки на буџетските средства наменети за капитални расходи предвидени се значајни инвестициски вложувања во изградба на автопатот на Коридор 10 и железничката, енергетската и комунална инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството“, изјави Миноски.

Според него, предвидено е вложување во енергетската и комунална инфраструктура за што се проектирани капитални инвестиции во износ од 56,6 милиони евра, како и продолжување на активностите околу изградбата на Националниот гасоводен систем.

budzet-final

Економски раст од 3%

Буџетот за 2017 година е работен врз основа на проекција за раст на економијата од 3% следната година.

Министерот за финансии Миноски изјави дека ова е реална проекција, бидејќи во неа се инкорпорирани предвидувањата за глобалниот раст следната година, ефектите од Брегзитот, кои ќе влијаат на забавување на растот во земјите на ЕУ, како и очекувањата за домашната состојба, односно разрешување на политичката криза по завршување на парламентарните избори.

Според него, „растот на економската активност ќе биде придвижен од извозот, кој се предвидува да забележи реален раст од 6%. Увозот е предвидено да забележи раст од 4,7%, со што нето-извозот би имал благ позитивен придонес кон економскиот раст“.

Бројките од буџетот за 2017 година предвидуваат и пораст на бруто-инвестициите од 4,5%, приватната потрошувачка да се зголеми за 2,1%, а јавната за околу 1,3%. Стапката на инфлација се очекува да остане на ниво од 1%, а се очекува вработеноста да се зголеми за 1,8%. Просечната бруто плата во земјата треба да забележи номинален раст од 1,8%.

Проекциите на меѓународните финансиски институции не отстапуваат во голема мера од проценките на Владата за економскиот раст. Така, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) проценува дека македонската економија догодина ќе порасне 3,6%, додека пак, Светската банка, предвидува дека растот ќе биде 4%. Народната банка, исто така оценува дека растот догодина ќе достигне 4%.

Проектирано задолжување

Дел од економистите коментираат дека проектираниот буџет за 2017 година од економски аспект изгледа коректно.

„За поздравување е одлуката дефицитот да се сведе на 3% од БДП, што е во насока на фискална консолидација и се надевам дека и реализацијата ќе биде во таа рамка, односно нема со ребаланси во текот на годината овој дефицит да се пробива. Исто така, проекцијата за раст на економијата од 3% во моментов изгледа разумна, под претпоставка дека со изборите, политичката криза барем делумно ќе се реши, а со тоа и стегите од неа врз економијата ќе попуштат. Износот на капиталните расходи е добар, меѓутоа очекувам дека при прва потреба за ребаланс, ќе се крати од нив, како што се правеше претходните 10 години“, оценува универзитетскиот професор Марјан Петрески.

Интересно е што и покрај издавањето на еврообврзницата во јули годинава со којашто државата се задолжи за 450 милиони евра за да се финансира буџетскиот дефицит до крајот на 2016 година, но и во текот на 2017 година, сепак, во буџетот се предвидени нови задолжувања од вкупно 576,7 милиони евра. Од нив, половина ќе се позајмат од домашните кредитори, а другата половина од странство.

Професорот Петрески укажува дека токму предвидениот висок износ на задолжување во предлог-буџетот е изненадување, особено странското задолжување, кое најверојатно ќе значи издавање нова еврообврзница.

„Тоа е изненадувачки, имајќи предвид дека еврообврзницата од јули годинава требаше да покрие и дел од потребите од 2017 година, така што барем моето разбирање беше дека задолжувањето следната година ќе се намали, односно дека добар дел од дефицитот ќе се покрие од депозитните сметки. Во моментов се предвидува ново странско задолжување од близу 300 милиони евра, колку што изнесува и самиот дефицит, како и толкав износ на домашно задолжување“, коментира Петрески.

Аналитичарот Бранимир Јовановиќ, вели дека овој буџет не се разликува многу од претходните на оваа Влада. „Иако министерот за финансии буџетот го претставуваше како развоен и во фокусот ги стави инвестициите, тоа е сепак само пропагандистичко претставување на буџетот во пресрет на изборите. Вкупните расходи се зголемуваат за околу 11 милијарди денари, од што 7 милијарди се за тековни трошоци, а само 4 милијарди за инвестиции“ вели тој.

Според него, високото проектирање на инвестициите е присутно и во претходните буџети, но потоа таа сума се намалува.

„Инвестициите навистина се проектирани на рекордно ниво (27 милијарди денари), но и лани беа проектирани слично вака (26 милијарди денари), па во првите 7 месеци оваа година се реализирани само 31% од овој износ. Понатаму, кај тековните расходи главни се пензиите (раст од 2 милијарди денари) и трансферите и субвенциите (1 милијарда), што покажува дека Владата продолжува да троши клиентелистички“, оценува Јовановиќ.

budzet1

(Не)легитимно носење на Буџетот

Опозицијата и актуелната власт имаат различни ставови околу неопходноста од носењето на буџетот за 2017 година пред одржувањето на изборите.

Дополнителниот заменик министер за финансии, Кире Наумов, неодамна коментираше дека од правен аспект не е спорно техничката влада да донесе буџет, меѓутоа, проблематично е што се носи набрзина пред изборите.

„Ние тврдиме дека сега пред избори вака набрзина да се носи буџет е политичко – финансиско насилство и треба да се донесе одлука за времено финансирање, а новата влада, кога ќе се формира во јануари, ќе го донесе новиот буџет“, изјави Наумов.

Околу неопходноста од носењето на буџетот за 2017 година, односно евентуалното времено финансирање како што бара опозицијата заради предвремените парламентарни избори во декември, министерот Миноски рече дека нивна обврска е да го изготват предлог-буџетот и да го достават до Собранието, а пратениците ќе одлучат дали ќе се донесе во предвидениот рок до распуштање на Парламентот или ќе се оди на времено финансирање.

„Временото финансирање е опција која се користи во услови кога не е можно да се донесе буџет. Постојат одредени негативни аспекти од временото финансирање пред сѐ во однос на обврските кои се преземени во меѓувреме, а не биле опфатени во претходната година, заради тоа што во основа се зема трошењето во првиот квартал од претходната година. Дополнителна негативна страна е неможноста да се преземаат дополнителни обврски“, рече Миноски.

Економистите исто така имаат дилеми околу легитимноста на буџетот за 2017 година, бидејќи се носи пред парламентарни избори од кои треба да произлезе нова влада.

„Нелегитимно е носењето на буџетот во вакви услови. Нелегитимно е буџетот за следната година да го предлага Влада која има мандат да организира избори. Нелегитимно е и Собрание пред распуштање да усвојува буџет за следната година. Сметам дека е и нетипично буџет да се носи толку рано, уште во септември, само неколку дена по ребалансот на буџетот за претходната година. Од политичка гледна точка, буџетот за 2017 треба да му се препушти на Собранието и Владата кои ќе бидат избрани на изборите. Тој што ќе победи на изборите, тој треба да ги креира економските политики за догодина“, оценува Јовановиќ.

Професорот од Економскиот факултет и поранешен министер за финансии, Трајко Славески, пак, вели дека не му се разбирливи предлозите на некои од економистите кои заговараат времено финансирање.

„Сосема легитимно е актуелната власт да го достави предлог–буџетот до Собранието, секако ако се завршени сите подготовки и процеси, а временото финансирање е алтернатива за исклучителни прилики или околности. Државата функционира континуирано без оглед кој ја претставува. Доколку дојде до промена на власта од јануари, мислам дека има простор во актуелната буџетска рамка да ги приспособи своите приоритети и има начини како да се направи тоа. Непотребно се политизира целиот буџетски процес“, оценува Славески.

Спротивставените ставови на власта и опозицијата околу трошењето на народните пари кулминираа во 2012 година, на 24 декември кога се случи инцидент во Собранието, и пратениците и новинарите пред очите на јавноста беа извадени надвор од собраниската сала за да може власта да го изгласа буџетот. Тој ден остана запаметен како „црн понеделник“ во историјата на независна Македонија. Секое спомнување на евентуална реприза на случувањата од тој ден звучи застрашувачки, како „темпирана бомба“ којашто може да го разнесе предизборниот процес и секој договор што досега го постигнаа политичките партии.

Настрана партиските позиции се чини дека е и технички тешко изводливо да се изгласа буџетот за 2017 година низ сите собраниски процедури, ако се знае дека пратениците би требало да имаат најмалку 20 дена за негово разгледување до пленарната седница на Парламентот, а тоа значи дека битката на пратениците од опозицијата и власта околу начинот на трошењето на народните пари ќе се води ден–два пред официјалното распуштање на Собранието на 12 октомври.