Актуелно

Обележаните „ѓуленисти“: „Во сопствената држава нè прогонуваат странци“

Луѓето од обележаните организации го бараат спасот во сувереноста на Македонија

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

„Веднаш штом ќе ја одминете стоковната куќа „Мост“, на самиот влез од Турската чаршија, од десната страна ќе видите голем натпис „Башак“”, вака љубезната секретарка ни објасни каде е туристичката агенција која деновиве осамна на црната листа со наводни соработници на „терористичката организација на Фетхулах Ѓулен “.

Локацијата е прилично ачик место за едно упориште на терористичка ќелија, би се пошегувале Турците, меѓутоа, воопшто не е смешно тоа што официјална Анкара побара и Македонија да дејствува против „следбениците на проповедникот Ѓулен“ во земјава.

Луѓето од посочените организации ги загрижува фактот што македонските власти не кријат оти планираат да му помогнат на Ердоган во чистката по неуспешниот пуч, само бараат законски начин како тоа да го реализираат.

Ова минатата недела јасно го соопштија шефот на дипломатијата – Никола Попоски и неговиот колега од МВР – Митко Чавков, додека претседателот Ѓорге Иванов не мораше ништо да каже, доволно беше што отиде на гости кај Реџеп Таип Ердоган.

Туристичката агенција „Башак“ работи во Скопје веќе 10 години

Туристичката агенција „Башак“ работи во Скопје веќе 10 години

Спасот го бараат во сувереноста на Македонија

„Ова е моја земја, роден сум тука и пораснав во чаршијата. Можете само да замислите како е кога некој од странство доаѓа и нѐ гони во нашата татковина. Се надевам дека Македонија е правна држава и оти суверенитетот е нашето најголемо богатство“, вели 33-годишниот директор на „Башак“, Семи Шахин.

Сите во неговото семејство, уште од прадедото биле стари скопјани, а татко му го познавале во градов по тоа што продавал чанти во чаршијата.

Со Шахин и со еден од петте сопствениците на „Башак“, турскиот државјанин Омер Фарук Алп, разговаравме во нивната малечка канцеларија, пиејќи турски чај.

„Јас и моите ортаци игла не сме кренале на никого, не ги знам нивните политички ставови, ние за тоа не разговараме. Никој од нив, ниту, пак, нивните семејства во моментов не се засегнати од власта на Ердоган. Затоа не знам како се најдовме на листата, можеби некој од Турција, близок до тамошната влада сака да ни го преземе бизнисот“, Шахин ни ги преведе од турски зборовите на неговиот газда, кој разбира, меѓутоа тешко говори македонски.

„Башак“ функционира во Македонија од 2006 и како што вели директорот Шахин, се работи за респектабилна агенција со А-лиценца, што значи дека може да работи сѐ во туристичкиот сектор, дури да организира и чартер-летови.

Многу скопјани летуваат преку „Башак“, меѓутоа агенцијата е позната по таканаречените инкаминг-тури, односно преку неа најчесто турските туристи ги посетуваат Македонија, Албанија и Косово.

Велат бизнисот засега не им трпи поради лошите вести, бидејќи главните тури од Турција доаѓаат на пролет и во есен и додаваат дека досега македонските власти не ги контактирале во врска со листата на турската државна информативна агенција „Анадолија“.

Без никаква ограда македонското издание на „Анадолија“ ја обележа агенци

Странски туристи пред агенцијата „Башак“ во Скопската чаршија

Странски туристи пред агенцијата „Башак“ во Скопската чаршија

јата „Башак“ како упориште на терористичката организацијата водена од Ѓулен (ФЕТО). Покрај агенцијата, проблематични за „Анадолија“ се и училиштата „Јахја Кемал“, неделникот „Заман Македонија“, организациите „Седеф“, „Шафак“ и „Толеранс“, синџирот маркети ЕВАР и транспортната компанија „Реинбоу“.

„Иако слушаме озборување во нашето опкружување, не можеме да кажеме дека некој ни се заканил, луѓето, сепак, нè познаваат“, вели Шахин.

Барајќи заеднички именител меѓу посочените организации и фирми, директорот на „Башак“, Семи Шахин, за БИРН вели дека „Реинбоу“ е негова транспортна компанија, а врската со „Јахја Кемал“ е само тоа што ги носеле нивните ученици на екскурзија по европските метрополи.

Шокирани и гневни

Со редакцијата на неделникот „Заман Македонија“ и со нивниот заменик уредник Ахмет Османи контактиравме преку е-пошта.

„Шокирани сме и гневни, затоа што нѐ обвинуваат за пучот и нѐ поистоветуваат со терористи. Новинарството е најтранспарентната работа, сѐ што сме објавиле овие 22 години, сѐ е на виделина. Ниту еднаш не сме имале судски спор во Македонија, не сме добиле казна ни од едно евро и не сме биле лоши со никого. Секогаш сме фалени, зашто нашите публикации ги зближуваат различните етнички групи во земјава“, вели уредникот Османи во неговиот допис до БИРН.

Исто како и луѓето од „Башак“ и тој вели дека го успокојува фактот што Македонија е независна и суверена држава.

Уредникот на „Заман Македонија“ потенцира дека Фетхулах Ѓулен не е ниту сопственик, финансиер или менаџер на весникот, иако тој лично имал доста придобивки од проповедникот.

Француското и белгиското издание на „Заман“ престанаа да работат, од страв поради смртните закани за новинарите

Француското и белгиското издание на „Заман“ престанаа да работат, од страв поради смртните закани за новинарите

„Со поттикот на овој човек голем број бизнисмени го избрале патот кон универзалниот мир преку образование, социјално-хуманитички и медиумски активности во 170 земји.“

Ахмет Османи сѐ уште не може да верува дека фактурата за неуспешниот пуч ќе ја платат новинарите.

Тој вели дека наместо да се откријат докази за пучот, сѐ повеќе се зголеми бројот на прашања. „Овој најбизарен обид за државен удар во историјата, голем број интелектуалци во светот го споредуваат со пожарот во Рајхстагот измислен од страна на Хитлер за да ја уништи опозицијата.“

Прогонот на неистомислениците со Ердоган, вели тој, резултирал со тоа што весниците „Заман Франција“ и „Заман Белгија“ одлучиле да престанат со работа, поради смртните закани од симпатизерите на турската власт во овие држави.

Доколку официјална Анкара побарала и затворање на весникот, тоа нема да биде прв пат за кратко време Турција да бара укинување медиум во соседна држава поради содржината што ја објавува.

Како што објавија светските медиуми, пред неколку недели Азербејџан затвори телевизија, бидејќи планирала да емитува интервју со Фетхулах Ѓулен. Властите ѝ ја одзеле дозволата на телевизијата повикувајќи се на законот кој дозволува такво нешто, доколку медиумот емитува екстремистичка пропаганда или дискриминира етнички заедници.

„Јахја Кемал“ главна мета

Дел од медиумите веќе објавија оти едно од барањата на Анкара е да се затворат училиштата „Јахја Кемал“ и дека македонските власти не ги демантираат овие шпекулации.

БИРН контактираше неколку претставници на ДУИ, партијата чиј кадар го води Министерството за образование, меѓутоа оттаму одбија да коментираат што и да е во врска со овој случај, додека министерот Пиштар Лутфиу пред двесетина дена во изјава за Алсат-М беше дециден дека „Јахја Кемал“ работи според македонските прописи и нема причина да се затвори.

Портпаролот на училиштето, Сурија Таук, за БИРН вели дека неформално има известување оти Министерството за образование останува на овој став.

„Дваесет години немало никаква забелешка за нашата работа и сега имаме поддршка од многу страни“, вели Таук.

Училиштето „Јаха Кемал“ нема да се затвори, уверуваат од раководството

Училиштето „Јаха Кемал“ нема да се затвори, уверуваат од раководството

Образовната институција „Јахја Кемал“ е присутна во Македонија точно дваесет години и во моментов неколку илјади ученици посетуваат настава во осум средни и основни училишта во Скопје, Гостивар, Тетово, Струга и во Струмица.

Сопственици на училиштата се седум физички лица, по еден од Македонија и од Германија и пет од Турција.

Од она што го дознавме од вработените во „Јахја Кемал“, сопствениците не сакале да бидат етикетирани како ѓуленисти, немале финансиски врски со Ѓулен, меѓутоа не криеле дека се водат од неговите идеи, како онаа дека „само образованието може да ја намали сиромаштијата и да придонесе за мир“.

За време на минатомесечниот собир за поддршка на Ердоган, група млади луѓе искинаа листови за дипломи брендирани со логото на „Јахја Кемал“ пред училишната зграда, додека организаторот на протестот, Тахсин Ибрахим, тогаш за БИРН изјави дека „ќе се кинат уште многу дипломи“.

Тешки обвинувања за тероризам

Ако се следи вордингот на турската новинска агенција и врз основа на него се прават претпоставки, излегува дека Турција ги обвинува овие институции дека се „поврзани со терористичката организација ФЕТО“.

Тоа преставува сериозно обвинување, кое и според македонските закони е тешко кривично дело за кое следат високи казни, иако, се разбира, турската страна и македонските власти би требало да обезбедат сериозни докази дека некој во Македонија поддржувал или помагал пучисти, или како што Турција ги нарекува, терористи.

Правно-судска соработка меѓу постпучистичка Турција и нејзините соседи во случајот со Бугарија се спроведе сосема мазно, во духот на добрососедските односи, бидејќи летово Софија ѝ предаде на Анкара политички азилант, иако според бугарскиот премиер Бојко Борисов, целата операција била спроведена „на работ од законот“.

Семи Шахин е директор на „Башак“ и сопственик на „Реинбоу“, двете фирми од црната листа на „Анадолија“

Екстрадицијата се спроведе без премногу врева, без притоа полицијата да ги извести Народниот правобранител и релевантните невладини организација, процедура што ја пропишува бугарскиот закон.

Станува збор за 43-годишниот сопственик на софтверска компанија, Абдулах Булук, кој при крајот на 2015 побарал азил во Бугарија. Двата софиски суда, основниот и апелацискиот, во март одбија да го пратат во Турција, сметајќи дека не му е загарантирано фер судење во татковината.

Оваа одлука Борисов ја бранеше со аргументите дека таа била во интерес на Бугарија и на добрите релации со Турција и оти не смеел да дозволи поплава од мигранти во неговата држава.

Сиромашните африкански земји Судан, Нигерија и Сомалија, кои зависат од турската помош, ги затворија сите ѓуленистички институции, вклучувајќи училишта, болници и компании.