Анализи

Катастрофално решение за катастрофални медиуми

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
Автоматско преземање на странски модел кај нас може да ја зацементира и онака доминантната позиција на власта / Фото: Роберт Атанасовски

Автоматско преземање на странски модел кај нас може да ја зацементира и онака доминантната позиција на власта / Фото: Роберт Атанасовски

Излезот од политичката криза во Македонија не може да се бара надвор од решавањето на кризата во медиумскиот систем. За жал, во продолжението на договорот од Пржино, од јули годинава, владејачката партија повторно не дозволи да се чепне ни едно од клучните барања за медиумски реформи. Особено две прашања беа како „коска во грло“ за партијата на власт: државното рекламирање (кое, впрочем, власта сега повторно се обиде да го протурка во Собранието во облик на предлог закон) и регулаторното тело – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Се виде дека за ВМРО-ДПМНЕ решавањето на овие две прашања беше точка за која нема никогаш да отстапи во преговорите, бидејќи со парите од Буџетот дадени во медиуми долгорочно ја купува сервилноста на сопствениците и уредниците, а преку политичките послушници во регулаторното тело си обезбедува структурно влијание и контрола врз најголем дел од радиодифузните медиуми. Така, во јули, во однос на прашањето за медиумски реформи, политичките преговори завршија со решенија што се „фарса“ во однос на напластените проблеми во медиумската сфера и се однесуваат само на периодот од 100 дена пред изборите.

Во однос на клучното барање за департизација на регулаторот не се направи ништо, ама наместо тоа, се прифати едно катастрофално решение: да се формира времена комисија (ад-хок тело) кој во период од 100 дена пред изборите, колку-толку, ќе се обиде да ја коригира или контролира катастрофално политизираната улога на регулаторот, која е највидлива преку позицијата на директорот на Агенцијата.

Политичките преговори завршија со решенија што се „фарса“ во однос на напластените проблеми во медиумската сфера и се однесуваат само на периодот од 100 дена пред изборите

Членовите на ова тело, без јавно утврдени критериуми, беа директно предложени од партиите, што е преседан кој не постои во ниту една друга земја и што е спротивно на принципите на номинација и избор на регулаторните тела. Друго, формирањето на ова тело е дуплирање на постојниот Совет на Агенцијата, кој всушност треба да ја има таа надлежност да одлучува за мерките што ќе им се изрекуваат на медиумите. Според тоа, се создаде една целосно извртена ситуација во регулаторот.

Второто важно прашање што овде се поставува е како ќе се врши мониторингот на известувањето на медиумите во периодот од 100 дена пред започнувањето на кампањата. Ако целта на политичкиот договор од јули беше да се обезбеди некако баланс и непристрасност во известувањето за политичките субјекти и во овој период, тогаш прашањето требало да се уреди во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Наместо тоа, целото прашање е оставено на регулаторот кој со измена на Методологијата за мониторинг треба да го осмисли ова сложено прашање.  Со други зборови, една од демократските цели на регулацијата на медиумите е во законот да се обезбедат гаранции или механизми што ќе ги обврзат медиумите (зборуваме пред сѐ за радиодифузните медиуми) во вестите да известуваат непристрасно за политичката реалност, односно на граѓаните да им претставуваат објективна и балансирана слика за различните политички гледишта. Ова во медиумската политика се нарекува „политички плурализам во медиумите“.

Секој радиодифузер е должен балансирано да известува за сите политички гледишта (внатрешен плурализам) и сите радиодифузери во целина треба да ја рефлектираат политичката разноликост во реалноста (надворешен плурализам). Се разбира, овие обврски се особено строги за јавниот радиодифузер, но важат и за приватните телевизии, бидејќи тие имаат огромно влијание врз јавното мислење.

Во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ова прашање е уредено на ниво на општи начела (член 61 и член 111), а тоа е така уредено и во регулативата на најголем број други европски земји во кои новинарството е професионално и не е политички инструментализирано. Но, има и земји (како на пример Франција и Шпанија), во кои ова прашање е предмет на построга законска регулација поради фактот што, традиционално, медиумите биле почесто предмет на политичка иструментализација од страна на партиите.

Во Методологијата за мониторинг изработена од стручната служба на Агенцијата, всушност, се предлага и кај нас да се воведе некаков прилагоден модел на законско регулирање на политичкиот плурализам и во периодот надвор од избори, што воопшто не е спорно, бидејќи кај нас инструментализацијата на новинарството (особено на телевизиското) е огромна, професионалните и етичките стандарди не се почитуваат, а саморегулацијата тукушто почнала.

Меѓутоа, преземањето на кој било странски модел кај нас мора да се направи многу внимателно, имајќи го предвид нашиот политички контекст, во кој цела една деценија медиумите се користат за манипулација со јавното мислење.

Ако знаеме дека ВМРО-ДПМНЕ секое редовно појавување на екраните го користи за себепромоција, според предложениот модел, медиумско време во вестите за владејачката гарнитура ќе биде 20 спрема 5 минути за опозицијата

Имено, со Методологијата беше предложено, како и во францускиот модел, опозицијата да добие најмалку половина од времето посветено на гледиштата на позицијата, а притоа известувањето за редовните активности на претставниците на власта да не се смета во вкупното време. Така, на пример, во едно издание на вести, ако гледиштата на партијата на власт се застапени со 10 минути, опозицијата треба да добие најмалку 5 минути, а известувањето за протоколарни и други редовни активности на премиерот и другите функциониери од партијата на власт да изнесува и допонителни 10 минути.

Ако знаеме дека ВМРО-ДПМНЕ секое редовно појавување на екраните го користи за себепромоција, тогаш вкупно позицијата ќе добие 20, а опозицијата 5 минути. Ваквото поедноставување на работите покажува дека, всушност,  автоматско преземање странски модел кај нас може да ја зацементира и онака доминантната позиција на власта.

Но, освен квантитативниот аспект на  понудениот модел отвора  и многу други дилеми: како ќе се оценува кое гледиште е позициско, а кое опозициско, како ќе се мерат гледиштата на независните организации и експерти кои, често, изнесуваат ставови „на линија“ на опозициските, кои критериуми ќе се користат за да се утврди какво е известувањето според приодот на новинарот, колку прекршувања треба да направи еден медиум за да биде казнет итн. Се поставува и прашањето како ќе функционира ад-хок телото кога ќе ги разгледува резултатите од мониторингот и ќе му предлага мерки на директорот.

Но, дури и да се разрешат сите овие дилеми, повторно е неопходно да се нагласи дека предложените решенија не можат преку ноќ да ја променат состојбата што ја имаме во медиумите и новинарството.

Во провладините медиуми сѐ уште работат уредници и новинари кои свесно „се определиле“ да ѝ служат на власта, а не на граѓаните и на професионалното новинарство. Јавното мислење кај нас со години е „моделирано“ од ваквите новинари, но и од другите облици на притисок и клиентелистичка практика на партијата на власт, така што потребни се години тоа да се деконтаминира од целото политичко загадување.

Авторката е професор по медиумско право на Институтот за комуникациски студии