Регион

Помирувањето не е соодветен збор за жртвите на војната во Косово

Дие Морина, Приштина

Од претставувањето на извештајот на конференцијата што во вторник се одржа во Приштина. Фото: БИРН

Семејствата на косовските Албанци и српските жртви на војната, сакаат зборот ‘помирување’ да го заменат со фраза која подобро би ја отсликала постконфиктната реалноста во Косово, се вели во истражувањето што во вторник го објави Центарот за истражување, документирање и публикација.

„Постои согласност меѓу семејствата на жртвите и семејствата на исчезнатите, дека зборот ‘помирување’ не е соодветeн за тој процес, за локалниот контекст и за разбирањето”, се вели во извештајот на истражувањето под наслов „Деконструкција на помирувањето во Косово”.

„Нивниот став е дека овој термин, таков како што е, му нанел повеќе штета, отколку добро, на процесот на соочување со минатото”, се додава во извештајот.

Нора Ахметај, уредник на извештајот, истакна дека зборот ‘помирување’ само предизвикува иритација кај жртвите.

„Кога ќе се спомене помирувањето, тоа се врзува за заборавањето, како некој да бара од нас да му простиме и да заборавиме што се случило во минатото”, рече Ахметај.

„Семејствата на жртвите инсистираа, а и ние се согласивме дека зборот ‘помирување’ треба да се замени со фразата ‘да живееме едни со други во солидарност’“, додаде таа.

Истражувањето покажа дека постои голема разлика меѓу Албанците и Србите на Косово, кога станува збор за утврдување на вистината, добивање на правдата и постигнување на простувањето.

“Концептот на извинување е далеку најконтроверзен концепт, бидејќи покажува огромна разлика меѓу различните етнички групи (особено Србите и Албанците) за тоа како тој се сфаќа и како на него се гледа, како и од кого се очекува да се извини, ако е тоа воопшто соодветен збор за чувството што жртвите го очекуваат“, се вели во извештајот.

Ахметај, исто така, истакна дека истражувањето покажува дека постои недостиг на комуникација меѓу Србите и Албанците.

„Албанските испитаници инсистираат на извинување и на тоа дека српските власти треба да се сметаат за одговорни за злосторствата што ги извршиле”, објасни Ахметај.

Од друга страна, српските испитаници сметаат дека „секое злосторство е индивидуално”.

Извештајот препорачува усвојување на нов пристап кон помирувањето.

Се предлага, косовската влада и меѓународната заедница, да „развијат пристап кон помирувањето, од дното кон врвот”.

Косовската влада треба да разгледа пилот-проекти кои им овозможуваат на Србите и на Албанците во Косово да работат заедно, „бидејќи помирувањето помеѓу државите може да потрае многу долго”, се додава во извештајот.

Во него се наведува дека Европската унија треба да ги удвои своите напори и да ги убеди косовските институции да го спречат неказнувањето на воените злосторства.