Вести

Поништен договорот за Смарт Аеродром

Конзорциумот не доставил банкарска гаранција

Се изјалови јавното-приватно партнерство со кое Аеродром требаше да стане смарт-општина. За разлика од гласната најава лани пролетта дека локалната самоуправа избрала приватен партнер и потпишала договор со него, јавно не беше соопштено дека договорот е раскинат само три месеци по неговото потпишување.

Со договорот со конзорциумот што го предводеше белгиската компанија „Кресцент“ се предвидуваше во општината да се постави лед-осветлување со кое ќе се намалат сметките за струја, потоа да се обезбеди систем за изнајмување електрични тротинети и велосипеди, да се постават дигитални информативни дисплеи и да има бесплатни зони за интернет и полначи за електрични автомобили.

Во март, тогашниот опозициски лидер, а сегашен премиер Христијан Мицкоски, не чекајќи ја реализацијата на проектот, објави дека Аеродром „стана првата смарт-општина во Македонија“. Тој, оваа изјава ја даде кога поранешниот градоначалник Тимчо Муцунски и претставникот на белгиската компанија „Кресцент“, Ерик ван Зеле, го потпишаа договорот за јавно-приватно партнерство вреден десет милиони евра.

Требаше да трае 13 години, во кои конзорциумот предводен од „Кресцент“ ќе инвестираше, а за возврат општината месечно ќе им исплаќаше 72,5 отсто од комуналната такса за јавно осветлување.

Но, на трети јуни, договорот го поништува Муцунски, кој во тој период сè уште е прв човек на општината. Тој носи одлука за еднострано раскинување поради неисполнување на обврските од страна на приватниот партнер.

БИРН ја доби одлуката од Општина Аеродром. Во неа се наведува дека јавното-приватно партнерство се раскинува поради „битна повреда на обврските од приватниот партнер, односно поради недоставување банкарска гаранција за навремено и квалитетно извршување на обврските од договорот“.

Во договорот, пак, се предвидуваше во рок од 15 дена по потпишувањето, фирмата да ја достави банкарската гаранција, која требало да изнесува десет отсто од вредноста на договорот.

Паметните светилки во Аеродром беа и предизборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2021 година. Огласот за избор на партнер беше објавен во декември 2023 година, а на него се пријави само еден кандидат.

Сегашаниот в.д. градоначалник на Аеродром, Дејан Митески, за БИРН вели дека општината моментално работи на детална анализа на постоечката студија и дека ги разгледуваат предностите и недостатоците на предложените решенија, вкупните трошоци за нивна имплементација, но и причините за неуспех на претходната постапка.

„Откако ќе ја финализираме оваа анализа, ќе излеземе со соодветно и издржано предлог-решение, кое ќе ги одразува потребите на граѓаните и ќе обезбеди ефикасно и одржливо функционирање на јавното осветлување“, вели Митески.

Инаку, на промоцијата на проектот минатата пролет, сегашниот премиер Мицкоски го фалеше проектот.

„Општина Аеродром стана првата смарт-општина во Македонија, денес се потпиша проект со компанија, која котира на белгиската берза“, рече тогаш Мицкоски, уверувајќи дека се работи за „фантастичен  проект“, кој е доказ дека и на локално ниво може да се постигнат, како што рече, европски успеси.

Белгиската компанија досега има работено слични проекти во Хрватска и во други европски градови. Во конзорциумот беа и „Капитал Алајнс груп“, регистрирана во Британија, а во сопственост на македонскиот државјанин Љубомир Ракита. Втората фирма што требаше да учествува во реализација на проектот беше СИИ- смарт инсталација и интеграција, локална фирма, која до неодамна имаше друго име, „Електромикиица“, и соработуваше и со други општини.