Војната во Украина ги зоврива односите меѓу САД и европските земји поради различниот пристап како да ѝ се стави крај, но тоа е само една точка на раздор меѓу овие два блока. САД веќе воведоа царини за повеќе земји, а најавија такви мерки и за производите од ЕУ, на што Унијата најави дека ќе возврати. Сѐ поотворената поддршка од САД за партии и политичари од европската крајна десница, пак, заедно со тврдењата на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс дека во Европа немало слобода на говор, не само што го продлабочуваат јазот, туку создаваат и внатрешни политички проблеми во европските земји.
Уште повеќе, Европа влегува во двоен безбедносен ризик бидејќи од една страна во САД се води кампања за излегување од НАТО и повлекување на американските војски од континентот, а од друга се нафрлаат идеи за преземање на Гренланд, суверена територија на земјата-членка на ЕУ, Данска.
Оваа ситуација, која се разви со враќањето на старо-новиот американски претседател Доналд Трамп, и особено ескалираше со скандалот во Белата куќа минатата недела, се чини дека ги става во непријатна положба европските земји што се потпираат на блиски односи и со Европската Унија и со САД, без разлика дали се членки на ЕУ или имаат аспирации за членство. Сепак, се чини дека Македонија веќе избра страна – таа на САД.
Премиерот Христијан Мицкоски двапати патуваше во Вашингтон откако Трамп дојде на власт, а реши земјава да биде и коспонзор на Трамповата резолуција во Обединетите нации за ставање крај на војната во Украина, во која Русија не беше наведена како агресор.
За однесувањето на македонската дипломатија во овие турбулентни времиња разговаравме со Љупчо Поповски, новинар и аналитичар со повеќедецениско искуство во следењето на надворешната политика.
БИРН: Во услови на засилена конфронтација меѓу Европа и САД на повеќе теми (Украина, царини, територијални претензии), Македонија повеќе се наклонува кон страната на Америка. Какви последици може да има тоа за земјата од политички, економски, одбранбен и од друг аспект?
Поповски: Поточно е да се каже дека сегашната влада се приклонува кон САД. И тоа целосно, отворено, и без прикривање. Ситуацијата е навистина комплицирана за Македонија. Кога новата претседателка Гордана Сиљановска-Давкова ја презеде функцијата, таа веднаш изрази целосна и безусловна поддршка за Украина во нејзината праведна војна да се одбрани од агресијата на Русија. Таа зборуваше и по телефон со Зеленски и во тој разговор му рече на украинскиот претседател дека украинскиот народ може и во иднина да смета на македонското сојузништво и пријателство во справувањето со историскиот предизвик со трајни и несогледливи последици. Сиљановска-Давкова беше и на две мировни конференции за Украина, во Швајцарија и во Германија.
Сега претседателката молчи. А молчи особено откако Доналд Трамп по вторпат влезе во Белата куќа и откако македонската влада целосно влезе во новиот американски воз. Во американската трансакциска потрага по мир, Украина е оставена настрана, и како и со Минхенскиот договор од 1938 година, таа треба да ги дознае резултатите од „мировните преговори“. Македонија не може да очекува дека целосното ставање на американска страна во оваа комплицирана ситуација ќе биде заборавено од ЕУ. Го слушнавме тоа од неколку европски амбасадори акредитирани во Скопје.
Основната премиса во економијата е дека нема бесплатен ручек. Така ќе биде и со ова излегување од европскиот воз (во кој се сите членки на ЕУ, освен Унгарија и Словачка) и трчањето по американската композиција. Нема да биде изненадувачки ако еден ден, и тоа многу бргу, дојде сметката за плаќање. Ќе беше многу помудро во оваа битка на слоновите да се засолневме малку понастрана, а не да рипнеме на грбот, на американскиот. Бидејќи работите се многу конфузни, во овој момент не може да знаеме ни какви ќе бидат европските последици за нас. Но, веројатно е дека ќе ги има, па макар и илјадапати нашите министри повторувале дека сме усогласени сто отсто со европската надворешна и безбедносна политика. Овој случај покажа дека не сме.
БИРН: Колку може да се очекува од Македонија да се побара да застане исклучиво на едната страна во овој судир, не само на поединечни теми, туку целосно да се определи за едниот или за другиот курс? Колку, всушност, и треба да се определува и за поединечни теми, без некој да го побара тоа од неа?
Поповски: Проблемот не е дали било побарано од Македонија да застане на едната или на другата страна во овој судир. Проблемот е што Македонија нема надворешна политика, туку има само надворешна политика, која ја одредува премиерот Христијан Мицкоски. И, се разбира, неколкумина околу него со кои, претпоставувам, се конципира стратегијата. Одговорот „така одлучивме“ на новинарското прашање зошто нашата држава ја поддржала американската резолуција за Украина во ОН, а не онаа поддржана од ЕУ, го покажува точно тоа – дека тоа не е поширока стратегија за надворешната политика, туку концепција движена од партиски и од лични интереси, а не од национални и државни.
Неспорно е дека Македонија никогаш немала подобар пријател од САД во своите независни години и дека Америка ѝ помогнала безброј пати во нејзините најкомплицирани времиња, но зборовите „така одлучивме“ го отсликуваат волунтаризмот, кој долго време бил во подготовка. Уште од времето на американската претседателска кампања. Тоа се гледа и по начинот на кој реагира ВМРО-ДПМНЕ кога е доведена во прашање оваа одлука на премиерот. Тогаш партиската пропаганда притекнува на помош претставувајќи дека тоа е напад на самата нација. А ако се доведува во прашање проценката на премиерот Мицкоски, тоа значи дека тоа е навреда за македонскиот народ.
Мицкоски верува дека Македонија ќе биде дел од новиот светски поредок. Опозицијата се обидува да стави сомнеж на тој наратив, но премногу е претпазлива да не го налути американскиот сојузник и да биде исклучена од сите контакти на американските дипломати. Можеби сте забележале, но нема информации дека американската амбасадорка Анџела Агелер се сретнала со лидерот на СДСМ, Венко Филипче откако тој беше избран. Такви средби нема, американската амбасада комуницира само со актуелните власти, па опозицијата се обидува да го стопи тој мраз, некритикувајќи го ова драматично и целосно престројување на македонската влада.
БИРН: Кои се можните мотиви за овие потези на владата? Колку тоа се прави поради очекувања дека со посилна американска поддршка навистина може да се постигнат некакви надворешно-политички цели, а колку за да се покаже пред домашната публика дека владата стои рамо до рамо со актуелната американска администрација?
Поповски: Многу е нејасно какви би можеле да бидат мотивите на македонските власти. Еден од нив сигурно дека би можел да се стави во графата – притисок врз Бугарија да се откаже од можните нови пречки за нашата држава на патот кон ЕУ, за да може Бугарите да се внесат во Уставот, а да не настане политички слом за ВМРО-ДПМНЕ. Тоа баш и не изгледа како добитна стратегија. Америка има големи интереси во Бугарија. Софија порача 16 борбени ловци „Ф-16 блок 70“ и за нив плати 2,5 милијарди евра. Првиот авион веќе ѝ е испорачан.
Во ноември 2024 година се потпиша договор за САД да ја надградува со два реактори нуклеарната централа „Козлодуј“ со технологијата на американската компанија „Вестингхаус“ и на јужнокорејската компанија „Хјундаи“. Првиот договор е потпишан на 350 милиони долари. Целиот проект треба да чини 14 милијарди долари. Фантастична сума. Тоа е најголемиот американски печат во Бугарија. За една трансакциска администрација, како оваа на Трамп, ваквите зделки во овој дел на Балканот се работи што целосно ќе ги поддржува.
Што можеме да понудиме ние? Вистинската вистина? Приказна за страдањата и фрустрациите на македонскиот пат кон ЕУ? Еве, сите ја знаат „вистинската вистина“ – дека Русија е агресорот во Украина, но Трамп и луѓето околу него не сакаат да го споменуваат овој ноторен факт. Оваа идеја на македонските власти е во целосно непозната територија.
Втората работа на која игра владата е да ѝ се каже на ЕУ дека Македонија е уморна од сите изневерени очекувања за почеток на преговорите и бескрајните нови условувања. За македонските граѓани и самата европска надеж стана здодевна. Па, сега сака да ѝ покаже на Европа дека ние може да завртиме и свој лист. А што ќе има на следната страница, не се размислува премногу. Што ако во европската тетратка Македонија е ставена како фуснота, а Украина и Молдавија бидат испишани со големи букви. Македонија не може да биде пренесена на американскиот континент, ниту, пак, може да ги смени соседите. Ова е гамбит. Кој би можел да се обложи дека резултатот ќе биде поповолен од сегашниов ќор-сокак? Само ќе се загубат уште неколку години.