Досегашниот тек на летото во Македонија беше на бранови: топлотен бран уште пред почетокот на календарското лето, па бран невремиња на крајот на јуни и почетокот на јули, па уште посилен топлотен бран проследен со силни пожари на отворено. Во ваква состојба климатските експерти веќе не мораат да предупредуваат за „можните“ последици од промените на климата, бидејќи тие веќе се случуваат и се очигледни. Едно од најважните прашања во моментов е како да се подобри отпорноста на земјава, односно капацитетите да се справуваме со последиците од климатските промени и да ги намалиме штетите што тие ги предизвикуваат за животите и здравјето, материјалните добра, храната, водата, енергијата и сите други погодени области. За овие прашања разговаравме со Тони Поповски, првиот македонски министер за животна средина (1998-2000) а денес консултант за добро владеење во животната средина и во справувањето со климатските промени.
БИРН: Често се аргументира дека Македонија не е доволно подготвена да се справи со последиците од климатските промени како топлотните бранови, сушите и невремињата. Дали во светот, дури и во најразвиените земји, постои ниво на подготвеност кое може да гарантира заштита од овие екстремни појави?
Поповски: Нема држава во светот за која би можеле да кажеме дека е целосно отпорна на климатските промени, но сепак има сериозни разлики помеѓу државите по однос на квалитетот на управувањето, приспособувањето и превенцијата од штетните последици. Секако, најразвиените земји имаат споредбена предност поради разликата во достапни ресурси, а особено поради пристапот до современи технологии за справување со овие предизвици.
Овој диспаритет во подолг период се адресира преку низа мултилатерални механизми, иницијативи и финансиски инструменти, меѓу кои најсилни се Зелениот фонд за клима и Глобалниот фонд за заштита на животната средина, како инструменти на ООН, и Зелениот договор на ЕУ. Мерките за превенција и адаптација кон климатските промени се инвестициски високо интензивни, а потребите од вложувања се зголемуваат од година во година.
Од таа причина државите се соочуваат со потребата од деликатно балансирање на инвестициските приоритети во различни сектори, и притоа не ретко инвестициите поврзани со климатските промени се одлагаат. Ова е типично и за нашата држава. Сепак, во предвид треба да имаме дека очекувањето за целосна подготвеност и отпорност на државите на климатските промени е нереално поради комплексноста на овој феномен, чии последици се манифестираат низ комбинација од екстремни временски настани проследени со загуби на човечки животи и материјални добра, заканувачко подигнување на нивото на морињата и драматични нарушувања на екосистемите.
БИРН: Што треба најитно да се направи за да се подобри отпорноста, а кои се долгорочните политики што треба да се спроведат?
Поповски: Системски одговор на предизвиците поврзани со климатските промени е можен само доколку се зголемат инвестициите во зелената инфраструктура, односно да се зголеми отпорноста на стратешките капацитети како системите за водоснабдување, заштитата на населбите и на патиштата, но и на критични јавни објекти, особено во здравствениот и образовниот сектор.
Наредна ефективна мерка е да се инвестира во секторот на производство на енергија од обновливи извори, каде ползата не е само во намалувањето на јаглеродниот отпечаток, туку и во намалувањето на зависноста од фосилните горива и постигнување поголем степен на енергетска сигурност и геополитичка независност.
Сето ова треба да биде проследено со целисходни енергетски политики, прилагодено просторно и урбанистичко планирање, создавање целосно оперативно функционален систем за цивилна заштита, и не помалку значајно – воспоставување системи за рано предупредување од поплави и од шумски пожари.
БИРН: Дали сите институции што ги покриваат најзасегнатите сектори – енергетика, земјоделство, справување со катастрофи, урбан развој, мобилност – доволно сериозно ја сфаќаат нивната улога во справувањето со овие проблеми?
Поповски: Во Програмата на новата Влада има декларативна заложба за заштита на природните ресурси и борба со климатските промени. Како што е наведено, во процесот на справување со овој проблем Владата гледа шанса за технолошки напредок и за модернизација на процесите на производството, транспортот и енергетиката. Наведените програмски приоритети и клучни мерки се целисходни и во најголем дел стандардни, со исклучок на определбата за ресоздавање на Фондот за животна средина (постоеше пред нешто повеќе од две децении), и ослободувањето од данок и од царина при купување електрични возила.
На ова се надоврзува и впечатливата определба за капитални трансфери на општините во вкупен износ од една милијарда евра за период од четири години, што споредено со изминатите четири години е зголемување за пет пати. Оваа мерка ќе има позитивни ефекти врз зголемување на отпорноста на климатските промени доколку во поголем дел овие инвестиции се наменат за обнова на постоечката или изградба на нова зелена инфраструктура (управување со води и отпад, аерозагадување, енергетска ефикасност, системи за превенција од поплави и шумски пожари) каде има инвестициски заостаток од над три милијарди евра.
Од друга страна има и неколку контрадикторни заложби, поврзани со развојот на енергетиката. Искажана е заложба за развој на еколошки, конкурентен и стабилен енергетски систем, а притоа покрај искористувањето на обновливите извори на енергија, рамноправен приоритет е ставен на гасификацијата и на дополнителни инвестиции во РЕК Битола, и евентуално РЕК Осломеј, и преку отворање нови рудници за јаглен. Понатаму, најавено е разгледување на можности за планирање и финансирање на рударско – енергетски комплекс во Источна Македонија и (ре)отворање на други четири рудници.
Притоа отсуствува осврт за начинот на кој ќе се адресира негативното влијание на рудничките капaцитети врз климатските промени и генерално врз животната средина, имајќи во предвид дека покрај енергетските постројки на јаглен (и донекаде и на гас), рударството сепак создава емисии на метан, проследено е со висока енергетска интензивност и предизвикува нарушувања на екосистемите, особено во блиското опкружување на овие системи.
Пожелно е Владата да направи напор да ги усогласи целите во овие сектори, обезбедувајќи притоа услови за ефикасна и праведна енергетска транзиција. Во овој контекст битно е да се следат и целите на Зелениот договор на ЕУ и на Зелената агенда за Западниот Балкан и да се искористат достапните финансиски средства од поврзаните програми на ЕУ.