Регион

Поранешен полицаец ослободен од обвиненијата за мачење на Срби

Ајла Гежо, Сараево

Вејзовиќ (лево) и неговиот адвокат. Фото: БИРН

Судот го ослободи Вејзовиќ од обвинението дека од јуни до септември 1992 година, во Ступари, мачел цивилни затвореници од српска националност.

Тој е ослободен од вината дека мачел цивилни затвореници удирајќи ги во главата и во гениталиите со тупаници, чизми, палки и кундак од пушка, со ставање на пиштол и нож под вратот, заканувајќи им се и принудувајќи ги да јадат хартија.

Претседателот на судскиот совет, Весна Јесенковиќ, изјави дека обвинителството не ја докажало вината на Вејзовиќ и дека поголемиот дел од точките во обвинението, се темелеле само на сведочењето на еден сведок.

„Имајќи го предвид наведеното, исказите на овој сведок ја немаа потребната сила, врз нив да се темели осудителна пресуда, па затоа донесовме ослободителна“, рече Јесенковиќ.

Таа додаде дека некои сведоци на обвинителството го смениле своето сведоштво, поради што судиите не можеле да донесат пресуда за вина.

„На пример, сведокот, Радован Ѓокиќ, секој пат кога даваше изјава додаваше некои работи, поради што советот заклучи дека неговото сведочење не е веродостојно“, рече Јесенковиќ.

На Вејзовиќ првично му се судеше заедно со Сафет Мујчиновиќ, Селман Буснов, Нусрет Мухиќ, Зијад Хамзиќ, Рамиз Халиловиќ, Неџад Хоџиќ и Осман Гогиќ, кои со првостепена пресуда беа ослободени од обвиненијата за воени злосторства извршени во Кладањ, во периодот од мај 1992 до јули 1993 година.

Меѓутоа, поради тоа што Вејзовиќ е болен, неговиот случај беше одвоен од другите.

Оваа пресуда може да се обжали.