Регион

Поранешен припадник на ОВК, ја одби поканата на обвинителите во Хаг

Амблем на ОВК. Фото: Википедија комонс/Aдам Џонс

Башким Гаши, поранешен припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК) ја отфрли поканата на Специјалното обвинителство на Ксоово, со седиште во Хаг, да разговара за неговата улога во војната1998-1999 година, соопшти Организацијата на ветерани на ОВК.

„Гаши … беше повикан да се појави во Хаг на 24 септември, но тој не доби дополнително појаснување и затоа ние предложивме да ја прифати следната покана, за да не создаде преседан за другите“, соопштија од Организацијата на ветерани на ОВК, објави ТВ21.

Од минатата година, обвинителството сослуша повеќе од 40 поранешни припадници на ОВК, меѓу кои и неколку актуелни високи политичари. Многумина изјавија дека сакаат да им докажат на обвинителите, оти војната на ОВК против српските сили, била легитимна и „чиста“.

Специјалното обвинителство на Косово има задача да спроведе истраги за злосторствата, наводно, извршени од припадниците на ОВК, од почетокот на 1998 до крајот на 1999 година, кои вклучуваат убиства, киднапирања, нелегални апсења и сексуално насилство.

На оние, против кои ќе биде поднесено обвинение, ќе им се суди пред Специјализираните совети. Досега јавно не е објавено ниту едно обвинение.

Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство (пошироко познати како специјален суд) на Косово, се дел од правниот систем на Косово и функционираат во согласност со косовското право, со ангажман на меѓународни судии и обвинители. Во Косово нашироко постои негативен став кон овој суд, бидејќи многумина ја сметаат ОВК за војска која ги ослободила од српското владеење.

Инаку, косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, во јули годинава, откако обвинителите го повикаа на сослушување во својство на осомничен, поднесе оставка.