Регион

Поранешен припадник на ВРС ослободен од обвиненијата, бара отштета

Емина Диздаревиќ, Сараево

Обвинителството на БиХ. Фото: БИРН

Илија Вукашиновиќ, ослободен од обвиненијата дека учествувал во протерување, грабежи и убиства во областа на Рогатица во 1992 година, започна случај за добивање на отштета од државата, за кој подготвителното рочиште се одржа во понеделник.

Адвокатот на Вукашиновиќ изјави дека сака да повика експерт, невропсихијатар, кој ќе даде мислење за душевната болка што била предизвикана кај неговиот клиент, поради 199-дневниот куќен притвор, и дополнителната мерка, ненајавена проверка од страна на полициските службеници два пати на ден.

Износот на бараната отштета не беше прецизиран.

Помошникот државен правобранител, Јелисавета Пласто, изјави дека се спротивставува на предлогот да бидат сослушани Вукашиновиќ и експертот.

Во мај 2017, Апелацискиот совет на Судот на БиХ, го ослободи Вукашиновиќ, заедно со поранешните припадници на ВРС, Радомир Марковиќ, Миле Кушиќ, Драган Божовиќ, Саша Перковиќ, Радомир Глуховиќ, Перо Радовиќ и Милош Вукашиновиќ, од обвиненијата за злосторства против човештвото.

Судот заклучи дека обвинетите не се виновни за учество во протерување и грабежи, како и за убиство на 20 цивили, меѓу кои и жени и деца, во штала во селото Каричиќи крај Рогатица, во септември 1992 година.

Марковиќ бил командант на сочиќката чета на бригадата Рогатица на ВРС, а другите обвинети биле нејзини припадници.

Според одлуката, обвинителството, во текот на судењето, само успеало да докаже дека обвинетите биле припадници на силите на босанските Срби во Рогатица, додека другите наводи од обвинението „останале во сферата на претпоставките“.

Главната расправа е закажана за 3 октомври.