Регион

Поранешeн српски полицаец ослободен од обвинението за воени злосторства

Судијата на Основниот суд во Пеќ ја чита пресудата со која Зајиќ беше ослободен од вината. Фото: БИРН

Основниот суд во Пеќ, го ослободи денеска поранешниот српски полицаец, Милорад Зајиќ, од обвинението за воени злосторства.

Со одлуката на судот е утврдено дека Зајиќ не е виновен за учество во убиство на две лица, од кое едното со инвалидитет, и за протерување на Албанци од село во Косово, за време на војната во 1998 година.

Судиите објаснија дека е донесена ослободителна пресуда, поради „контрадикторните“ изјави на сведоците.

Во обвинението беше наведено дека во јуни и јули 1998 година, осомничениот зел активно учество во организираните напади на српските сили врз албанското население во селото Душ, во близина на Клина, околу 60 километри западно од Приштина.

Обвинителството соопшти дека осомничениот учествувал во нападите како „член на српската полиција, на војската и на паравоените единици“, заедно со други неименувани лица од српска националност.

Обвинението го товареше и дека ја ставил својата куќа на располагање на српските сили.

Далибор Јевтиќ, потпретседател на Српска листа, главната политичка партија на косовските Срби, ја поздрави ослободителната пресуда.

„Милорад конечно е слободен човек! Правдата е бавна, но достижна!“, напиша Јевтиќ на Твитер.