Регион

Поранешна борбена линија во Сараево, стана „Парк на пријателството“

Свечено отворање на паркот. Фото: БИРН

Ридот над населбата Седреник во Сараево, од каде што за време на опсадата силите на босанските Срби пукале на градот, е претворен во парк-шума, кој во петок свечено беше отворен за јавноста.

Проектот е финансиран од Генералниот директорат за шумарство на Република Турција, со поддршка на други турски институции, како и од општината Стари град Сараево, на чија територија новиот парк се наоѓа.

„Децата и семејствата ќе уживаат во шумата и во природата во овој парк, каде што се бореле и загинале нивните дедовци и постари членови на нивните семејства. Овој парк е одлична можност да се запамети и одбележи историјата“, изјави за БИРН, Беќир Карачабеј, директор на Генералниот директорат за шумарство на Република Турција.

Паркот зафаќа 6,5 хектари, а меѓу неговите содржини, меѓу другото, се и места за пикник, ресторан, неколку детски игралишта, воен споменик и голема тераса со поглед на градот. Со објектите во овој парк ќе стопанисува турска компанија.

„Ова е првиот и единствен парк-шума во БиХ. Се надеваме дека овој проект ќе биде пример и дека нашата соработка со Генералниот директорат за шумарство ќе продолжи“, изјави на денешното свечено отворање на паркот, Нермин Демировиќ, директор на кантоналното комуналното претпријатие „Сараево шуми“.

За време на војната во БиХ, оваа стратешка локација на ридот над Сараево, денес претворена во парк, ја држеа силите на босанските Срби, сѐ до 1994 година, кога ја зазеде единицата за специјални намени на босанската армија, Црни лебеди.

Во паркот сѐ уште можат да се видат остатоци од воени ровови. Фото: БИРН.

Од свеченото отворање на паркот. Фото: БИРН.

Поглед на Сараево од паркот. Фото: БИРН