Регион

Поранешни припадници на ОВК негираа дека знаеле за убиствата во 1998 година

Леке Муќај, Таулант Османи, Приштина
 

Фатмир Лимај ја напушта Палата на правдата во Приштина. Фото: БИРН, Адхе Мула

Оваа недела пред судот во Ѓаковица продолжи судењето на поранешниот командант на ОВК и актуелен потпредседателот на Владата на Косово, Фатмир Лимај.

Тој е обвинет дека не го спречил убиството на цивилите, Рамиз Хоџа и Селман Биниши, извршено во 1998 година.

Обвинителството, во врска со соопштението на Упраавата на воената полиција на ОВК, кое во ноември 1998 година го објави весникот „Зери и Косовес”, а во кое се наведува дека Хоџа и Биниши биле погубени како соработници на српскиот режим, сослуша поранешни клучни фигури на ОВК.

Одбраната го оспори овој доказ на обвинителство, бидејќи, според неа, обвинителството не го поседува оргиналното соопштение, туку само копијата од весникот.

Азем Сула, поранешен командант на ОВК, кој во вторникот сведочеше пред судот, изјави дека поголемиот дел од времето за кое настанот се однесува, бил надвор од Косово и дека нејасно се сеќава што се случило.

„Јас не се сеќавам кога беше формирана Управата на воената полиција на ОВК”, изјави Сула пред судот, додавајќи дека тој, исто така, не знае кој во тоа време раководел со воената полиција на ОВК.

Сокол Добруна, исто така, поранешен висок функционер на ОВК, изјави дека не слушнал за убиството на двајцата цивили, бидејќи бил во друга област.

„Во тоа време бев во оперативната зона Дукаѓини, па затоа не знам за убиството на двајцата цивили”, рече тој.

Поранешниот член на раководството на ОВК, Реџеп Селими, сведочеше дека соопштението што го користи обвинителството не е точно.

„Можам да потврдам дека на 30 октомври 1998 година, значи датумот спомнат во ова соопштение … Управата на воената полиција (во рамките на ОВК), не постоеше”, рече Селими.

Лимај е обвинет дека како командант на ОВК, во октомври 1998 година, не ги презел сите неопходни мерки за да го спречи убиството на двајцата цивили.

Во обвинението се вели дека Лимај ги видел телата на жртвите и бил свесен за злосторствата.

„Намерно не презел мерки за идентификување на сторителите на ова злосторство, а по ноември 1998 година, кога бил назначен за директор на воената полиција во штабот на ОВК, предметот не го испратил до надлежните органи во обвинителството”, рече обвинителот Дрита Хајдари.

Хоџа, од селото Беланица, и Биниши, од селото Бања, во кое што е роден и Лимај, биле киднапирани на 2 октомври 1998 година, во близина на џамијата во Беланица, а потоа, околу четири километри подалеку, во близина на селото Кравасари, погубени.

Пред судот оваа недела сведочеше и Мухамед Хоџа, еден од оние кои што последни го виделе Биниши.

Изјави оти две лица со маски влегке во неговата продавница и го зеле Биниши со себе.

„Две лица во црна облека и со маски влегоа во продавницата … еден од нив носеше гас-маска. Не се сеќавам дали имаа некакво лого или друго идентификациско обележје“, посочи тој.

Судењето на Лимај почна во јануари минатата година.