Регион

Поранешните припадници на ОВК најавија протести поради обвинението против Тачи

Уште еднаш ќе покажеме дека моноетничката цел на судот го поткопува неговиот кредибилитет

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Тачи ги отфрли обвиненијата како грозоен обид да се извалка борбата на Косово за слобода, која на крајот, во 1999 година, беше поддржана со воздушни напади на НАТО. Тој истакна дека нема да поднесе оставка, доколку судијата не го потврди обвинението, што ќе доведе до судење.

ССК се формирани во 2015 година под силен притисок од ЕУ и САД, а по извештајот на специјалниот известувач на Советот на Европа, Дик Марти, поднесен во 2010 година, во кој припадниците на ОВК се обвинуваат за киднапирања, убиства и нелегални приведувања на Срби и на Роми, како и на Албанците што биле сметани за политички противници или соработници на Србија.

Хашкиот трибунал осуди неколку високи југословенски и српски функционери за воени злосторства во Косово, додека југословенскиот претседател, Слободан Милошевиќ, почина за време на судењето, пред да му биде изречена пресудата. Што се однесува до судењата на поранешните припадници на ОВК, тие беа придружени со заплашување на сведоците.

Албанците сметаат дека судот е пристрасен

 

Хашим Тачи на одбележувањето на годишнината од демилитаризацијата на ОВК, Косово, Фото: твитер објава на 21 јуни 2020

Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство на Косово, т.н. Специјален суд, имаат седиште во Хаг. Во нив е ангажиран меѓународен персонал и тој функционира како дел од судскиот систем на Косово, со мандат да ги реши наводите за злосторствата извршени од припадниците на ОВК, помеѓу 1998 и 2000 година.

Иако формирањето на судот беше резултат на одлука на косовското Собрание, косовските Албанци генерално не се согласуваат со ова.

Насим Харадинај, заменик претседател на Организацијата на воени ветерани на ОВК, го искажува општото мислење во земјата дека судот е пристрасен и потенцира дека следната недела, ветераните и поранешните политички затвореници, ќе протестираат против обвинението.

„Нема да протестираме заради Тачи, Весели или некои други. Ние ќе протестираме заради ОВК“, вели Харадинај за БИРН.

„Никому не се закануваме, ниту принудуваме некого да протестира, но сакаме да видиме кој навистина се грижи за основните вредности на нашата борба“, додаде тој.

Официјалните претставници на Специјалниот суд, во повеќе наврати изјавија, дека ќе бидат гонети поединци, а не ОВК или нејзината борба.

„Специјализираните совети нема кривично да гонат ниту една етничка група. Тие нема да гонат ниту една организација. Специјализираните совети кривично ќе гонат и ќе ги сметаат за одговорни само поединците“, изјави за БИРН во 2017 година, претседателката на судот, Екатерина Трендафилова.

Но, Харадинај смета дека е глупост да се каже оти ОВК не е нападната.

„Целата хиерархија на ОВК е таму … целиот ланец на команда на ОВК се процесира“, истакнува тој.

Обвинителите тврдат дека Тачи и другите се „кривично одговорни“ за близу 100 убиства, како и за мачења и присилно исчезнување, од кои повеќето дела се извршени откако војната официјално завршила.

Некои од жртвите биле припадници на ОВК, за кои се претпоставувало дека се предавници или им припаѓаат и ги поддржуваат политичките и воените ривали на ОВК, особено на Демократската лига на Косово и на вооружените сили на Република Косово.

Покрај имињата на Тачи и Весели, лидерот на Демократската партија на Косово, имињата на останатите осомничени сè уште не се откриени.

Досега, специјализираните обвинители, како сведоци или осомничени лица, сослушаа повеќе од 150 поранешни припадници на ОВК. Се верува дека наскоро ќе бидат потврдени и првите обвиненија.

Воениот ветеран, Џевдет Ќериќи, смета дека Тачи и другите се одговорни за бројни незаконитости извршени за време на нивното владеење по војната, но тој сепак ќе излезе на улица, затоа што верува дека ССК не треба да ги гонат припадниците на ОВК, додека српските воени злосторници шетаат слободно.

„Уште еднаш ќе покажеме дека моноетничката цел на судот го поткопува неговиот кредибилитет. Неговото достигнување не може да биде правдата, бидејќи правдата нема да им биде донесена на вистинските жртви (на воените злосторства)“, заклучува тој.