Истражувањa

Посеани субвенции од 450 милиони евра, а жетвата никако да нè нахрани

По повеќе од една година лутање низ административните лавиринти, БИРН дојде до податоци што откриваат колку пари државата троши на субвенции, каде одат тие средства и како се трошат

„Од утре почнува исплатата на лозарите“, „Исплатени се тутунарите во Прилепско“, „Доцнат парите за субвенциите“. Ова се насловите кои со години ги слуша македонската јавност кога е во прашање поддршка на земјоделството со пари од буџетот.

Професори, бизнисмени, политичари, многу пати ја критикуваа или ја поддржуваа оваа најскапа аграрна политика на Владата, но, досега немаше пресметка која би покажала поцелосна слика. Вината за тоа лежи во нетранспарентноста на надлежната Агенција за поддршка на земјоделството и руралниот развој. Иако треба, таа не објавува сумирани податоци.

Програма за финансиска поддршка во земјоделството за 2014 година на Влада на РМ. Кликнете за поголема слика

Програма за финансиска поддршка во земјоделството за 2014 година на Влада на РМ. Кликнете за поголема слика

Наместо тоа, до неодамна постоеја само поединечни соопштенија. Стотици, па можеби и илјадници годишно, кои практично и не можеа да се искористат за анализирање на податоците.

Сепак, БИРН успеа во намерата да понуди една речиси целосна пресметка – колку, кога, за што и кому се исплаќани овие суми. Велиме речиси, бидејќи нашиот биланс се однесува на мерката 1 (сточарско производство) и на мерката 2 (растително производство) од годишната програма за поддршка, преку кои се делат околу 96% од парите.

Резултатот е: нешто повеќе од 446 милиони евра исплатени за поддршка на растителното и на сточарското производство во пет години, од 2010 заклучно со 2014 година.

Танталови маки за основни информации

Правно- формално, парите за земјоделски субвенции се исплаќаат врз основа на решение. Со други зборови, секој кој ги исполнува условите пропишани во годишната програма, поднесува барање. Владината Агенција проверува дали е сè во ред со документацијата и во некои случаи контролира и на терен.

Почетните анализи покажаа дека оваа голема база на податоци носи и големи приказни со себе. Следеа прецизни анализи, програмирање, пишување, вкрстено споредување, проверување, надополнување, конечно после година и половина ова истражување и база да бидат подготвени за јавноста

Генерално, барателот пред сè треба да биде регистриран во единствениот регистар на земјоделски стопанства. Таму ги има неговите лични податоци, но и доказ за сопственост на земјиште или договор за закуп. Понатаму, услов за сите е да нема долгови за вода или за закупнина или пак, да има доказ дека стоката е регистрирана со соодветни ветеринарски проверки. Се разбира, потребен е и писмен доказ дека ја одгледува културата или стоката за кое бара државна помош.

Ако сè е во ред, Агенцијата носи решение и на одреден датум парите се исплаќаат на земјоделецот или на компанијата.

Такви решенија за исплата, за периодот од 2010 до 2014, има над 830.000. До овој податок, но и до други детали за секое поединечно решение, дојдовме користејќи го Законот за пристап до информации од јавен карактер. Целиот процес почна со првите барања на крајот од 2014 година. Првично, Агенцијата нè одби.

Но, не се откажавме и се пожаливме до надлежната Комисија за заштита на правото за пристап до информации од јавен карактер. На крај ги добивме податоците како што ги баравме. Во табели, поделени по години и по намена за која се исплаќале парите.

Почетните анализи покажаа дека оваа голема база на податоци носи и големи приказни со себе. Следеа прецизни анализи, програмирање, пишување, вкрстено споредување, проверување, надополнување, за конечно после година и половина ова истражување и база да бидат подготвени за јавноста.

subvencii-maz-zena-traktor-seno

Фото: Роберт Атанасовски

Големиот колач за земјоделците, малиот кај фирмите

Првиот заклучок до кој дојдовме е дека од програмата за поддршка на земјоделството поголемиот дел од парите одат кај земјоделците што одгледуваат земјоделски култури.

Двете години во кои се исплатени најмногу пари беа и години на предвремени парламентарни избори. Двете години пак, во кои има исплатено најмалку субвенции се години во кои воопшто немало избори

Речиси две третини или 296 милиони евра се префрлени за поддршка на култури кои во основа вклучуваат обработка на земјата. Останатите, околу 150 милиони евра се исплатени на фирмите и на поединците кои одгледуваат животни за месо, млеко, јајца и за други производи.

По години, може да се забележи дека има значителни разлики во парите исплатени за поддршка на растителното производство во периодот од 2010 до 2014. Сумата варира од најмалку 55 милиони евра во 2012 до 64 милиони евра исплатени во 2011. Субвенциите за сточарско производство се речиси непроменети и чинат околу 30 милиони евра годишно.

Табела 1: Директни плаќања од Програмата за финансиска поддршка на земјоделството (во милиони евра)


Извор: Агенција за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој

Според сумираните податоци, 83% од парите со кои се субвенционира растителното и сточарското производството одат на сметка на физички лица. Во пари, тоа е околу 370 милиони евра од народната каса на сметка на граѓаните кои работат земјоделство последниве пет години.

Останатите 17%, што е околу 75,5 милиони евра, завршиле на контото на земјоделските комбинати и други фирми кои работат и земјоделство. Но, овој сооднос, не е ист ако се разгледуваат податоците година по година. Историскиот тренд покажува дека се зголемува делот од колачот кој завршува кај граѓаните, т.е. физичките лица, а опаѓа оној наменет за фирмите.

Ако во 2010 физичките лица биле помогнати со 70 милиони евра, во 2014 таа сума стигнала до речиси 78 милиони. Кај фирмите е спротивно. Во 2010 тие добиле близу 18 милиони евра, додека во 2014 кај нив да завршуваат 5 милиони помалку.

Табела 2: Директни плаќања од Програмата за финансиска поддршка на земјоделството кон правни и физички лица (во милиони евра)


Извор: Агенција за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој

Најмногу субвенции во изборни години, најмалку кога не се гласа

Разгледувањето и анализата на податоците по години покажува и дека има разлики и до плус-минус 10% во масата на пари исплатени за субвенции во две последователни години. Најмногу пари се префрлени во 2011 година, 94 милиони евра и 90 милиони во 2014.

За споредба, по програмата од 2012 исплатени се 84 милиони евра. Случајно или не, двете години во кои се исплатени најмногу пари беа и години на предвремени парламентарни избори. Двете години пак, во кои има исплатено најмалку субвенции се години во кои воопшто немало избори.

Табела 3: Директни плаќања од Програмата за финансиска поддршка на земјоделството за мерка 1 и мерка 2 во корелација со изборните циклуси (во милиони евра)


Извор: Агенција за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој

Колку пари ќе потроши државата на субвенции јавно е познато уште на почетокот од годината. Односно, кога Агенцијата за поддршка на земјоделството ја објавува годишната програма, се објавува и проценка за средства кои ќе се исплатат по секоја мерка. Во периодот кој го истражувавме, сепак има големи разлики секоја година помеѓу парите кои биле планирани на почетокот од годината и вкупната сума на пари кои на крајот биле исплатени по истата таа програма.

Така, за одредени годишни програми, се потрошени повеќе од 12 милиони евра. Во други, пак, на крај биле исплатени помалку од 10 милиони евра. Конкретно, повеќе пари од првично планираното се исплатени во 2010, 2011 и 2014, а помалку во 2012 и 2013 година.

Табела 4: Исплатени и планирани средства за мерка 1 и 2 според Програмата за финансиска поддршка на земјоделството (во милиони евра)


Извор: Агенција за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој

Како забелешка, тука мора да дообјасниме дека ја следевме исплатата на субвенциите според програмата за соодветната година, а не календарски. Ова е важно да се каже, бидејќи голем дел од субвенциите се исплаќани со доцнење поради различни причини.

На пример, лозарите кои побарале субвенции за продаденото грозје во 2010, парите ги добиле во март 2011 година. Освен немањето пари, причина за ваквото доцнење може да биде фактот што за одредени мерки, како за продадено грозје, се аплицира доцна во годината, бидејќи откупот почнува во септември.

Така, кога ќе се земе предвид периодот за поднесување барање и за контрола на барањата, доцнењето до некаде и може да биде од технички карактер.

Податоците што ги обработивме ни овозможија да видиме и кои земјоделски гранки добиле најголема поддршка од Владата. Неспоредливо најмногу пари им се исплаќаат на тутунарите. Од сите исплатени 446 милиони евра за субвенции од 2010 до 2014 година, околу 126 милиони евра биле наменети за произведен и продаден тутун. Во проценти, една четвртина од субвенциите се одлеале за поддршка на производството на тутун.

Алатка за развој или сламка за спас?

Како што кажува и самата програма, субвенциите во крајна линија се исплаќаат за поддршка на земјоделството. Оттаму, логично е да се провери нивниот ефект врз развојот на оваа гранка. Или, со други зборови, да се даде одговор на прашањето дали парите помогнале за развој на македонскиот аграр?

Ги зедовме предвид податоците од Државниот завод за статистика и споредивме дали четирите „најскапи“ субвенциски мерки предизвикале и раст на поддржаните земјоделски гранки. Тоа се мерките за тутун, засеани површини, овци и постојни лозови насади.

Најнапред мора да се каже дека субвенциите за тутунот се специфични, затоа што се исплаќаат ретроактивно за изминатата година. На пример, парите што се исплатени според Програмата за поддршка на земјоделството од 2010 година, се однесуваат на реколтата од претходната 2009. Така, и споредбата на исплатените пари од 2010 до 2014, мора да се прави со производството на тутун за периодот од 2009 до 2013.

Фото: Роберт Атанасовски

Фото: Роберт Атанасовски

Табела 5: Производство на тутун (во тони) и директни плаќања за продаден тутун на откупни капацитети (во милиони евра)

*Извор: Државен завод за статистика
**Извор: Агенција за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој

Бројките на статистика велат дека има голем раст во производството на тутун во 2010 година. Потоа веднаш следи остар пад и ситуацијата останала слична во последните четири години. Од друга страна исплатените субвенции го следат трендот на производство до 2012 година, а потоа, иако нема значителен раст на производството, постојано се зголемуваат парите за тутунарите.

На и што и да се должи оваа неправилност, останува фактот дека според Заводот за статистика, тутунарството генерално бележи пад последниве три години или во најмала рака стагнира по 2010 година.

Влијанието на мерката наречена „Директни плаќања по обработлива земјоделска површина за сите полјоделски култури, освен тутунот“ е речиси невозможно да се утврди од достапните податоци.

Имено, оваа мерка, грубо кажано, се исплаќа секому кој што ќе засади житна, индустриска или фуражна култура, но без тутунот. А таква статистика нема на интернет страницата на Заводот за статистика.

Може само грубо да се набљудува површината на ораници и бавчи споредено со субвенциите. Со резерва дека споредбата не е до крај соодветна, бројките покажуваат дека има многу благ пад на овие површини, а тоа е следено и со благ пад од година в година на субвенциите за оваа намена.

Исклучок е само 2014 година, кога е забележан раст на овие површини. Сепак, генерално земено, површините под ораници и бавчи се речиси непроменети. Разликите се минимални во набљудуваниот период. Нема зголемување, но нема ниту значајно намалување.

Табела 6: Ораници и бавчи во РМ (во хектари) и директни плаќања (во милиони евра) за обработлива површина за сите полјоделски култури, освен тутунот


*Извор: Државен завод за статистика
**Извор: Агенција за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој

Кај овците ситуацијата е многу појасна. Податоците на статистика велат дека од 2010 па наваму опаѓа бројот на овци, со исклучок на 2014 кога има многу благо зголемување. И субвенциите за оваа мерка истовремено се намалуваат, од 11,5 милиони евра во 2010 на 10,3 милиони евра во 2014. Сепак, падот на бројот на овци за пет години не надминува 5%. Така што и во овој случај субвенциите не стимулирале раст, но до некаде успеале да ја одржат жива оваа гранка.

Табела 7: Број на овци во (грла) и директни плаќања (во милиони евра) за обележани грла од сите категории според Програмата за финансиска поддршка на земјоделството


*Извор: Државен завод за статистика
**Извор: Агенција за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој

Површините под лозови насади се веројатно единствената култура од овие топ четири која низ годините бележи раст. Имено, ако во 2010 година под лозје биле 20.669 хектари, во 2014 таа површина се искачила на 23.061 хектар.

Тука мора да се спомене дека во 2014 е сменета методологијата на пресметка, но независно од тоа и во претходниот период може да се забележи раст на површините под лозје од околу 1% годишно. Споредено со другите мерки, овде може да се каже дека субвенциите дале некаков развоен резултат.

Табела 8: Површини под лозја во РМ (во хектари) и директни плаќања (во милиони евра) за обработлива земјоделска површина за одржување на постојни лозови насади

*Извор: Државен завод за статистика
**Извор: Агенција за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој

И покрај субвенциите сè повеќе увезуваме храна

Освен директното влијание врз земјоделството, во нашето истражување, проверивме и дали субвенциите можеби имале позитивен ефект врз билансот на увоз и извоз на храна. Или со други зборови, дали владината поддршка предизвикала ефект со кој се зголемил извозот на земјоделски производи или преработки од него и дали истовремено можеби се намалил увозот на храна?

За репер тука ги зедовме податоците кои ги објавува Народната банка на Македонија кои исто така се преземаат од Заводот за статистика. Кога е во прашања извозот, видливо е дека во периодот од 2010 до 2014 се зголемува извозот на ставката – храна и жива стока. Во 2010 неговата вредност изнесувала 248.81 милион евра за до 2015 да порасне на 305.7 милиони евра. Но, од друга страна, има раст и на увозот од 421.19 милиони евра, вредност во 2010, на 551.28 милиони евра во 2015 година.

Ако се споредат овие две бројки, излегува дека увозот на храна и жива стока расте значително побрзо од извозот. Или низ бројки, ако во 2010 минусот увоз-извоз на храна бил 172.38 милиони евра, до 2015 тој се качил на 245.58 милиони.

Табела 9: Вредност на увоз и извоз на храна и живи животни (во милиони евра)


*извор НБРМ, ДЗС

Дополнително загрижувачки факт е ако се погледне трговската размена и за делот тутун и пијалаци, каде што Македонија редовно бележи поголем извоз од увоз. Од 2010, кога почнаа да се исплаќаат високи субвенции на нивото колку што отприлика се и денеска, има пад на вредноста на извозот. Од 2010 до 2013 година Македонија бележи раст во извозот на тутун и пијалаци до рекордни 203.97 милиони евра. Но, во 2014, а потоа и во 2015, паѓа толку остро, дури и под нивото на 2010 година.

Од друга страна пак, увозот, со мал исклучок, расте секоја година. Во комбинација со падот на извозот, лани за прв пат имаме плус помал од 100 милиони евра кога се во прашање тутунот и пијалаците.

Табела 10: Вредност на увоз и извоз на тутун и пијалаци (во милиони евра)


*извор НБРМ, ДЗС

Ако ги сумираме сите бројки со прости зборови, секоја година расте разликата меѓу тоа колку храна, животни, тутун и пијалаци увезува Македонија и колку продава во странство. Ваквите резултати, да потсетиме, доаѓаат во период кога годишно се одвојувале и над 90 милиони евра за субвенции за земјоделството.

Се наметнува прашањето, дали субвенциите поттикнуваат развој, служат за купување социјален мир или служат за преживување на аграрот? Според зборовите на актуелниот министер за земјоделство, Михаил Цветков, во неодамнешна изјава за „Утрински весник“, целта е пред сѐ земјоделците да не дигнат раце од земјата и животните.

„Јас неколкупати кажав, субвенциите не само што ја постигнаа целта, туку треба и да се зголемуваат, доколку буџетот го дозволува тоа, бидејќи буквално го одржуваат земјоделството во живот“, изјави Цветков.

Оваа база на податоци која произлезе од истражувањето на БИРН, сепак не дава одговор на сите прашања врзани со субвенциите. Целта е да се информира јавноста за нешто што и онака треба да биде информирана од официјалните институции, но и да послужи како алатка која сите заинтересирани можат да ја користат.

На крајот, бројките можат да послужат и како коректив, бидејќи парите за субвенции ги добиваат само некои, а ги плаќаат сите.

А, како што покажуваат истражувањето и базата на податоци, станува збор за многу пари.

Базата на податоци е достапна на www.subvencii.prizma.mk