Наскоро ќе биде готов законот со кој би требало да се реши проблемот со изградбата на катната гаража веднаш до парламентарниот дом. Од собранието за БИРН велат дека работната група досега одржала три средби и дека посебниот закон е во завршна фаза.
Засега од таму не откриваат детали за тоа што го договориле досега, но премиерот Христијан Мицкоски, пред два месеца го навести можното решение.
Тој рече дека мора да се реши безбедносниот проблем што би го направила гаражата за објектот кој е од витално значење, но, од друга страна, нагласи дека мора да се обесштети и инвеститорот, односно „земјиштето да се врати на државата и да не се гради објектот.“
Скопската компанија „Анго“ го купи плацот од државата во 2013 година за 330.000 евра. Следната година, Општина Центар ѝ издаде градежна дозвола, но на терен немаше никакви посериозни градежни активности. Десетгодишниот рок до кој „Анго“ требаше да ја заврши гаражата истече.
Од Општина Центар велат дека фирмата веќе платила 5.000 евра како казна, сума што треба да ја плаќа секој месец.
Во меѓувреме, непосредно пред истекот на рокот, темата катна гаража повторно стана актуелна откако компанијата го огради плацот. Тогаш се отвори и прашањето за безбедносниот ризик за Собранието ако објектот биде изграден.
Од Собранието сега велат дека кај нив се одржала една средба меѓу претставници на државните институции и „Анго“. Потоа, за законското решение работела работната група, во која има претставници на Собранието, Владата, Управата за имотно-правни работи, Министерството за внатрешни работи, Општина Центар, Министерството за транспорт и Државен правобранител.
БИРН, во септември откри дека, покрај тоа што актуелниот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, бил адвокат на фирмата, е и личен пријател и сосед со семејството Трпковски, кои се сопственици на „Анго“. Тошковски бил и во комисијата на Министерството за транспорт и врски за отуѓување на земјиштето, кога првпат се продаде истата парцела во 2009 година. Тогаш ја купи скопската нафтена компанија „Макоил“, која подоцна се откажа, па земјиштето го зеде семејството Трпковски.