Регион

Повик до жртвите да сведочат во Хаг

На жртвите им се дава можност да имаат своја улога во претстојните судења на поранешните припадници на ОВК

„Гласот на жртвите е неопходен за остварување на правдата“.

Ова се зборовите на претседателката на Специјализираните совети на Косово (ССК), Екатерина Трендафилова, која ги повика жртвите на злосторствата, наводно, извршени од четворица поранешни припадници на ОВК, денес високи политичари, да учествуваат во судските процеси против нив, пред таканаречениот Специјален суд во Хаг.

Нејзиниот повик дојде по потврдувањето на обвинението против поранешниот косовски претседател Хашим Тачи, поранешниот лидер на Демократската партија на Косово, Кадри Весели, поранешниот шеф на парламентарната група на движењето Самоопределување (Ветевендосје), Реџеп Селими, и против високиот функционер на Социјалдемократската иницијатива (НИСМА), за воени злосторства и злосторства против човештвото. Сите се изјаснија за невини.

Жртвите на нивните наводни злосторства, сега можат да аплицираат за учество во постапката, ако „можат да покажат дека претрпеле штета, вклучително и физичка, душевна или материјална штета, како директен резултат на злосторствата наведени во потврденото обвинение“, соопштија од ССК овој месец.

Според обвинението, познати се најмалку 416 жртви на злосторствата за кои се обвинети Тачи и останатите.

Жртвите или членовите на семејството на жртвите, кои ќе се пријават за учество во судските постапки и чие барање го одобрува судија, ќе имаат можност да дознаат повеќе детали за злосторството извршено врз нив или врз член на нивното семејство. Судот ќе им додели статус на жртва, што ќе им овозможи да бараат надомест на штета, доколку обвинетиот биде осуден.

„Учеството во постапката како жртва, им овозможува на жртвите да придонесат за откривање на вистината, овозможува да се слушне нивниот глас и да дознаат повеќе за тоа што им се случило ним или на членовите на нивното потесно семејство“, вели за БИРН, Силке Стуѕински, шеф на Службата на ССК за учество на жртвите.

На жртвите им е најважно да бидат препознаени“

Рада Шабиќ држи фотографија на нејзини роднини, коишто исчезнале во Косово. Фото: Сербезе Хаџиај/БИРН

 

Стуѕински објаснува дека „жртвите ќе учествуваат во процесот преку нивниот адвокат, односно преку тнр. ‘застапник на жртвата’, а неговите или нејзините услуги ќе ги плаќаат Специјализираните совети на Косово“.

Застапникот ќе има задача да ги информира жртвите за развојот на судењето, додава таа.

„Застапникот, исто така, може, во врска со постапките, да го сврти вниманието на судиите кон ставовите и интересите на жртвите, да ги испита сведоците и да поднесува усни и писмени поднесоци, кога се во прашање личните интереси на жртвите“, додава Стуѕински.

Таа нагласува дека i семејствата на жртвите, кои починале или исчезнале, можат да аплицираат за учество.

Еден од застапниците на жртвите, е и белградскиот адвокат, Александар Оленик. Тој за БИРН вели дека признавањето е клучен фактор за многу жртви.

„За луѓето со кои разговарав, со потенцијалните жртви, некако тој прв дел им е најважен, да бидат препознаeни како жртви на меѓународно ниво, тој вид на сатисфакција, тоа е примарно за нив, сè друго е споредно, за нив е примарно да добијат документ од меѓународен институт, да пишува дека се жртви на војната во Косово, особено од страна на ОВК“, нагласува Оленик.

Слични шеми се спроведени и во Меѓународниот кривичен суд во Хаг и во Специјалниот суд за Либан, но во однос на учеството на жртвите во судењата за воени злосторства извршени во поранешна Југославија, оваа идеја претставува чекор напред. Пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, кој функционираше до 2017 година, жртвите беа вклучени само како сведоци.

„Нивната единствена функција и цел беше да го докажат обвинението, тие немаа други права освен да дојдат и да кажат што знаат, да бидат испрашувани од обвинителството и одбраната, и тоа е тоа“, вели Оленик.

„Им помогнаа, им беше платено да дојдат и да се вратат, имаа некаква социолошка, психолошка помош … и немаа ништо повеќе од тоа, што беше доста трауматично, во секој случај доаѓањето на суд е трауматично за жртвата“, додава тој.

Она што е важно е дека жртвите ќе имаат право на отштета, доколку случајот се докаже.

„Доколку Специјализираните совети на Косово го осудат обвинетиот, жртвите што учествуваат можат да побараат отштета преку нивниот застапник или судскиот совет може да наложи исплата на отштета, по сопствена иницијатива. Како алтернатива, судиите можат да одлучат да ги упатат жртвите на граѓанска парница пред локалните судови, за да добијат отштета“, објаснува Стуѕински.

Оленик нагласува дека можноста да им се додели отштета како дел од самата постапка, а не како посебна граѓанска постапка, претставува голем напредок во правата на жртвите.

„Мојата работа ќе биде, во договор со жртвите, да добијам судска пресуда во која прво ќе се каже дека некој е осуден за тоа и тоа дело, а потоа дека е осуден и за надомест на штета“, објаснува тој.

Домашните судови ретко досудуваат отштета

Фото: БИРН

Во Србија, жртвите на едно кривично дело, имаат право на отштета. Според законот, тие можат да поднесат тужба за надомест на штета додека се водат судските постапки, за што треба да се донесе и одлука, „освен ако тоа значително не ја пролонгира постапката“.

Судот во пресудата треба да го наведе и износот на отштетата, а доколку е тој помал од оној што го барала жртвата, тогаш таа треба да поднесе граѓанска тужба.

Во практика, на огромното мнозинство на жртви, особено на жртвите на насилни злосторства, им се препорачува да поднесат граѓанска тужба.

Досега, во кривична постапка, српските судови немаат донесено одлука за исплата на отштета за ниту една жртва на воено злосторство.

Во декември 2019 година, Фондот за хуманитарно право, во својот извештај за спроведувањето на националната стратегија на Србија за гонење на воените злосторства, посочи дека како резултат на препораката за поднесување граѓанска тужба, „жртвите, по долготрајната и за нив, емоционално исцрпувачка кривична постапка, дополнително се виктимизираат, затоа што тие се принудени да го искористат своето право на отштета, во уште една долготрајна и многу скапа постапка“.

„Од таа причина, повеќето од жртвите не се решаваа да се впуштат во уште една судска постапка, со што практично се откажуваа од остварувањето на правото за надомест на штета“, се наведува во извештајот.

Иако на жртвите им се препорачува да поднесат граѓанска тужба, правата на обвинетите во случаите на воени злосторства, се целосно почитувани. До 10 јули 2019 година, Србија им исплатила отштета и надомест за правните трошоци на обвинетите кои биле ослободени од обвиненијата за воени злосторства или против кои обвиненијата биле отфрлени, во висина од околу 1,8 милион евра.

Слична е ситуацијата и во Косово, каде судовите им даваат препораки на жртвите во предметите на воени злосторства, да бараат надомест на штета во граѓанска постапка.

Од Судскиот совет на Косово неодамна ни потврдија дека на обвинетите, кои биле ослободени од обвинението, им е исплатена вкупна отштета од над 140.000 евра.

Но, претставник на Судскиот совет за БИРН изјави: „немаме ниту статистика за тоа колку жртви можеби се обештетени“.