Пишува: Албина Соргуч – Сараево
За време на опсадата на Сараево, градските пожарникари се бореле со илјадници пожари, додека, обидувајќи се да ги избегнат куршумите од снајпери и гранатите, ги ризикувале своите животи за да ги спасат животите на другите.
Во август се навршуваат 24 години од еден од најлошите месеци за пожарникарите од Сараево, кога Градското собрание-Вијеќница, како и Уметничката галерија, која се наоѓа веднаш до Генералштабот на армијата во центарот на градот, се запалиле, при што девет пожарникари биле повредени.
За време на опсадата на Сараево, која траеше од 1992 до 1995, додека гаснеле пожари, секојдневно изложени на гранатирање и снајперски напади, загинале сум пожарникари, а 57 биле повредени.
Според Пожарникарската бригада на Кантон Сараево, од почетокот на опсадата, година и половина, просечен тим од 10 пожарникари морал да се справува со 1.700 пожари. Од бригадата велат дека и во мирнодопски услови, ниту за 32 години работен стаж, пожарникарите не се справуваат со толкав број на случаи.
Исмет Туцак, командир на Пожарникарската бригада на Кантон Сараево, изјави дека пожарот во Вијеќница било најтешкото искуство за него, бидејќи се почувствувал неспособен да го спаси овој градски симбол.
„Паѓаа гранати. Немавме вода…Сѐ беше запалено. Куполата, салата, сѐ беше изгорено“ се сеќава Туцак.
„Паѓаше материјал одозгора, а јас не можев да сторам ништо…Не можевме да пријдеме од другата страна, бидејќи снајперистите ќе не убиеа“, вели тој.
Пожарот избувна во Вијеќница кон крајот на август 1992 година, откако градот беше гранатиран од позициите на силите на босанските Срби.
Адмир Беговиќ бил еден од деветмината пожарникари кои биле повредени кога истиот месец го гаснеле пожарот во Уметничката галерија.
Откако своите ранети колеги ги однел во болница, забележал дека и тој самиот е тешко ранет во ногата.
„Кога избувна пожарот во галеријата, отидовме таму за да се обидеме да го згаснеме. Но, почнаа една по една да паѓаат гранати. Бев повреден додека бевме во поткровјето“, вели Беговиќ.
„Мислев дека имам вода во чизмата. А кога ја собув чизмата, забележав дека е полна со крв … Парче од шрапнел се беше забило во коската на подколеницата. Парчето предизвика и големо оштетување на мускулите“, додаде тој.
Беговиќ вели дека дури и денес, кога поминува покрај Домот на армијата, гледа во поткровјето каде што тогаш се наоѓал, кога ги видел своите ранети колеги и крвта која била околу нив.
Најстрашна година
Омер Шетиќ, заменик командир на Противпожарната бригада на Кантонот Сараево, вели дека најтешките повици за интервенција биле оние од 1992 година.
„Сѐ што можеше да се запали, сите значајни објекти, беа запалени до крајот на оваа година. Овие објекти вклучуваа хотели, спортскиот центар Зетра, зградата на Електростопанство и дел од воената болница. Мал број на објекти, кои не беа запалени, беа уништени во 1993 година“, вели Шетиќ.
На почетокот на војната, бригадата имала 30 луѓе, вели тој, а имало и случаи кога пожарникарите не си оделе дома и по пет дена, бидејќи биле зафатени.
Тој вели дека понекогаш возилата на службата се враќале во базата полни со дупки.
„Дупките беа од шрапнели и куршуми. По гаснењето на пожарот, возилата се враќаа и со дупнати гуми…Во неколку случаи тие дури и мораа да го остават возилото на некоја локација. Потоа, во текот на ноќта, автомеханичарите одеа на тие локации за да го поправат возилото и да го вратат во базата“, објаснува Шетиќ.
Нагласува дека пожарникарите кои работеле за време на опсадата, искусиле работи кои некои други можат само да си ги замислат.
„Интервенциите на кои тие работеа за време на војната, се нешто што не може да се искуси во мирнодопски услови, дури и ако живеете илјада години“, објаснува тој.
Освен што гаселе пожари и ги снабдувале сараевчаните со вода, пожарникарите, исто така, спасувале и луѓе заробени во згради кои биле во пламен или биле оштетени од гранатирањето.
Туцак се сеќава на евакуацијата на двогодишно момченце и неговата сестра од под урнатините на нивната куќа, која била гранатирана. Гранатата ги убила нивните родители и другите членови на семејството.
Тој вели дека во моментот кога го слушнал гласот на децата под урнатините, неговиот живот престанал да му значи.
„Само будала би влегол таму…бетонската плоча (покривот) висеше до ѕидот. Само една мала грешка, мало придвижување на еден бетонски блок, можеше да те убие“, се сеќава тој.
„Буквално ja кренав со глава вратата и под неа ставив бетонски блок. Тогаш видов едно мало русо момче. Имаше пена на устата. Се обидов да го повлечам, но не можев, бидејќи нозете му беа под нешто. Се плашев да не му ги шинам колковите. Со главата уште малку ја поттурнав вратата, за да ги ослободам неговите колкови. Потоа полека го повлеков.. Тој дишеше“, раскажува Туцак.
Откако го спасил момчето, Туцак успеал да ја спаси и неговата шестгодишна сестра, која била во несвест.
„Ја сакам оваа работа затоа што бог ми овозможил да ги правам овие работи“, вели тој.