Истражувањa

Правдата потклекнува под бесправната милост

Секогаш кога биле употребувани, политичките помилувања биле злоупотребувани,  покажува истражувањето на БИРН на овие одлуки во последните десет години

Зошто на повторното судење за ТНТ, Миле Јанакиевски повторно како доказ го поднел решението за аболиција од претседателот Ѓорге Иванов, иако претходно му бил отфрлен?  Како и на сите други обвинети во случаите на Специјалното јавно обвинителство, чии имиња се најдоа на списокот од 56 помилувани од Иванов во 2016.

Една од основните логички лекции е дека не е можно со повторување на истите постапки да се очекуваат различни резултати. Но, во македонското судство оваа логика не важи секогаш. 

Судовите тогаш ги отфрлаа тие докази затоа што во меѓувреме поранешниот претседател донесе одлука да ги повлече помилувањата. Сепак, сето тоа се случуваше во општествено-политички контекст, во кој имаше големи очекувања во јавноста за тие предмети да поминат низ судска постапка. 

Три години од почетокот на судските процеси против аболираните од Иванов, се чувствуваат промени во амбиентот. Уставниот суд отвори постапка, па одбраната на Јанакиески одлучила дека вреди да се обиде повторно со тој доказ. Сето тоа покажува дека помилувањата од Иванов се далеку од завршен случај. 

Истражувањето на БИРН покажува дека најмалку четири случаи на државна милост (амнестии, аболиции) ја обликуваат денешната политичка реалност во Македонија, во која фактор се обвинети и осомничени за кривични дела, а меѓупартиската дебата често се сведува на тоа кој е „поголем криминалец“. 

За најмалку три од тие одлуки може прецизно да се утврди каде скршнале од патот на Уставот, законите и правилата или на меѓународните конвенции што ги потпишала државата, меѓутоа тоа никогаш не се случи, па денес тие се прифатени како реалност и  се проблематизираат исклучиво во интерес на меѓупартиска пресметка.

Одлуката на Собранието дека нема потреба од автентично толкување на Законот за помилување барем навидум го затвори прашањето дали претседателот Ѓорге Иванов имал право да ги донесе одлуките за аболиција од 2016, иако опцијата Уставниот суд да реши поинаку теоретски сѐ уште постои. 

Консумирај внимателно

Во историјата е познато дека правото на највисоките структури на власта да даваат милост постоело уште во античките империи, а се практикува и во современите демократии. Но, она што е најважно е дека тие механизми мора да се користат како и лековите, прекумерна или несоодветна примена ќе даде спротивни ефекти. 

Теоретичарите се согласни дека иако тоа е технички упад во правниот систем, тие алатки може да придонесат за да се постигнат некои повисоки цели за државата, како хармонизација на општеството или исправање човечки неправди, кога тоа не може да се направи низ механизмите на правосудството. Според нив, потребата да постојат такви алатки е неспорна, а потребата да се користат многу внимателно и одговорно е уште поголема.

БИРН разговараше со повеќе водечки правни експерти во врска со ефектите што случаите на давање милост на политичките личности ги имаа врз општеството. 

Тие сметаат дека користењето на овие алатки за остварување потесни партиски и други цели, наместо декларираната повисока цел, придонесе денес, наместо сплотено, да имаме длабоко поделено општество во споредба од пред една деценија.

За некои, оваа состојба може да се реши само со утврдување на противправноста на самите акти или одговорноста на оние што го злоупотребиле своето право за помилување и амнестирање. За други, веќе е доцна што било да се направи и државата само повеќе ќе се заплетка ако се обидува да ги отплетка овие прашања.

Корените од 2008

Црвенковски го спаси Заев од обвинение за изградбата на трговскиот центар „Глобал“ во Струмица | Фото: БИРН

За само 0,2 секунди пребарување, Гугл може да најде десетици соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ објавени во 2019 и во 2020, во кои се споменува „аболираниот криминалец Зоран Заев“.  Последен пат овој термин го употреби партискиот портпарол Димче Арсовски на 15 февруари 2020 во обраќање од пред Јавното обвинителство. 

Одлуката за аболиција на Заев ја донесе претседателот Бранко Црвенковски на 2 август 2008 година. Тогаш Црвенковски го образложуваше својот потег со потребата да се спречи политичка криза, бидејќи апсењето на Заев (во тоа време градоначалник на Струмица и потпретседател на СДСМ) за случајот „Глобал“ се закануваше да предизвика излегување на опозицијата од парламентот.

 Колку била остварена повисоката цел на Црвенковски покажува тоа што епитетот на Заев му остана до денес и се користи за цели сосема спротивни од политичката хармонизација.

Никаква промена во оваа смисла не се случи ниту преку пресудите за случајот „Глобал“, во кој тој се товареше за незаконска изградба на затворен пазар и трговски центар во центарот на Струмица. 

Иако постапката против Заев беше запрена со акт на претседателот во 2008 година, постапката по предметот продолжи во судовите, па во 2011 година, Врховниот суд донесе пресуда дека немало незаконско постапување во него. Но, етикетата на Заев остана, дури и се засили откако Антикорупциската комисија во мај 2019 година најави дека повторно ќе го разгледа случајот.

„Во овој случај немаше техничко прекршување на правото, бидејќи законот му дозволуваше на Црвенковски да донесе таква одлука. Но, тоа не значи дека немало суштинска повреда, бидејќи таа можност му е дадена на претседателот да остварува општествени цели, а не партиски интереси“, вели професорот на скопскиот Правен факултет, Гордан Калајџиев.

Држејќи се до одлуката на Црвенковски да не дава изјави во јавноста за ниту една тема, од неговиот кабинет одбија да одговорат на нашите прашања како тој денес гледа на својата одлука и дали смета дека ја остварил целта.

Пред Црвенковски, и претседателот Борис Трајковски во 2003 го искористи правото на аболиција (прекинување на кривичното гонење во која било фаза од постапката), што му го овозможуваше членот 11 од Законот за помилување, кога ја ослободи од одговорност поранешната министерка за внатрешни работи, Доста Димовска. Тоа беа последните два случаи, во кои, иако се проблематизираше моралниот аспект на одлуките, формално-правниот беше неспорен.

Деловникот во една, Женевската конвенција во друга корпа

Назначувањето на Садула Дураки за министер во владата на Заев предизвика бурни реакции | Фото: Влада на РСМ

Со автентичното толкување на Законот за амнестија во 2011 година, со кој се запреа т.н. четири хашки случаи, почна да се практикува правната гимнастика, во која политичкиот интерес е поважен од утврдените правила. Ова беше случај во кој прекршувањата беа очигледни, но игнорирани зашто требаше да се оствари политичка цел – да се формира коалициска влада.

Автентичното толкување постои за Собранието да расчистува нејаснотии или двосмислености што се појавуваат при примената на некој закон, кога институциите го толкуваат на различни начини и различно постапуваат, со што се загрозува начелото на правна еднаквост. Како се прави тоа е пропишано со членот 175 од собранискиот деловник

Таму се вели дека барање може да поднесат пратеници, Владата, судовите, обвинителствата, градоначалниците, „доколку потребата за автентично толкување настане во врска со примената на законите во нивното работење“. Накратко – тој што го спроведува законот, ако не му е јасно како да постапи, може да побара да му се протолкува.

Законот за амнестија го применуваа судовите и обвинителите, со тоа што не водеа постапки за сите учесници во конфликтот од 2001, туку само за тие што беа обвинети дека извршиле воени злосторства. Во работата на судот не се појавуваа нејаснотии од законски аспект. 

Но, барањето за автентично толкување го поднесоа група пратеници на ДУИ, со што се отвори прашањето дали тие го имале тоа право, бидејќи не биле задолжени за примена на законот.

Ако прекршувањето на деловникот е техникалија, прекршувањето на Женевската конвенција е многу поголемо отстапување од правото и правдата во овој случај. Амнестии во случаи на воени злосторства се забранети според меѓународното право и кога има внатрешни конфликти државите се должни да ги истражат и да ги процесуираат предметите од тој тип. 

Причината за ова е бидејќи е оценето дека непостапувањето при воени злосторства не придонесува кон универзалната цел на амнестиите – помирување и кохезија.

Четирите случаи, всушност, веќе беа отворени уште пред да ги преземе хашкиот трибунал, а потоа беа предадени, па вратени.

„Тоа што Хаг ги врати случаите, не значи дека делата не постоеле. Хаг оцени само дека државата е доволно способна за да ги процесуира овие предмети“, смета Калајџиев.

Контекстот беше јасен – по изборите на 5 јуни 2011 година ВМРО-ДПМНЕ освои 56 пратенички места, ДУИ 15, и мораа да се договорат за формирање влада. Автентичното толкување на хашките случаи, со кои беа опфатени видни членови од раководството на ДУИ, беше услов да се постигне коалициски договор. 

Во дел од прислушуваните разговори што ги објави СДСМ може да се слушнат Никола Груевски, Зоран Ставрески, Гордана Јанкулоска, Сашо Мијалков и Силвана Бонева како ги коментираат овие настани и како признаваат дека ја носат таа одлука само за да можат да направат коалиција.

Да баталат сѐ и да одат таму“, се слуша гласот на Груевски во една од снимките, откако дознал дека голем број пратеници наоѓале изговори да не присуствуваат во салата додека се гласа.

Јас измислив дека сум со детето на Нора, дека ќе го чувам“, ѝ вели Ставрески на Јанкулоска во друг разговор.

Ти добро си се снашол, јас наивна…“, возвраќа таа.

СДСМ тогаш ја напушти седницата и се противеше на амнестијата.

„Јавноста имаше можност да чуе од снимките за лицемерието и вистинскиот автор на автентичното толкување за хашките случаи. Што се однесува до преиспитувањето на овој процес морам да кажам дека не постои таква правна можност, бидејќи кога ќе се донесе автентично толкување, тоа има сила на закон и влегува во правниот систем со сите негови правни последици“, вели министерката Рената Дескоска.

Повеќемина од опфатените со хашките случаи денес се на политички функции во владата на СДСМ и ДУИ, вклучувајќи ги и вицепремиерот Садула Дураку (случај „Липковска брана“) и министерот за странски инвестиции Хисен Џемаили (случај „Мавровски работници“).

Потресот од Иванов

Одлуките за аболиција на претседателот Иванов ја предизвикаа Шарената револуција | Фото: БИРН

Дел од 56-те лица опфатени со аболицијата на претседателот Ѓорге Иванов од 12 април 2016 година (политичари, нивни соработници и поддржувачи, како што стоеше во одлуката), исто така се политички активни или на слобода. 

Одлуката на Иванов брануваше тогаш (предизвикувајќи ја т.н. Шарена револуција и контрапротестите на провладината иницијатива ГДОМ), бранува и денес со обидите да се оживее, а може да бранува и во иднина, бидејќи според информациите во јавноста, дел од обвинетите во случаите на Специјалното јавно обвинителство се подготвуваат да бараат правда од Европскиот суд за човекови права, ако бидат осудени дома. 

Аргументот е тој што го употребија судовите на Грција и на Унгарија кога одбија да ги испорачаат Никола Груевски, Горан Грујевски и Никола Бошковски – дека еднаш дадено помилување не може да се повлече. 

Одлука што за поранешната уставна судијка Наташа Габер Дамјановска е разбирлива, во услови кога ниту дома не е до крај расчистено прашањето дали помилувањата биле законски или не.

„Не можат Грција и Унгарија да прават проценка кои одредби важат во една држава, ако самата држава не си го решила тоа прашање. Тие не можат да си дозволат да носат такви заклучоци“, смета Габер-Дамјановска.

Правните експерти што ги консултираше БИРН сметаат дека единствениот начин да се спречат нејаснотиите во врска со оваа аболиција и нејзиното негативно влијание врз правната сигурност е да се утврди дека самата одлука била незаконска. Како што објаснуваат повеќемина правни експерти, меѓу кои и професорот Светомир Шкариќ, сѐ што треба е да се следи хронологијата.

 Во 1993 година бил донесен Закон за помилување што го содржел фамозниот член 11, со кој претседателот на државата имал право да помилува лица уште пред да им заврши постапката. 

Во 2009, тогашното парламентарно мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ, сакајќи да спречи нови аболиции како таа на Заев, донесе измени на Законот за помилување, во кои клучни беа две одредби: се укина членот 11 и се забрани помилување за дел кривични дела, како педофилија или дела против изборите. 

Седум години подоцна, во 2016 година, Уставниот суд ги укина овие законски измени. Со ова практично судот укина закон што укинува член од закон, па се постави прашањето дали сега повторно важи членот 11. Никаде во образложението не беше разјаснето тоа, а Габер-Дамјановска, која беше член на тогашниот состав на судот, го спомена во издвоено мислење, изразувајќи сомнеж дека крајната цел е да се оживее овој член. 

Во изминатиов период, нејзиното мислење беше толкувано, како што вели самата, сосема спротивно од она што таа сакала да го каже. Пратеникот Антонио Милошоски, на прес-конференција рече дека „судиите блиски до СДСМ со тоа се согласиле дека членот 11 постои“.

„Јас алармирав дека тоа е намерата, да се протолкува дека е вратен членот и дека тоа ќе може да се искористи за аболиции, а не дека тоа е правна последица. Одлуката на судот воопшто не требаше да се донесе. Аргументот дека му биле ограничени уставните надлежности на претседателот воопшто не држеше, зашто во Уставот јасно стои дека помилувањето се уредува со закон. Ако не е така, тогаш требало да се укине и првиот закон од 1993 година и на претседателот да му се дадат неограничени права“, објаснува поранешната уставна судијка.

Шкариќ вели дека на тој начин бесправна одлука почнала да создава правни последици, и тоа сѐ уште трае.

„Невозможно е да имате автентично толкување на закон што е мртов. Ама доцна им текна. Собранието требаше веднаш да реагира со одлука да каже дека помилувањето е ништовно, но јасно е дека тогаш немаше услови за тоа. Затоа тешко е сега да се реагира“, вели професорот.

Тој додава дека одлуката на Иванов сигурно ќе влијае ако случаите на СЈО стигнат до Стразбур, затоа што помилувањата по правило се ретка појава и се почитуваат, нивната злоупотреба е непоимлива, а кај нас, иако има индиции дека се случила, тоа не е докрај докажано.

Габер-Дамјановска смета дека јазолот може да се разврзе со одговорност за тој што ја донел одлуката.

„Иванов требаше да одговара, јас веќе го кажав тоа. Тогаш немаше услови ниту во Собранието, ниту во Уставниот суд, во таа констелација да помине една таква постапка, но сега мора. Ако се затвори прашањето со утврдување одговорност, тоа би направило разлика“, вели таа.

Претседателот Иванов, кој своевремено одлучи да верува дека членот 11 постои и тој има право да носи одлуки за аболиција, тогаш рече дека целта му била да придонесе кон националното помирување.

„Метафорички кажано да се пресече јазолот, согласно сите мои уставни и законски овластувања, а преку одлука со која се извршува општ прекин на сите постапки меѓу политичарите и нивните соработници или поддржувачи, од спротивставените страни“, рече Иванов во образложението, додавајќи дека бил убеден оти политичарите во најголем дел биле невини за делата за кои се обвинуваат, туку дека им се товарат за да можат да бидат условувани од надворешни сили за да носат одлуки што не се во корист на државата.

По ова, политичките тензии, не само што не се релаксираа, туку уште повеќе се засилија. Всушност, противниците на одлуката не го гледаа потегот на Иванов како обид да ги смири раскараните страни, туку како потег да ги спаси од одговорност тие чии злоупотреби на функциите можеше да ги слушне целата јавност преку снимените разговори. 

Се сметаше дека не станува збор за политички судир, туку за судир меѓу тие што бараат правда и тие што бегаат од неа.

Ова толкување беше оспорено, меѓу другите, и од професорката Гордана Силјановска Давкова, подоцна кандидат за наследничка на Иванов од неговата партија. Таа аргументираше дека Уставниот суд не е законодавно тело, туку тоа е Собранието. 

Според тоа, уставните судии можат да укинат закони, членови од закони или друг вид одлуки на државните органи, но не можат да вратат нешто што претходно било укинато бидејќи тоа се смета за создавање закони.

Прашањето дали Иванов треба да одговара за пречекување на овластувањата никогаш не беше отворено од институциите. Тоа што државата сега и официјално ги смета неговите 56 помилувања за невалидни не мора ништо да значи пред меѓународните органи. 

Министерката Десковска вели дека во барањата за екстрадиција до Грција и до Унгарија за бегалците Горан Грујевски, Никола Бошковски и Никола Груевски било наведено дека помилувањата се ништовни. 

Судовите во тие држави, сепак, проценија поинаку, бидејќи немаше правен акт со кој се утврдила нивната ништовност. Тоа ги охрабри и другите обвинети да најавуваат дека ќе бараат правда надвор ако тука бидат осудени.

Лицето е виновно додека се докаже дека е невино

Со невообичаена амнестија се спасија дел обвинети за насилството на 27 април 2017 | Фото: Роберт Атанасовски

Во декември 2018 година, пак, се донесе закон што експертите го окарактеризираа како најчудната амнестија во правната историја на земјава. За разлика од вообичаената пракса, во која Собранието ослободува од гонење одредена група што сторила некое кривично дело и тоа стапува во сила по службена должност, оваа амнестија се спроведуваше по барање на обвинетите лица.

Стануваше збор за обвинетите во случајот „27 април“, односно упадот на толпа во Собранието која нападна и повреди повеќемина пратеници на тогашната опозиција, која се обиде да формира парламентарно мнозинство. 

Во законот се вели дека од одговорност се ослободуваат тие што учествувале во инцидентот, но не биле насилни и не биле дел од организацијата на нападот. Судот, по барање на секој обвинет поединечно, требаше да утврди дали тој ги исполнува условите да биде амнестиран или не.

„По правило, амнестија е еден настан и сите што се опфатени со него може да се амнестираат. Делењето со и без насилство е проблематично. Затоа што тоа е поврзан настан, не можеле едни без други. Тие што сториле насилство, не можеле да го извршат делото без помошта од другите. Исто така, невообичаено е судот да определува кој има, а кој нема право на амнестија. Тоа не е предвидено во функционалната надлежност на судовите“, смета професорот Калајџиев.

На крајот, од првично обвинетите 34 лица, останаа 15 да ја чекаат пресудата, а 14 беа осудени.

На овој начин беше доведено во прашање и правото на пресумпција на невиност гарантирано со членот 13 од Уставот, дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино сѐ додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Политичките мотиви зад овој „акробатски“ закон, исто така, беа јасни. Декларираната цел беше да се постигне „помирување преку надминување на поделбите во општеството“ и да се продолжи со реформите согласно европската агенда. 

Зад тоа, сепак, стоеше фактот дека меѓу 19-те ослободени беа тројца пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои беа меѓу осумтемина што ги поддржаа уставните измени за да се спроведе Преспанскиот договор и да се смени името на државата во Република Северна Македонија.

„Амнестијата во 2018 година беше предложена како дел од еден процес на помирување, кој се водеше во Собранието. Сепак, според мое мислење, тој процес не се изведе целосно и затоа сѐ уште немаме целосно помирување меѓу групите што беа жртви и насилниците од 27 април“, вели министерката Дескоска.

До каде е помирувањето

Неправдата ги засилува недовербата и поделбите | Фото: БИРН

По десетина години обиди преку помилувања и ослободувања од одговорност да се постигне поголема сплотеност на општеството, се случи спротивното. За Наташа Габер-Дамјановска воопшто не е изненадување дека ефектот од одлуките е спротивен од декларираниот.

„Немаме поголема општествена сплотеност денес затоа што атмосферата на неказнивост го наруши општественото ткиво. За одредени дела мора да постои одговорност. Ако ниту во одговорноста нема еднаквост, тогаш немаме организирано општество“, смета таа, додавајќи дека посериозна борба против корупцијата и злоупотребите на системот многу подобро ќе влијаеле врз општеството зашто ќе придонеле за подобра благосостојба за сите граѓани.

За министерката Дескоска, поларизацијата денес е сѐ уште голема затоа што претходната владејачка партија водела политики на поделби.

Според Калајџиев, на ироничен начин, неправдата исто така придонесува кон помирување, односно сплотување во недовербата во политичарите.

„Постои голем степен на недоверба во политичарите воопшто, без разлика од која страна се, тоа дури придонесува за некаква релаксација“, вели тој.

Сепак и тој, како и другите соговорници, се согласуваат дека состојбата во која се дозволуваат различни и спротивставени толкувања на одлуките поврзани со одговорноста на носителите на јавни функции е неодржлива и дека ако продолжи и натаму ќе создава проблеми.