Пишува: Масењка Бачиќ – Сплит, Загреб, Скопје, Белфаст
Куќата се наоѓа под палми, со дебели ѕидови и зелени капаци типични за далматинскиот брег на Хрватска.
Внатре, Мери Билиќ, со црвенкасто-кафена нијанса на косата, се занимаваше во дополу наместената кујна меѓу куповите шарени детски играчки и облека.
Билиќ (49) го надгледува реновирањето на куќата со цел да може да ја исполнува својата мисија како Витлеемски центар за нероден живот, прибежиште за бремени жени кои заради семејни или финансиски околности размислуваат за абортус.
Во замена за можноста да го задржат детето, центарот им дава на жените бесплатно сместување и храна за цела година.
Како донација од локалните монахињи во близина на јужниот пристанишен град Сплит, куќата е петти Витлеемски објект во Хрватска. Воопшто не беше тешко да се дојде до неа.
Бројот на мобилниот телефон на Билиќ е наведен меѓу другите во делот за контакт на веб-страницата за Витлеемските куќи, која се појавува како прв резултат при пребарување на „Гугл“ ако се напише „klinika za pobacaje“, што е хрватскиот израз за „клиника за абортус“.
Веб-страницата, www.klinikazapobacaje.com, е маскирана како страница што нуди совети и информации за процесот и последиците од абортусот, но сликата со ножици од кои капе крв брзо ги открива нејзините вистински намери.
Жените кои абортираат, се вели, ризикуваат да заболат од депресија, сексуални пореметувања, рак, наркоманија и самоубиствени мисли.
„Тоа беше генијална идеја“, вели Билиќ. „Најтешко е да се дојде до нашите ’корисници’, затоа што типично за абортусот е дека секоја жена сака да го направи во тајност”.
„Витлеем“, вели таа, „е на првата линија на одбраната. Ние сме пешадијата во војна”.
Билиќ е дел од сѐ побројното движење за укинување на абортусот во доминантно католичката Хрватска, право што со децении е заштитено со закон, но сѐ потешко се добива пристап до него.
Најновата земја-членка на Европската унија, Хрватска, има една од најниските стапки на абортус во Европа, што драматично се намалила откако земјата се отцепила од социјалистичка Југославија со војната во периодот 1991-1995, која повторно го разбудила чувството за национален идентитет вкоренето за многу Хрвати во нивната католичката вера.
Истрагата за Балканската стипендија за новинарска извонредност, сепак, укажува дека официјалните бројки не ја кажуваат целата приказна.
Плашејќи се од стигмата и блокирани од страна на голем број лекари кои одбиваат да вршат абортуси во јавните болници оправдувајќи се со нивната вера, многу хрватски жени се принудени да имаат неевидентирани, незаконски прекини на бременоста во приватни клиники.
Оние бремени жени кои бараат помош поради семејни или финансиски проблеми често се упатуваат од страна на државата во католичките засолништа за жени и деца, кои во случајот со Витлеемските куќи се комбинација од предупредувања за осуда со ветувања за спас преку убедување да не се абортира.
Со доаѓањето на власт на конзервативната влада во 2016 година, законското право да се избере абортус е под директен удар на јавноста, како одек на октомвриските случувања во Полска , каде масовните протести беа единствениот начин да се спречи парламентот да воведе речиси целосна забрана.
Слични случувања со ограничување на абортусот има и во Македонија, која е исто така дел од поранешна Југославија, како и на Косово, каде што општествената стигма ги поттикнува нелегалните абортуси.
„Позицијата на жената во општеството е под закана … [и] станува простор каде се води идеолошка битка за профилот на хрватското општество“, вели хрватскиот социолог Валерија Барада.
Ограничен пристап
Според податоците од Светската здравствена организација, во 1980 година, имало 701 абортус на 1000 живородени деца во Хрватска, која во тоа време била дел од Социјалистичка Федеративна Република Југославија, каде што генерално стапката на абортус била прилично висока.
Бројката почнала брзо да опаѓа со почетокот на војната во 1991 година, кога Хрватска прогласила независност, а до 2014 година се намалила на 76 абортуси на 1000 живородени деца. Ова е најниската стапка во балканскиот регион во споредба со 156 во Албанија, 168 во Црна Гора, 195 во Словенија, 201 во Македонија, 259 во Србија, 401 во Романија и 416 во Бугарија.
Генералниот пад на стапката на абортуси во Источна Европа делумно се објаснува со пошироката употреба на ефикасна контрацепција. Но, во Хрватска има и други фактори, како резултат на зајакнувањето на „традиционалните вредности“ на семејството, нацијата и верата, како и потешкотиите со кои се соочуваат жените во остварување на правото на абортус.
Ние сме пешадија во војната
– Мери Билиќ, раководителка на засолништето за бремени жени во близина на Сплит
Абортусите во Хрватска се дозволени во јавните болници и во една приватна болница во Загреб. Но, според извештајот за родова еднаквост на Народниот правобранител од 2014 година, од 375 лекари со овластување за спроведување на постапката, нешто повеќе од половина одбиваат да го сторат тоа врз основа на законот од 2003 кога било воведено правото за приговор на совеста.
Критичарите велат дека правото е лошо регулирано, оставајќи некои области на земјата со само неколку лекари што се подготвени за вршење абортуси. На пример, во Сплит, вториот по големина град во Хрватска со 180.000 жители, само еден од вкупно 25 гинеколози во државната болница врши абортуси.
Приказната на Сани, чие презиме БИРН не го открива, е нетипична. Кога останала бремена во 2011 година на возраст од 18 години, сплитската државна болница ја известила дека ниту еден од вработените лекари не врши абортус. Тогаш Сани се јавила кај нејзиниот гинеколог. „Таа ми рече дека помага да се родат бебиња на земјата, а не да се убиваат”, вели таа.
„Жените мора да одлучуваат за својата судбина”
Иако ставовите против абортусот во Хрватска се зацврстуваат, на другиот крај на Европската унија во Ирска и Северна Ирска, постојат знаци дека омекнуваат.
„Не станува збор за тоа ‘дали ќе имаме референдум’, туку ’кога’, изјави за БИРН активистката за човекови права Еилбхе Смит во Даблин. „Постои импулс за промена на теренот”.
Ирска и Северна Ирска, заедно со Малта и Андора, ги имаат најпознатите рестриктивни закони за абортус во Европа.
Со генерации, таквите ограничувања ги терале жените да преминат од другата страна на водата во Англија или Велс за прекин на бременоста, што е лекција за тоа што може да ја очекува Хрватска ако продолжи во насока на заострување на законите за абортус.
Во 2015 година, Вестминстерското министерство за здравство во Лондон извршило 5.190 абортуси на жени во текот на претходната година, што се водат на адреси надвор од Англија или Велс, објави Белфаст Телеграф во мај 2016 година.
Шеснаесет проценти од нив се од Северна Ирска, а 66 отсто од Република Ирска.
Северна Ирска има построги закони за прекинување на бременоста од остатокот на Велика Британија, односно се дозволува абортус само ако животот на жената е во опасност или ако продолжувањето на бременоста може да доведе до сериозни долгорочни оштетувања на физичкото или менталното здравје.
Жените сѐ повеќе се свртуваат кон апчиња за абортус кои може да се нарачаат онлајн. Но, нивното земање е нелегално.
„Би можела да одам на интернет и да ги купам. Можам да ги ставам тука на мојата маса, но да ги испијам е криминал”, вели Брида Хјуз, директорка на Кралскиот колеџ за акушерки во Северна Ирска.
Во април, една жена од Белфаст која ги купила апчиња онлајн, за да стави крај на својата бременост добила условна затворска казна. Следниот месец, 71-годишната поранешна социјална работничка Дајана Кинг и две други жени сами се предале на полицијата, велејќи дека тие го прекршиле законот и помогнале некому да абортира, нарачувајќи ги апчиња онлајн.
На собирот како поддршка на правото за избор одржан во јули во Белфаст, Кинг изјави за БИРН дека нејзиниот случај сѐ уште е под истрага. „Би сакала да стигне до суд”, рече таа. Една жена на маршот носеше транспарент на кој пишуваше „удрете по црквата, удрете по државата, жените мора да решат за нивната иднина”.
Во Ирска, жените кои абортираат се соочуваат со 14 години затвор. Здравствените работници кои им помагаат ризикуваат казни од 4.000 евра.
Но, расположението можеби се менува, делумно можеби заради нарушениот углед на Католичката црква заради скандалите со сексуална злоупотреба и истрагата за третманот на немажените мајки и нивните бебиња во куќите под католичко раководство. Во 2014 година се покажа дека речиси 800 бебиња биле закопани во необележани гробови на имотот на еден таков дом во округот Галвеј.
Активистите за поддршка на правото за абортус беа поттикнати од страна на големиот број гласови во полза на абортусот на референдумот во 2015 година кој ги овозможи истополовите бракови.
Во февруари 2016 година, „Амнести интернешнл“ објави анкета во која 87 отсто од испитаниците во Ирска рекле дека се за проширување на пристапот до абортус. Седумдесет и два отсто рекле дека тој треба да се декриминализира.
„Ова е голем напредок”, рече Смит, „но бавен.”
Конечно, Сани, се јавила кај родителите на нејзиното момче, кои се јавиле на една медицинска сестра што ја знаеле, која заедно со еден лекар од приватна клиника во мал крајбрежен град во близина на Сплит нелегално го извршиле абортусот.
Во медицинското досие на Сани, прекинувањето на бременоста е заведено како спонтан абортус. Таа платила 340 евра, речиси двојно повеќе од она што е официјална просечна цена во јавните болници. Најскапата државна болница е во Дубровник, град на југот од државата кој е магнет за туристите, каде абортусот чини 405 евра, што е приближно еднакво на минималната месечна плата Хрватска.
„Поголемиот дел од лекарите во Хрватска ќе се повикаат на приговорот на совеста на еден или друг начин, но постои една група од нив која сигурно нема да го направи тоа во болница од било која причина, но ќе го направи тоа приватно“, вели д-р Здеслав Бензон, доктор во сплитската болница, кој одбива да врши абортуси.
Тајните абортуси речиси сигурно се резултат на фактот што иако бројот на законски индуцирани абортуси многу опаднал, процентот на прекини на бременоста како последица на „здравствени причини“ се зголемил повеќе од двојно од 21 на 48 отсто во периодот меѓу 1998 и 2014 година, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.
„Голем број абортуси се евидентирани како резултат на здравствени причини“, вели социологот Барада.
„Во контекст на таквиот конзервативен јавен дискурс, доколку ја носите стигмата на некој кој отворено прави абортус, вие станувате олицетворение на злото“.
За бремените жени, Барада вели: „Не е лесно да се оди во болница и да се абортира“.
Тоа особено дошло до израз во октомври, кога католичките активисти кои се залагаат против абортусот од групата „40 дена за живот“ објавија на Фејсбук повик за молитва пред една болница во источниот град Вуковар наредниот ден, откако дознале дека една жена ќе треба да абортира таму.
Болницата наредила внатрешна истрага, а Државното обвинителство наредило сопствена истрага поради негодувањето на групите за човекови права за тоа како во јавноста излегле доверливи медицински детали.
Инспирирани од Тексас, болнички молитви сега се одржуваат во 24 градови низ цела Хрватска. Започнале во 2013 година, кога истакнатите американски активистки против абортусот, Лила Роуз и Џудит Рајзман, одржале серија предавања во Хрватска.
Рајзман зборувала како гостинка на медицинските факултети во Загреб и Сплит. Групата наречена „Вигиларе“ била еден од организаторите. Логото на „Вигиларе“ се наоѓа на веб страната на клиниката за абортус што ги упатува жените кон Витлеемските куќи, иако групата одби да одговори на прашањата на БИРН во врска со нејзината поврзаност со сајтот.
Упати
Католичкиот свештеник отец Марко Глоговиќ ја отворил првата Витлеемска куќа во 2010 година во градот Карловац. Организацијата сега нуди сместување до една година за 19 жени и нивните деца во било кое време.
Глоговиќ за БИРН изјавил дека од отворањето на куќата во Карловац обезбедила покрив над главите на 70 бремени жени, под услов тие да се одлучат да го родат детето. Куќата во Карловац добила над 300.000 евра од непрецизирани донатори во текот на изминатите три години, се вели во финансиските извештаи поднесени до Министерството за финансии.
„Во принцип ние сме секогаш полни, но бидејќи мајките понекогаш остануваат само накратко, секогаш можеме да примиме нови“, изјави Глоговиќ во е-маил порака.
Билиќ вели дека го сретнала Глоговиќ пред околу 11 години кога останала бремена, а не била во брак и ја изгубила работата како наставник по верски студии. Тој ја убедил да не го абортира детето и таа се приклучила на каузата. Билиќ опишува како таа им пристапува не жените.
„Кога жената е во ситуација кога сака да абортира, таа е многу чувствителна”, вели Билиќ. „Плаче, а кога ќе се појават солзите, тоа е … како да паднал дожд врз плодна почва и може да се разговара за сите опции“.
Но, таа не запира тука.
Непосредно пред БИРН да зборува со Билиќ, една активистка поборничка за правата на жените и уште една жена ѝ пријдоа на Билиќ. Едната од нив се преправала дека е бремена и рекла дека нејзиното момче сака да ја прекине бременоста. Тие го снимиле разговорот и доставија копија до БИРН.
Според снимките, Билиќ и рекла на жената што се преправала дека е бремена ако се согласи да го задржи бебето може да остане во куќата во Сплит пет години, многу повеќе од една година, колку што Витлеемските куќи, всушност, им овозможуваат на жените да останат.
Таа ја терала жената да не им кажува на нејзините родители дека е бремена и ја предупредила дека ако абортира ќе падне во страшна депресија што нема да биде во можност да ги заврши студиите на Универзитетот.
„Кога мајката прави абортус, таа станува гробница на нозе, не гробница, туку мачилиште” ѝ рекла Билиќ на жената.
„Дојди во куќата, не им кажувај ништо на твоите родители. Кога ќе дојде време и ќе видат дека си бремена, и кога нема да постои друг начин, тие бурно ќе реагираат, на овој или оној начин, а ти ќе ми се јавиш“, вели таа. „Ќе ти дадам соба, ќе се одмораш и ќе си уживаш“.
Билиќ подоцна ја контактирала пријателката на жената, испраќајќи и текстуална порака која гласела: „Една калуѓерката се понуди да го земе детето ако е потребно. Кажи и дека ја преколнувам да прифати“.
Подоцна БИРН ја прашала Билиќ за снимката и пораката. Билиќ рече дека тоа значело оти калуѓерката привремено ќе ја земе и жената и нејзиното дете.
„Не сме направиле ништо нелегално, против никого“, вели таа. „Не сме луди, не сме фанатици”.
БИРН, исто така, го праша Глоговиќ за витлеемските методи. „Сè што е направено е во целосна согласност со законот”, рече тој во е-маил пораката.
Глоговиќ, исто така, рече дека нема ништо со веб страницата на клиниката за абортус, но ги поддржува нивните намери.
„Не го поттикнав или создадов, ниту пак сум уредник на овој сајт, но дефинитивно им го давам мојот благослов, бидејќи тие се симбол на Давид против Голијат, борба против лагите и насилството врз жените и децата“.
Тој рече дека „приватното лице” што стои зад сајтот, едноставно ги копирало податоците за контакт на Витлеемските куќи од други сајтови и дека тие не се единствените наведени броеви. „Се сретнав со иницијаторот на сајтот еднаш или два пати во мојот живот, и сум го посетил сајтот можеби еднаш. Но, повторувам, тие го имаат мојот благослов и поддршка, бидејќи прават добро дело“.
Силвија Станиќ, која ја води организацијата наречена „Чекор по чекор“, што нуди советување и психолошка поддршка за младите бремени жени, изјави дека немала директно искуство со Витлеем, но е резервирана.
„Она што го имам слушнато за Витлеем е дека тоа е куќа за жени во која треба да се породат. Не можам да бидам премногу среќна со тоа, бидејќи што се случува со слободата на избор?”
„Ако алтернатива за спиење под мост е институција каде што ќе има покрив над главата, се разбира, тоа е спас. Но, се прашувам, по која цена?”
„Одделувањето на религиозните принципи од државата … е исклучително важно, но тоа не се случува во овој случај. Ова е експериментирање со животот на една личност”.
Сепак, Витлеем вели дека властите редовно ги упатуваат жените кај нив.
„Лекарите и медицинските сестри не известуваат доколку на некоја девојка ѝ е потребна помош”, вели Блаженка Бакула, раководителка на Витлеемската куќа во Загреб. Таа додева дека куќата што ја раководи има „прекрасна соработка” со Центарот за социјални работи, главното државно тело за социјална помош.
БИРН побара од Министерството за социјална политика и млади потврда за тоа дали социјалните работници ги упатуваат жените кон Витлеемската група и да дадат нивна оценка на активностите на групата, но портпаролката одби да коментира.
Властите ги отфрлиле кривичните пријави против веб страницата на Клиниката за абортус. Како одговор на тужбата од страна на Народниот правобранител за родова рамноправност, Вишња Љубичиќ, Министерството за внатрешни работи во почетокот на 2016 година соопштило дека не нашле докази за сторени кривични дела, изјавија за БИРН од канцеларијата на Љубичиќ.
Подемот на правото
Хрватската војна за независност во почетокот на деведесеттите години го инспирираше она што социологот Барада го нарекува „ретрадиционализација” на родовите улоги, при што мажот е „воин”, а жената чувар на семејството и нацијата.
Како што растела моќта на Католичката црква по независноста, исто така растел и презирот кон социјалистичкото, секуларно минато, и релативно прогресивниот пристап кон правата на жените.
Во поранешна Југославија, абортусот заради „социо-медицински” причини бил легализиран во 1952 година, а во 1974 година федералниот устав го прогласил за „човеково право слободно да се одлучува за раѓање дете“. Врз основа на ова, Хрватска во 1978 година усвоила сеопфатен закон на сите аспекти за регулирање на плодноста, вклучувајќи го и абортусот.
Конзервативците денес велат дека законот во 1978 година бил донесен под недемократски режим и мора да се промени.
Барада вели дека прашањето за абортусот „е плодна почва за зацврстување и зајакнување на традиционалните вредности и одредена политичка агенда”.
„Ако сакате да промовирате… традиционална политика, важно е да се изберат прашања што лесно ќе го поларизираат општеството, а абортусот е едно од нив. Со себе носи значителна стигма“.
Шест месеци откако Хрватска и пристапи на ЕУ, конзервативните групи за притисок ја освоија првата голема победа во декември 2013 година, кога една организација наречена „Во име на семејството” направи референдум за тоа дали да се промени Уставот за да се дефинира бракот како заедница меѓу маж и жена. Околу 66 отсто гласаа „Да”.
Конзервативното движење оттогаш се опреми со кабловска телевизија и интернет канал наречен „Лаудато“, делумно финансиран од страна на католички организации од САД и Германија, како и со порталот, narod.hr, што беше промовиран во почетокот на 2014 година.
„Престани да ме следиш”
Клиниката „Мари Стоупс“ во Белфаст е отворена во 2012 година како прва приватна клиника што им нуди абортус на жените во Северна Ирска, во рамките на строгата законска рамка што овозможува прекин на бременоста само ако е загрозен животот на мајката или доколку бременоста претставува сериозен ризик за физичкото или психичкото здравје.
Тоа е често место каде се одржуваат протести против абортусот. Натали Биернат волонтира во клиниката, придружувајќи ги жените што влегуваат и излегуваат:
„Еднаш, иако веќе подолго време волонтирав… тие (демонстрантите) мислеа дека сум клиентка. Само што заминав од работа, една (демонстрантка) започна да оди по мене и да зборува: ’Дали таму се обидувате да абортирате?’ Јас само ѝ реков: ’Не ми се обраќајте. Престанете да ме следите“.
Но, таа продолжи да ме следи по патот … преку семафорите до станицата. И постојано повторуваше, ’Секогаш ќе бидеш мајка на мртво бебе’. Цело време го повторуваше истото.
Јас ѝ велев, „Дали се чувствувате добро кога малтретирате жени кои ја напуштаат клиниката?’ А таа продолжуваше со истите зборови. Кога сфати дека нема да ѝ одговорам, таа само гласно рече: ’Ќе се молам за тебе’.
Претходно имаа мал модел на фетус. Ептен мал. И ќе ги следеа (клиентите) и ќе се обидуваа да им го покажат. Или кога жената си одеше тие викаа … „Не си го убивај бебето. Или прскаа со света вода на прагот.
Има многу жени кои доаѓаат, и обично се малку постари … Тие многу, многу отворено ќе речат, „Никогаш не мислев дека ќе направам абортус, не се согласувам со абортусот”. Понекогаш, една до две жени ќе ми кажат во ист ден: „јас не се согласувам со абортус.” А, сепак, се дојдени на клиниката.
Една од нив ми кажа: „Знаете, јас ќе бев како демонстрантите, против абортусот, сѐ додека тоа не ми се случи мене”. Но, тогаш таа се најде во ситуација кога остана бремена, а не можеше да продолжи со бременоста, без оглед на причината“.
Подемот на движењето кулминираше со изборите кон крајот на 2015 година, кога на власт дојде конзервативната Хрватска демократска заедница (ХДЗ) а со тоа и голем број на истакнати десничарски личности, вклучувајќи го и Златко Хасанбеговиќ, поранешен активист на групата „Во име на семејството“.
Хрватска коалициска влада се распадна во јуни 2016, но ХДЗ повторно победи на изборите одржани во септември.
На 10 октомври, Уставниот суд под водство на новиот претседател, изјави дека ќе го разгледа предлогот поднесен пред четврт век за уставноста на хрватските закони за абортус, прогласувајќи дека земјата е „доволно зрела” за таква одлука.
Пресудата се очекува до крајот на годината.
Еден ден по објавата на судот, ХДЗ изјави во соопштение: „Абортусот по барање на жената не треба да биде забранет, бидејќи оваа несакана појава не може да се намали со забрана, туку преку образование“. Законот, рече тој, треба да биде „модернизиран” за да се вклучат мерки како што се задолжително советување и забрана за абортус врз основа на полот на детето.
Стратегијата наиде на одглас и на други места на Балканот.
Во 2013 година, Македонија воведе строги мерки, вклучувајќи задолжително советување, услов жената да поднесе писмено барање, период на чекање од три ден пред да се изврши абортусот и големи парични казни за докторите кои строго не се придржуваат до постапката.
Македонија е главно православно христијанска држава, но има сѐ поголемо малцинство од претежно муслимански Албанци. Поддржана од страна на Македонската православна црква, десничарската влада водеше кампања против абортусот, а за зголемување на стапката на наталитет, заради стравот дека ќе се изгуби етничката рамнотежа во корист на Албанците.
„Еден од мотивите за донесување на овој закон е спасот на македонската нација и раса”, изјави македонскиот активист за човекови права, Игор Јадровски. Како и Хрватска, вели тој, властите ја наведоа потребата за промена на законот, усвоен за време на Југославија, за да се осовремени. „Но, тоа беше само маска”, вели тој.
Претежно муслиманското Косово, исто така, се соочува со слична ситуација како во Хрватска, но од сосема други причини.
Таму, стигмата што постои околу самохраните мајки често ги тера жените да абортираат, но рестриктивните закони и стравот дека ќе бидат избегнувани од страна на општеството значи дека многумина го прават тоа тајно и незаконски во приватни клиники, наместо да се обратат на единствената јавна клиника овластена за спроведување на постапката.
Лекарите во јавната клиника не го кријат своето противење на абортусот, а на постерот изложен во просторијата каде што се врши абортусот, постапката ја нарекуваат „кривично дело”, објави БИРН во август.
„Доволно зрели“
Во мај, меѓу 5000 и 10000 луѓе учествуваа на собирот во Загреб насловен како „Марш за живот“, прокламирајќи ја светоста на семејството.
На чело на маршот беше најистакнатиот лидер на конзервативното движење, Жељка Маркиќ. До неа беше Сања Орешковиќ, сопругата на тогашниот премиер, Тихомир Орешковиќ.
„Секој разумен човек ќе го избере животот над смртта, и сè друго се само глупости и страв”, изјави за новинарите Орешковиќ.
Тоа беше првиот марш од ваков вид во Хрватска и остави своевиден печат на времето.
„Станува збор за дисциплинирање на женската сексуалност и женското тело”, изјави Барада за тековната дебата.
Во современа Хрватска, „за да се абортира и да се зборува за тоа на нормален начин, а да не се чувствува вина, не е едноставно.”
Со лажен идентитет, новинарката што го пишува овој текст, се јави во општата болница во Сплит кон крајот на јуни, почетокот на јули и повторно во октомври за да се распраша за можноста за абортус.
Во јуни, жената која одговори на повикот, рече дека единствениот доктор кој врши абортуси не е на работа и додаде да се јавам повторно следната недела. БИРН добиваше ист одговор на секој нареден повик.
Во октомври, жената повторно одговори на телефонот.
„Абортус?”, праша таа. „Каков абортус? Намерно? Кој ќе го направи тоа за вас тука?”
БИРН му напиша на директорот на болницата, Иво Јуриќ неколку прашања во врска со тоа дали и како се вршат абортуси во болницата. Тој одговори: „Сите лекари во Клиниката за женски болести и акушерство работат во согласност со законите и со важечките прописи на Република Хрватска”.
Масењка Бачиќ е фриленс новинарка од Сплит. Овој текст беше објавен како дел од Balkan Fellowship for Journalistic Excellence, со поддршка од ERSTE Foundation и Open Society Foundations во соработка со Balkan Investigative Reporting Network