– Белград
Семејството на Марко Чабриќ веќе 70 години живее во иста зграда и во истата улица во Белград. Сепак, за тоа време, тие имаа четири различни адреси.
За повеќето граѓани на Белград, ова не е необично.
По падот на комунизмот во 90-тите години, многу држави од Источна Европа почнаа со преименување на улиците, во насока на зајакнување на националниот идентитет на својата земја.
Но, ако преименувањата на улиците во градовите како Источен Берлин, Букурешт и Софија, беа значителни, овој процес во земјите од поранешна Југославија, како што е Србија, беше поекспанзивен и порадикален.
Овие земји не само што се трансформираа од социјализам во демократија, туку од една унифицирана, мултиетничка држава, произлегоа и шест независни национални држави.
Во Белград, кој пред 45 години беше главен град на социјалистичка Југославија, владата имаше задача да ги преименува улиците со цел да ја одрази на ненадејна исклучиво српски идентитет. Ова се покажа како голем и контроверзен проект.
„Имаше слоеви и слоеви југословенски идентитет во називите на улиците во Белград, што не беше случај и во другите поголеми градови во Југославија“, вели Срѓан Радовиќ, истражувач во Етнографскиот институт во Белград, кој има напишано неколку книги за преименување на улиците.
„Белград за ова јавно не говореше, но основната политика беше да се избрише се што беше не само социјалистичко, туку и југословенско во имињата на улиците, за да се покаже земјата колку што е можно повеќе како српска земја“.
Денес, именувањето и преименувањето на улиците во Белград и натаму е израз на големите поделби во српското општество, во врска со начинот на кој историјата се памети.
Бришење на сеќавањата
Во 1990 година, од 150 улици во стариот дел на Белград, 25 имаа називи поврзани со социјализмот или Втората светска војна. Денес, само четири или пет улици ги задржале називите од тоа време.Комисијата за именување на улици и плоштади на град Белград, до 2004 година преименува речиси 200 улици, меѓу кои и оние кои ги носеа имињата на Јосип Броз Тито, Карл Маркс и на Црвената армија, советските вооружени сили кои помогнаа во ослободувањето на Белград од нацистичкиот окупатор во 1944 година.
Улицата во која што живее Чабриќ, која е прометна улица во станбена населба, денеска го носи името „Крунска“. Таа меѓу 1945 и 1997 година пет пати беше преименувана. Оваа улица е всушност белградска улица која најмногу ги менувала називите.
Од 1945 година, улицата два пати го носеше името „Крунска“, носеше и име на српска кнегиња, а го добила и називот „Московска“ улица, по главниот град на некогашен СССР. Во 1951 година, неколку години по раскинувањето на врските помеѓу поранешна Југославија и Советскиот Сојуз, улица беше преименувана во „Пролетерски бригади“, во чест на специјалните бригади на Народноослободителната војска од Втората светска војна.
Последната промена на називот на улицата беше извршена во 1997 година, кога Чабриќ имал близу триесет години. Таа од „Пролетерски бригади“ повторно стана улица „Крунска“. Ова беше дел од иницијативата на владата во 90-тите години, за враќање на имињата што улиците ги имале пред Втората светска војна.
Чабриќ вели дека на граѓаните им треба малку време да се навикнат на новото име. „Беше малку збунувачки првите неколку години“, вели тој. „Добивавме сметки за електрична енергија на кои стоеше името ‘Пролетерски бригади’, додека на сметките за водата стоеше улица ‘Крунска’“.
Денес, поголемиот дел од граѓаните на Белград се навикнале на новите имиња. Но, некои сѐ уште ги користат имињата на улиците од поранешна Југославија, дури и 20 години по нивното преименување. Чабриќ вели дека кога бил во даночната управа за да плати данок за својот стан, во образецот стоело дека тој живее на улица „Пролетерски бригади“.
Лилјана Королија, фризерка, целиот свој живот работела во улица „Иво Лола Рибар“, народен херој од Втората светска војна. Потоа, во 1997 година, улицата го дибила името „Светогорска“, по Света Гора во Грција, но, како што вели, и денес ги употребува називите од комунистичкиот период.
„Поголемиот дел од улиците во Белград и денес ги нарекувам по нивните стари имиња“, вели таа. „Не сакам да гледам вакво бришење на историјата“.
Со постсоцијалистичката експлозија на национализмот во Србија, но и во другите земји од поранешна Југославија, сѐ повеќе се почитуваа националистичките интерпретации на историјата, а се игнорира позитивните сеќавања на социјализмот и на Југославија.
„Постои тенденција да се покаже дека време во Србија меѓу Првата и Втората светска војна, е најдоброто време во српската историја и дека југословенското минато, на некој начин, било штетно за Србија и Србите“, вели историчарката и граѓанска активистка, Наташа Говедарица. „А тоа едноставно не е точно“.
Во социјалистичка Југославија, вели Говедарица, жените за прв пат уживале еднакви права, граѓаните можеа да патуваат речиси насекаде без визи, а стапката на писменост го достигна својот врв.
„Денес, наместо да водиме конструктивна дискусија за наследството на минатото и неделата на југословенската држава, ние го фрламе бебето ѕаедно со водата од кадата“, вели Говедарица. „Опасно е да се има ваков слеп и манипулативен пристап кон своето минато и историја“.
Чабриќ се согласува со ова. Во очите на актуелната власт, „ништо не постоело пред 2000 година“, вели тој. „Ние сме целосно нова држава и почнуваме од почеток. Но, тоа не е продуктивно“.
„Ако не се сеќаваш на минатото, не можеш да научиш ништо од него“, додаде тој.
За некои Белграѓани, нарекувањето на улиците според нивните стари имиња е само навика. За други, пак, со одредена намера, но и од лични причини.
„Имате многу луѓе кои, од идеолошки или политички причини, не ги прифаќаат новите имиња“, вели Бранислав Радовиќ, 25-годишен студент по право, кој живее во улица „Крунска“. „Ова предизвикува многу емоции, особено кај луѓето кои биле активно вклучени во таа борба“.
Сепак, за некои, промената на имињата не претставува голем проблем.
„Ако го промените името на булеварот ‘Револуција’ во булевар ‘Александар’, сите и понатаму ќе го нарекуваат само ‘булевар’“, вели Иван, кој работи во улица „Светогорска“.
„Секоја влада има свои идеали и ги менува имињата во согласност со овие идеали. Кој вели дека следната влада нема да го врати старото име на оваа улица, ‘Иво Лола Рибар’, од (идеолошка) поврзаност со тој режим? Промената на името на улицата не менува ништо“.
Градскиот совет на Белград, во 2007 година, реши, на главната улица во Нов Белград, да ѝ го даде името на првиот демократски избран српски премиер, Зоран Ѓинѓиќ, кој беше убиен во 2003.
Сегашниот премиер, Александар Вучиќ, кој тогаш беше член на тврдокорната Српска радикална партија, во тоа време учествуваше на протестите против оваа одлука, на кои таблата со името на Ѓинѓиќ, беше прекривано со плакат на кој беше испишано името на Ратко Младиќ, генерал на Војската на Република Српска, кој е обвинет за воени злосторства, меѓу кои и за геноцид, во Босна и Херцеговина, извршени во 90-тите години.
Од средината на 2000-тите, темпото на преименување на улиците, забави. Комисијата за именување на улиците и плоштадите сѐ уште функционира, но таа е сега повеќе фокусирана на именување на новите улици, отколку на преименување на старите.
Но, овој процес не е завршен во целост. Во мај оваа година, менаџерот на градот, Горан Весиќ, информира дека до комисијата доставил предлог за промена на имињата на улиците „Гоце Делчев“ и „Похорска“, кои се наоѓаат во Нов Белград, со имињата на советските генерали од Втората светска војна, маршал Фјодор Толбукхин и Владимир Жданов.
Двајцата, за време на ослободувањето на Белград во 1944 година, биле припадници на Црвената армија. Претходно, две улици во центарот на градот го носеле нивното име, но тие биле преименувани во „Мекензиева“ и „Ресавска“.
Властите на Белград подоцна именуваа две приградски улици по овие двајца советски херои, но дури неколку години по повторното зајакнување на врските меѓу Србија и Русија на Владимир Путин. Весиќ има желба по нив да бидат именувани поважни улици, во знак на сеќавање на нивниот придонес во ослободувањето на Белград за време на Втората светска војна.
Срѓан Радовиќ, вели дека преименувањето на улиците, како средство за прилагодување на национално сеќавање, веќе не е потребно како порано. Главните улици, кои носеле имиња на личности од социјализмот, одамна ги вратиле имињата што се користеле пред овој период, или имињата се сменети, а младите, секако, во училиште не учат за југословенските херои.
„Личностите и термините од југословенското минато, денес не им значат многу на луѓето денес. Особено на младите, кои не знаат кои се тие стари херои“, вели тој.
„Улица, во моето маало, е именувана по жена борец која се борела во Белград, во Втората светска војна. Кога бев дете, за неа учевме во училиште…Денес, таа не се спомнува во учебниците, во образовниот систем, не е присутна во медиумите и јавниот дискурс, па на луѓето не им е грижа за неа“.
Денес, додава тој, владата не треба да менува имиња на улици за да го промени начинот на размислување, туку едноставно, да избрише личности или термини поврзани со социјализмот и со Југославија од образовниот систем и јавниот дискурс.
„Тоа е како да имаме споменик кој е сосема запуштен и не е исчистен долго време и кој се наоѓа не некое навистина темно место“, вели тој. „Тој, во основа, повеќе не е споменик“.
Леа Вилингхам е дипломец на СИТ програмата за студирање во странство на Катедрата за мировни и конфликтни студии на Балканот: Србија, Босна и Херцеговина и Косово. Овој текст е напишан како независен проект на студиите по новинарство.