Кога пешачиме по линијата на брегот на Преспанско Езеро, газејќи врз илјадници мртви школки што ни крцкаат под нозете, се наоѓаме на место до кое пред 20 или 30 години одвај можело да се стигне и со пливање. Во тоа време, над нас би имало повеќе од пет метри вода.
Без стабилен дотек, а со стабилен истек, и со голема зависност од годишните врнежи на дожд и снег (кои ги има сѐ помалку), ова езеро е жртва на климатските промени. Пресметка објавена од Министерството за животна средина во 2021 година покажува дека годишно на Преспанско езеро му недостасуваат 53 милиони кубни метри вода (колку една просечна вештачка акумулација) за да го одржи своето ниво. Тоа значи дека за три децении тоа загубило речиси половина од својата вода.
Сушата на два начина го празни езерото – повеќе вода испарува поради топлината, а и земјоделците користат поголеми количества за наводнување, бидејќи нема дожд.
Но, тоа не е најголемиот проблем.
Езера со природни карактеристики како Преспанско е нормално да имаат големи промени во водостојот, во зависност дали периодот е сушен или врнежлив, велат повеќе експерти со кои разговаравме. Всушност, потврдено е дека во средниот век тоа било уште помало од денес, бидејќи се најдени остатоци наколни населби далеку од брегот.
За разлика од тие времиња, денес околу езерото има технолошки многу понапредни земјоделски активности, особено за производството на јаболка, најпознатата култура во Преспа. Тоа значи дека се користат многу повеќе вештачки препарати, меѓу другото и пестициди, кои носат ризици за живиот свет, кој и онака е под притисок поради намаленото количество вода.
Како што се намалуваа туристичките потенцијали на Преспа (меѓу другото и поради повлекувањето на водата), така подигнувањето јаболкови плантажи стануваше основен извор на егзистенција.
„Во 1990-тите години, ние имавме околу две илјади хектари земјоделско земјиште со насад со јаболка. Сега имаме меѓу четири и пол и пет илјади хектари. Значи површината на земјоделските насади се зголемува многу, а состојбата со водата, и со квантитетот и со квалитетот, е многу полоша. Влијанието од тоа е очигледно“, вели Ајман Алмала, кој со децении раководи со секторот за животна средина во Општина Ресен и речиси наизуст ги знае и состојбите со езерото и сите активности што се презеле за тоа да се заштити.
Алмала објаснува дека во 2018 година, експерти од Македонското еколошко друштво, предводени од професорот Љупчо Меловски, направиле мапирање на живиот свет во крајбрежјето на езерото, на видовите и на живеалиштата во него, што било прво такво истражување во државата. Во следниот период треба да се направи ново, за да се види што останало од тоа.
„Може да излезе дека имаме нови видови, но се плашам дека дел од тие што беа регистрирани тогаш, веќе ги нема, особено некои водни растенија. Човековите активности влијаат негативно, дури и тие во внатрешноста на преспанскиот регион“, додава Алмала.
Помор на пеперутки, мутанти, канцерогени материи
Во повеќето документи за состојбите со Преспанско Езеро, пестицидите се еден од клучните зборови.
Така, во анализата објавена од Министерството за животна средина во 2021 година се вели дека се употребуваат фунгициди, инсектициди и хербициди, а е објавена и мапа од кои сѐ подрачја овие материи го загрозуваат езерото. Се додава дека дури и планинските водотеци што се слеваат во езерото се под притисок од овој тип загадување, па тие, наместо да носат чиста вода и да ја подобруваат состојбата, го прават спротивното.
Слични наоди има и во студија објавена во 2017 година од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), најактивната организација за заштита на преспанскиот регион. Таму се споменува неконтролирана употреба на разновидни пестициди и други материјали и во горните текови на реките и покрај езерото.
Во Планот за управување со Преспанско Езеро подготвен од Општина Ресен за периодот од 2020 до 2030 година се укажува и на уште еден проблем со пестицидите. Пишува дека по кроењето на јаболкниците, вишокот прачки најчесто се остава во овоштарниците и потоа се согорува за да се загреат дрвјата и да се заштитат од штетници.
Како резултат на тоа има неконтролирани емисии на гасови во воздухот „кои најверојатно содржат високи концентрации на канцерогени материи – хлорни соединенија, како диоксини и фурани, што се создаваат при горењето, а потекнуваат од остатоците на употребените пестициди“, се вели во документот. Таму се појаснува и дека најчесто употребуваниот пестицид, цаптан, во својата молекула содржи хлор.
Истражувањата на живиот свет утврдиле повеќе негативни појави што се припишуваат на употребата на пестициди, како и на општото зголемување на земјоделските површини на сметка на природата. Една од нив е намалувањето на бројот на видови пеперутки. Преспа е еден од најзначајните региони за дневни пеперутки во Европа, полн со ретки и загрозени видови.
Истражувачите Емилија Божиновска од универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Диме Меловски од Македонското еколошко друштво ја мереле распространетоста на дневните пеперутки во летните месеци од 2010, 2013 и 2016 година и ги споредиле своите наоди со истражување од 1989 година. Резултатите биле загрижувачки. Во целиот преспански регион, бројот на видови пеперутки бил намален за 22 отсто, а во најзначајното подрачје, локалитетот Езерани, за дури 53 отсто.
„Една од главните причини за намалувањето на разновидноста на дневните пеперутки е загубата на погодни хабитати или нивната фрагментација, проследена со пренамена на природните површини во обработливи. Дополнителен притисок врз биолошката разновидност е прекумерната употреба на пестициди, која има долгорочен и далекусежен негативен ефект“, велат истражувачите во своите заклучоци.
Уште поекстремна промена во живиот свет во Преспанско Езеро откри професорот Трајче Талевски од Хидробиолошкиот завод во Охрид, кој во 2017 година излезе со тврдење дека во него плива риба-мутант за која многу малку се знае. Се претпоставуваше дека мутацијата може да е резултат на прекумерната употреба на пестициди и хербициди во водите, од прскањето на овошните насади во близина на езерото.
Скапи препарати – еколошко однесување
Многу активности се преземаат во Преспа за да се намали употребата на пестициди. Еден од позначајните проекти е поставувањето мали метеоролошки станици со кои треба да се спречи прекумерното запрашување. Станува збор за едноставен систем, со кој осум станици се поставени во различни преспански микрорегиони, кои имаат и различни климатски карактеристики.
Со системот раководи овоштарското здружение „Благој Котларовски“. Податоците од станиците софтверски се обработуваат во Австрија, а потоа стигнуваат до здружението и до другите земјоделци што се приклучиле на иницијативата, плаќајќи годишна членарина од 600 денари. Кога ќе се покаже дека во одреден микрорегион се создале поволни услови (температура, влажност и друго) за да се развие одреден штетник, тогаш земјоделците добиваат препорака дека треба да запрашуваат со соодветното средство. Или, пак, кога мерните станици ќе покажат дека наскоро ќе врне, се препорачува да не се прска, бидејќи дождот ќе ги измие пестицидите, па не само што тие ќе завршат во почвата и во подземните води (евентуално во езерото), туку одгледувачот ќе мора да напрска повторно во следните денови.
На тој начин се заменува прскањето според календарски распоред и, според Фросина Ѓорѓиевска од здружението „Благој Котларовски“, значително се намалува бројот на запрашувања, до половина. Никој не им наметнал обврска на земјоделците да го користат метеоролошкиот систем, наместо да се водат според старите обичаи, кога прскале и по дваесетина пати годишно. Едноставно, тоа им е поисплатливо.
„Цените на средствата за заштита одат во многу нагорна линија и тие веќе претставуваат еден од најголемите трошоци во производството на јаболка. Годинава, интересот за користење на податоците од станиците е мошне поголем од лани, бидејќи секој земјоделец прво си тргнува од сопствениот џеб“, вели Ѓорѓиевска.
Едно е сигурно, додека трае овој финансиски мотив, проектот со метеоролошките станици ќе ги дава посакуваните резултати. Ѓорѓиевска не е загрижена за одржливоста. Вели – досега секоја година излегувале на крај.
Сепак, Никола Здравевски од УНДП, организацијата со чија поддршка беа поставени метеоролошките станици, смета дека во иднина треба да се стави сериозен акцент на одржливоста на овој систем, со поддршка на општината или на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, бидејќи досега се покажал како многу корисен во намалувањето на загадувачките материи што се испуштаат во земјоделското земјиште.
„Со него многу ѝ се помага на Преспа од еколошка гледна точка, бидејќи знаеме дека сѐ што е вишок и е неискористено, преку врнежите и подземните води завршува во езерото и ја влошува состојбата со живиот свет“, вели Здравевски.
Екоравенка со многу непознати
Колкава е концентрацијата на пестициди во езерото и колку може да издржи тоа? Со оглед на сѐ помалото количество вода, дали и овие намалени количества што се прскаат не се премногу за кревкиот екосистем? Ова се прашања на кои засега никој не може да даде одговор, бидејќи нема податоци.
Во извештај објавен од Институтот за јавно здравје во 2012 година за квалитетот на водите во трите природни езера во земјава, се вели дека, освен стандардните физичко-хемиски и микробиолошки анализи, се вршеле и мерења на присуството на пестициди и остатоци од пестициди во нив. За Преспанско Езеро се вели дека сите наоди биле исправни.
Но, иако во документот се содржани препораки да се воспостави систем за постојано следење на концентрацијата на пестициди и нивни резидуи, сепак тоа веќе не се прави. Од Центарот за јавно здравје Битола ни одговорија дека тие мерења биле проектна активност, која не продолжила.
Недостигот од податоци за разни загадувачки параметри, како и немањето одржливост на активностите, се меѓу почестите проблеми со кои се соочуваат и граѓанските организации што работат на заштитата на езерото.
„Кога бараме податоци, најчесто почнуваме од нула. Нема датабази. Сѐ функционира додека траат проектите, но кога тие ќе завршат, се престанува“, вели Марија Евтимовска од ресенското здружение „Еко герила“.
И лабораторијата во Стење, направена со поддршка на УНДП и на Швајцарија за да може постојано да се следи состојбата со квалитетот на водите во Преспанско Езеро, прави само физичко-хемиски и микробиолошки анализи. Од Општина Ресен очекуваат дека во следниот период ќе добијат поддршка и за редовно следење на концентрациите на пестициди во водата.
Пред пет години беше објавено дека по деценија и пол работа и вложени 15 милиони евра, Преспанско Езеро е спасено. Но, оттогаш природата му создава уште посилни предизвици на ова природно богатство, па се наметна и прашањето дали досега воведените мерки за намалување на штетите од човековата активност ќе бидат доволни во новите битки за него.