Вишиот суд во Белград денеска осуди четворица поранешни припадници на српската ДБ, по повторното судење за убиството на новинарот и уредник, Славко Ќурувија, познат противник на режимот на Слободан Милошевиќ, извршено во 1999 година.
Поранешниот шеф на ДБ на Србија, Радомир Марковиќ, и поранешниот шеф на белградскиот центар на ДБ, Милан Радоњиќ, се осудени на по 30 години затвор, додека агентите на тајната служба, Ратко Ромиќ и Мирослав Курак, на по 20 години затвор.
Судот утврди дека Марковиќ му кажал на Радоњиќ за планот за убиство на новинарот, а Радоњиќ се договорил со Ромиќ и Курак да го убијат.
Ќурувија беше убиен во Белград, во април 1999 година, наводно бидејќи бил опонент на режимот на Милошевиќ. Убиен е од зад грб, пред зградата во која живеел во Белград. Во него биле испукани 12 куршуми.
Пред да биде убиен, тој отворено го критикуваше Милошевиќ, обвинувајќи го за воени злосторства и водење на репресивен режим.
Во обвинението првично беше наведено дека убиството на Ќурувија било нарачано од „непознато лице“, и дека Марковиќ го поддржал делото, додека другите тројца припадници на службата – Ратко Ромиќ, Милан Радоњиќ и Мирослав Курак – учествувале во организирање и извршување на убиството.
Судијата, Снежана Јовановиќ, рече дека при повторното судење, повторно било утврдено дека лицето што пукало во новинарот и натаму е непознато, бидејќи партнерката на Ќурувија, Бранка Прпа, која била со него кога тој бил убиен, не можела да го идентификува убиецот.
„Дека непосредниот сторител е непознато лице, е утврдено со сведочењето на Бранка Прпа, која, исто така, била на лице место и се здобила со повреди“, изјави судијата Јовановиќ.
Фондацијата „Славко Ќурувија“ соопшти дека пресудата „уште еднаш недвосмислено потврдува дека убиството на Славко Ќурувија е организирано од државата“ и дека тоа е „важен чекор во соочувањето со политички мотивираните злосторства на режимот на Слободан Милошевиќ“.
„Со денешната пресуда, судскиот совет испрати порака дека сторителите на нападот врз новинарите, поради нивните јавно кажани зборови, не се недопирливи, дури и по неколку децении“, се вели во соопштението.
Во обвинението првично се тврдеше дека Курак бил директен извршител. Меѓутоа, во првостепената пресуда од април 2019 година, е наведено дека новинарот бил убиен од непознат сторител, а не од Курак. Поради тоа, Апелацискиот суд во Белград ја укина првостепената пресуда и наложи повторно судење.
Кога почна повторното судење, тројцата осомничени повторно се изјаснија за невини, додека Курак е во бегство и нему му се судеше во отсуство.
Марковиќ веќе отслужува 40-годишна затворска казна за убиство на поранешниот српски претседател, Иван Стамболиќ, и за други злосторства, додека Ромиќ и Радоњиќ во септември 2017 година беа ослободени од обвинението за обид за убиство на лидерот на опозициската партија, Вук Драшковиќ.
Првото судење е контроверзно со години. Судиите двапати се обидоа да ги отфрлат потенцијалните клучни докази – списоци на мобилните телефонски комуникации меѓу оперативците на тајните служби – кои, според обвинителството, ги сместиле на местото на злосторството. Сепак, и во двата случаи, нивната одлука беше поништена.