Еден летен ден пред две години, Иван Весиќ, софтверски инженер, кој живее во Ниш, Јужна Србија, се упатил кон локалната ветеринарна амбуланта. Автомобил го удрил неговиот едногодишен мачор, Дамјан, повредувајќи му ја ногата и опашката.
Ветеринарот Мирза Сејдиновиќ морал да ја ампутира опашката на мачорот, но успеал да ја спаси неговата нога. Весиќ можел да се смири; Дамјан ќе биде во ред. Двајцата почнале да разговараат и Сејдиновиќ се пожалил на софтверот во неговата амбуланта. Весиќ го погледнал екранот на компјутерот и брзо заклучил дека мора да постои подобар начин за управување со ветеринарната амбуланта.
Во следните неколку недели, Весиќ и Сејдиновиќ редовно се среќавале со цел да направат компјутерска програма за амбулантата. Сфатиле дека можат да направат нешто многу поамбициозно – да креираат софтвер што лесно ќе може да се користи од страна на ветеринарните амбуланти низ целиот свет. Српски ветеринар од САД дал висока оцена за една од првите верзии на нивната програма.
„Одлучивме дека треба да дадеме отказ на нашите работни места и да основаме своја компанија”, вели Весиќ.
Така се родила нивната компанија, „Ветклауд“ (VetCloud). По повеќе од две години опсежно тестирање на Балканот и во Велика Британија, софтверот за управување со ветеринарни амбуланти беше промовиран во ноември во Лондон, со што оваа компанија надмина клучен момент од својот развој.
Весиќ (38) и Сејдиновиќ (29) се меѓу стотиците претприемачи на Балканот, кои започнале да отвораат компании кои се занимаваат со технологија со цел освојување на глобалните пазари. Тие и инвеститорите кои ги поддржуваат се надеваат дека ќе го претворат овој поранешен комунистички, релативно сиромашен агол од Европа, што е често познат на меѓународната сцена по војните, нестабилноста и корупцијата, во ресурсен центар за технологија и иновации.
„Верувам дека е само прашање на време пред да постигнеме успех на нивото што го имаше ’Скајп’ во регионот”, вели Љубен Белов, управувачки партнер во „Лаунчхаб“ (Launchub), фонд со седиште во главниот град на Бугарија, Софија, што инвестира во дигитални стартап компании во југоисточна Европа.
Тој предвидува дека еден ден со акциите на балканските технолошки фирми ќе се тргува на берзата „Насдак“во Њујорк. „Некој ќе заработи многу на глобалниот пазар”, вели тој.
Некои балкански стартап компании веќе се преселиле во Силиконската долина, како што се „Имеилио“ Emailio, компанија основана во соработка со еден бугарски средношколец кој направил мобилна апликација за средување на сандачињата за примање електронска пошта. „Флипс“ (Flipps), фирмата што дизајнирала апликација што им овозможува на корисниците да испратат видео содржини преку нивните мобилни уреди на телевизија, исто така, се преселила од Бугарија во областа околу Заливот на Сан Франциско.
Друг поттик за стартап компаниите во регионот, е најавата што дојде од „Фејсбук“ во јули оваа година дека го купува „Лајвреил“ (LiveRail), рекламна видео компанија основана од двајца Романци, за наводни $400-500 милиони долари.
Инспирирани од имињата како она на креаторот на „Фејсбук“ Марк Цукерберг, балканските претприемачи се благословени со амбиција, технолошка поткованост и ентузијазам. Регионот изобилува со настани на кои луѓето зборуваат околу нивните идеи за отворање стартап компании, се вмрежуваат со други членови од технолошката заедница и се поврзуваат со инвеститорите. Но, овие потенцијални милијардери се соочуваат со пречки, вклучувајќи ги бирократијата, недостаток од владини стимулации и недоволно бизнис искуство.
Трет партнер, програмерот Милан Ѓорѓевиќ, им се придружи на Весиќ и Сејдиновиќ, додека го развиваа нивниот софтвер за ветеринарите базиран на облак-технологија, преку кој се зачувуваат медицинските досиеја, се закажуваат прегледи и се испраќаат известувања кога се потребни нови резерви на лекови.
За да добијат инвестиции за нивната компанија, тие не отишле во главниот град на Србија, Белград, туку во Софија, каде што имало повеќе можности за финансирање на стартап компанија.
„Иако имаше (стартап) заедница во Белград, во Софија веќе имаше создадено цел екосистем”, вели Весиќ, извршниот директор на компанијата.
Фирмата добила 200.000 евра од „Илевен“ (Eleven), фонд кој нуди обука и програма за менторство во замена за удел во компаниите што ги поддржува. Тимот на „Ветклауд“ помина три месеци во Бугарија, учејќи ги сите детали за започнување и водење на технолошка компанија.
„Добивме пари и совети кои ни беа потребни”, вели Весиќ.
„Лаунчхаб“ и „Илевен“ управуваат со вкупно 21 милион евра како дел од иницијативата спонзорирана од Европската унија за поддршка на малите и средни претпријатија, наречена ЈЕРЕМИЕ (JEREMIE). Тие дистрибуирале 9.000.000 евра на 120 стартап компании од регионот во изминатите две години и планираат да финансираат околу 200 фирми до 2015 година.
Од центар за аутсорсинг до стартап сцената
Со години, големите меѓународни компании работата поврзана со информатичката технологија ја давале на други специјализирани компании или поединци во Источна Европа. Привлечени се од релативно евтината работна сила и голем број квалификувани програмери, чии вештини се одраз на традицијата која датира од времето на комунизмот кога се ставало акцент на математиката и инженерското образование. Помогнале и ниските даноци, како на пример во Бугарија, која нуди рамна стапка од 10 проценти.
Но, сè поголем број експерти за технологија сега сакаат да работат за себе и да бидат тие што ќе ја креираат следната апликација која сите ќе мора да ја поседуваат или пак да постигнат голем успех во е-бизнисот.
Милош Милиќ, 25-годишен српски ИТ експерт, е дел од новата генерација. Тој работел за пет различни компании, но никогаш не почувствувал дека имал доволно слобода. Во декември минатата година, тој и неговиот деловен партнер, Срѓан Ступар, дале отказ на нивните работни места во ист ден за да ја основаат „Фармиа“ (Farmia), онлајн берза за добиток.
Милиќ ја опишал промената како најдоброто нешто што му се случило во животот. „Сега имаме помали плати, но имаме шанса да ја градиме нашата сопствена компанија”, вели тој.
„Фармиа“ ја дели канцеларијата со други стартап компании во неодамна отворениот простор во Белград наречен „Поткровје“. Летоска, местото сè уште мирисаше на свежа боја и прозорците требаше да се зацврстат, но тимот на „Фармиа“ не беше свесен за сето тоа додека зјапаше во екраните, пишувајќи програми.
До неодамна, српските стартап компании морале да бараат финансии во странство. Но, фондовите како што се „СтартЛабс“ (StartLabs), кои биле промовирани минатата година, имаат за цел да ја пополнат оваа празнина, охрабрени од порастот во бројот на претприемачи во областа на технологијата.
„Сега е најдоброто време да се започне нешто како ова”, вели Небојша Лазиќ, еден од основачите на „СтартЛабс“ и претприемач со долгогодишно искуство во развој на софтвер.
Сместена во канцеларии кои се наоѓаат во еден шопинг и конференциски центар, каде што состаноци одржувала поранешната југословенска комунистичка партија, „СтартЛабс“ нуди средства до 50.000 долари и ги поврзува фирмите со ментори и инвеститори од Западна Европа и САД.
Работите се сменија, вели Лазиќ, од деновите кога претприемачите наполу шегувајќи се ги нарекувале „суперхерои со самоубиствени тенденции”.
Новата генерација има позитивен став дека ќе успее што недостасувал кај многу луѓе кои започнувале со бизнис по падот на комунизмот пред повеќе од две децении, велат некои ветерани на технолошката сцена.
„Сум видел како луѓе од претходната генерација, со многу повеќе пари не успеваат затоа што имале погрешен начин на размислување”, вели Христо Алексиев, долгогодишен претприемач и основач на бугарската стартап компанија „Плејграунд Енерџи“ (Playground Energy).
Локални корени, глобален опфат
За разлика од компаниите во Силиконската долина, кои имаат пристап до стотици милиони потрошувачи само во САД, балканските фирми се со седиште во регионот кој е поделен на мали пазари. Но, Дилјан Димитров, еден од основачите на „Илевен“, вели дека тоа може да биде предност, бидејќи ги принудува регионалните стартап компании да развијат идеи со широка меѓународна привлечност.
„Секој кој започнува со креирање на технолошки производ е многу свесен дека треба да се направи глобален производ”, вели тој.
„Плејграунд Енерџи“, со седиште во Софија, се обидува да го стори токму тоа. Компанијата прави опрема за игралишта која генерира електрична енергија од детската игра. Струјата произведува светло, звуци и други ефекти за поттикнување на децата да си играат подолго.
Ко-основачот Алексиев вели дека тоа што е базирана во Бугарија на компанијата и дава значителни предности. Таа може да продолжи со стратегијата за глобален раст, користејќи ги притоа локалните дизајнери и програмери. Со тоа бизнис трошоците остануваат ниски и на тој начин компанијата има најголема корист од сумата од 200.000 евра што ги обезбедила преку инвестиции.
„Ако се преселевме во Америка, ќе потрошевме половина од парите само за селидба, изнајмување простор, адвокати …”, вели Алексиев, кој на 44-годишна возраст зборува за неговата шеста стартап компанија „Плејграунд Енерџи“ со ентузијазам на 17- годишно момче кое го започнува својот прв бизнис.
Но, други одбрале поинаков пат, и се преселиле во технолошките центри како Лондон и Берлин, каде што веруваат дека може побрзо да растат.
„Јунионси“ (Unioncy), онлајн платформа преку која луѓето можат да ги следат нивните купувања и да ги чуваат гаранциите, сметките, осигурувањето и прирачниците за употреба на едно место, се пресели од Софија во Лондон, каде што имаше повеќе можности за инвестиции.
„Најголем дел од инвеститорите не се плашат од ризици и не се толку конзервативни како што се во Бугарија”, изјави летоска 27-годишниот ко-основач на компанијата од Бугарија, Дејан Димитров,.
Димитров и неговиот шведски деловен партнер, Виктор Бодин, контактирале меѓу 50 и 60 потенцијални подржувачи пред да обезбедат 65.000 евра од двајца британски „ангел-инвеститори”, богати поединци кои финансираат стартап компании и претприемачи. Истата сума на пари потоа била додадена и од страна на „Илевен“ во Бугарија.
Меѓутоа, судбината н „Јунионси“ покажа дека преселбата во голем технолошки центар не е гаранција за успех. Бизнисот се затвори набрзо по самиот старт, и компанијата го објави своето затворање на крајот од октомври, откако наиде на технички проблеми кои беа многу поголеми од очекувањата на неговите партнери.
„Ветклауд“, српската стартап компанија, исто така се етаблираше во Лондон и доби средства и менторство од британската подружница на меѓународниот фонд „ТекСтарс“ (TechStars). „Ние одлучивме да се преселиме таму каде што е нашиот пазар”, вели Весиќ.
Но, нивната мала канцеларија во Лондон се фокусира на продажба; тимот за развој на компанијата останува во Ниш.
Унгарија за успех?
Додека стартап компаниите на Балканот се надеваат на голем пробив, една соседна поранешна комунистичка држава веќе постигна низа меѓународни успеси. Унгарија беше лансирна рампа за неколку компании, вклучувајќи ги „Прези“ (Prezi), популарниот софтвер за презентации базиран на облак-технологија, „Јустрим“ (Ustream), платформа за емитување видео содржини во живо, и „ЛогМиИн“ (LogMeIn), која им овозможува на корисниците пристап до нивните компјутери од далечина.
„Прези“ беше создадена во 2009 година како алтернатива на сеприсутниот „Пауерпоинт“ на „Мајкрософт“. Пет години подоцна, тој има 45 милиони корисници низ целиот свет. Компанијата вработува 160 лица од десетици држави во својата канцеларија во Будимпешта, која нуди отворен простор за работа, обоена во светли бои и сместена во поранешна телефонска централа.
Како и големите технолошки кампуси во Силиконската долина, „Прези“ им нуди на своите вработени многу бенефиции, вклучувајќи бесплатни оброци. Едно жешко јунско утро, групи од по неколку вработени, познати како „Презилци”, полека ја исполнуваа кафетеријата, каде широката понуда на храна и фрагментите од разговори што се водат на различни јазици потсетуваат на појадок сервиран во хотел со пет ѕвездички. Облечен во откопчана кошула на пруги, ко-основачот Питер Халацси пиејќи кафе, разговараше со другите вработени на неговата маса.
За Халацси, клучот за успех на новите бизниси „не лежи во парите, ниту во инфраструктурата, или правниот систем”, туку во промената на начинот на кој луѓето размислуваат – да се побегне од менталитетот што задушува и не сака ризици, што останал од времето на комунизмот.
„Нашето минато, историја, родителите, комунизмот, сите тие укажуваат дека ние не треба да веруваме во иднината”, вели Халацси, кој е одговорен за технолошкиот развој во „Прези“. Тој повика на сосема поинаков став: „Ние не треба да се плашиме, туку треба да гледаме нанапред”.
Заедно со „Јустрим“ и „ЛогМиИн“, „Прези“ создаде невладина организација наречена „Мостот Будимпешта“ (Bridge Budapest) која има за цел да помогне и да ја инспирира новата генерација унгарски претприемачи.
„Во Сан Франциско, срамно е ако некој на возраст од 20 години нема сопствен бизнис. Тука, родителите им велат на своите деца: „Не обидувај се, тоа е ризично. Оди најди работа во банка, тоа ќе биде подобро за тебе'”, вели Вероника Пистјур, извршен директор на организацијата. „Сега можам да видам дека сè повеќе и повеќе луѓе се подготвени да се обидат”.
Но, засега, новите унгарски стартап компании не успеале да го постигнат истото ниво на успех како „Прези“ и другите потврдени ѕвезди на технолошката сцена во Будимпешта.
Некои бизнис експерти укажуваат оти ова е делумно поради тоа што Унгарија ги канализирала парите од програмата на ЕУ, ЈЕРЕМИЕ, за вложување во капитални фондови, кои инвестираат во позрели компании и не нудат менторство. Тие тврдат дека тоа значи дека не се негуваат помалите стартап компании.
Според податоците на Европската асоцијација за приватен капитал и заедничко вложување, Унгарија има највисока стапка на заеднички капитални инвестиции како процент од бруто домашниот производ во Европската унија.
„Ние треба да формираме ЈЕРЕМИЕ академија, да ги поучуваме и едуцираме луѓето кои управуваат со фондовите”, изјави Петер Забоји, бизнисмен и поранешен предавач на ИНСЕАД, престижната меѓународна бизнис школа, која ги има поставено темелите на претприемништвото во Будимпешта.
Но, Золт Бако, ко-основачот на „КоЛабс“ (CoLabs), што нуди работен простор за стартап компаниите, вели дека следниот голем успех може да биде зад аголот.
„Потребно е време”, вели тој. „Во последните две години, сите ја чекаа следната голема приказна и кога неа ја немаше, луѓето стануваа фрустрирани. Но, заедницата станува сè подобра и подобра”.
Пронаоѓање на сопственото место на пазарот
Назад на Балканот, инвеститорите немаат илузии дека регионот ќе стане втората Силиконска долина, но некои сметаат дека сè уште може да одигра важна улога на меѓународната технолошка сцена.
„Она што можеме да го развиеме тука е еден вид инкубатор за таленти, места кои продуцираат луѓе со интересни идеи”, изјави Максим Гурвиц, партнер во „Терес Капитал“ (Teres Capital), со седиште во Софија, која планира да лансира фонд за заеднички вложувања во стартап компании во Централна и Источна Европа.
„Значи, следниот пат кога ќе сакате да создадете компанија, одете во Софија, а не во Њујорк, бидејќи таму е многу скапо”.
Иако на Балканот има многу програмери, инвеститорите велат дека недостигот од луѓе со бизнис искуство е сериозен недостаток.
„Луѓето не се сосема свесни за тоа што значи да се има сопствена компанија, одговорностите што ги имате, или обемот на работа”, вели Димитров, од „Илевен“.
За Белов, од „Лаунчхаб”, „единствениот начин да се постигне голем успех е програмерите да бидат тука, но продажбата и маркетинг услугите да се вршат од места каде што тие вештини се развиени до совршенство, како што е Лондон и Силиконската долина”.
Балканските влади полека сè повеќе се вклучуваат во овој сектор. Србија има Фонд за иновации финансиран од ЕУ, кој досега доделил 53 грантови во износ од 6.000.000 евра.
Софија гради технолошки парк од 50 милиони евра, исто така со средства од Брисел, за поврзување на локалните бизниси и универзитети со цел да се зголемат иновациите. Во јули бугарскиот претседател Росен Плевнелиев на церемонијата на која беа поставени темелите на паркот изјави дека тоа ќе биде „срцето на стартап културата” во земјата.
Но, технолошките претприемачи сакаат понепосредна и практична помош. Некои укажуваат на примерот на британската влада, која нуди големи даночни олеснувања за инвеститорите во стартап компаниите и самите компании.
„На сите стартап компании им требаат даночни бенефиции и порелаксиран даночен систем во текот на првата година или две”, вели Даница Радишиќ, претприемач од Белград.
Претприемачите и инвеститорите, исто така, се грижат за сè полошите образовни стандарди, плашејќи се дека на крајот тоа може да доведе до недостаток од квалификувани инженери по информатичка технологија, како и за недостатокот од соработка помеѓу академските институции и стартап компаниите.
Елица Панајотова, претседателка на државното претпријатие задолжено за Технолошкиот парк во Софија, тврди дека проектот може да послужи како катализатор за пошироки реформи.
„Во моментот кога овој објект ќе ги отвори (своите) врати за јавноста, треба многу повеќе да се направи, со цел да биде успешен”, вели таа. „И тогаш владата ќе биде обврзана да му даде поддршка”.
Но, додека политичарите ги утврдат нивните приоритети, програмерите продолжуваат да работат на нивните големи идеи. „Ветклауд“ се подготвува за неговото официјално претставување во Лондон и преговара за склучување партнерство со дистрибутери од САД.
Весиќ, кој е одговорен за развој на производи и бизнис, живее во Ниш и во Лондон, но и во Софија, каде што обучува други стартап компании и помага на „Илевен“ да избира нови кандидати за инвестирање.
Тој има големи соништа.
„Ако користите ’Дропбокс’ за да ги синхронизирате вашите датотеки, ако користите ’Гугл’ за пребарување на интернет, ќе користите ’Ветклауд’ за да раководите со медицинската евиденција во ветеринарната амбуланта”, вели тој.
Еден дел од приказната на „Ветклауд“ веќе има среќен крај. Мачорот Дамјан иако сега можеби има опашка која изгледа како на зајак, добро закрепнал по несреќата и повторно ужива шетајќи се низ улиците на Ниш.