Регион

Претставничкиот дом бара од Србија да ги пронајде убијците на браќата Битиќи

Семејството Битиќи. Фото: bytyqibrothers.org

Претставничкиот дом на Конгресот на Соединетите Американски Држави, вчера едногласно усвои резолуција, со која ги повикува српските власти, во најкраток можен рок, да спроведат истага и да ги процесираат „сегашните или поранешните функционери, за кои се верува дека се одговорни“ за убиството на Илија, Агрон и Мехмет Битиќи, извршено во јули 1999 година.

Браќата Битиќи, се бореле во редовите на Ослободителната војска на Косово (ОВК), против српските сили. По војната биле уапсени од српската полиција, кога залутале на необележаната гранична линија меѓу Србија и Косово.

Кога ја одлежале казната за нелегално поминување на границата, додека ја напуштале зградата на затворот во Прокупље, повторно биле уапсени, а потоа однесени во центарот за обука во Петрово Село и затворени во тамошното складиште.

На 9 јули 1999 година, непознати лица ги однеле до јама за фрлање отпад, каде што биле убиени со истрели во тилот.

Во резолуцијата се вели дека е „неприфатливо ниту едно лице досега да не биде прогласено за виновно за убиство на браќата Битиќи или за некакви други кривични дела, поврзани со нивната смрт и никој да не е соочен со обвиненија за тие злосторства“.

Во неа се додава дека „напредокот во решавањето на овој случај, или недостигот на истиот, треба да биде значаен фактор, што ќе го одредува понатамошниот развој на односите меѓу САД и Република Србија“.

Резолуцијата ќе се најде и пред членовите на американскиот Сенат, со што се отвора можност, истата да биде целосно усвоена од Конгресот.

Семејството Битиќи се надева дека новите претставници на САД, Метју Палмер и Ричард Гренел, ќе го стават случајот Битиќи во својата агенда.

„Се надеваме дека специјалниот претставник за Западен Балкан Метју Палмер и специјалниот пратеник во преговорите меѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел, ќе ги слушнат овие гласови и дека случајот со браќата Битиќи ќе им биде приоритет, како и правдата за сите жртви на воените злосторства. Конгресот денес покажа дека жртвите не можат да бидат игнорирани“, изјави, Илир Битиќи, брат на убиените.

Семејството Битиќи смета дека главен осомничен во овој случај е Горан Радосављевиќ Гури, поранешен полициски генерал и командант на центарот за обука во Петрово село.

Радосављевиќ за Радио Слободна Европа изјави дека „не е загрижен“ поради резолуцијата.

„Јас сум чист и немам причина да се плашам. Никогаш не сум се плашел. Јас секогаш сум подготвен да одговорам на повикот на правосудните органи во Србија“, рече Радосављевиќ.

Во декември 2018 година, американската влада му забрани на Горан Радосављевиќ влез во земјата, поради негова наводна вмешаност во кршење на човековите права, за време на војната во Косово.

Радосављевиќ изјави оти во времето на убиството бил на одмор и негираше дека извршил некакво кривично дело.

Денес тој е висок член на владејачката Српска напредна партија на Александар Вучиќ.