Канцеларија на детективот за изгубени предмети Кокаланов (39). Се отвора вратата. Влегува една средовечна Госпоѓа (45) со тенки веѓи и истенчен вкус за детективи. Жената е исто така и пасиониран љубител на домашна ботаника и собна флора, а особено приврзана со нејзиниот исчезнат фикус. Нешто во што публиката веднаш ќе има можност да се увери.
КОКАЛАНОВ: Дали се работи за фикус марачеае или за фикус коносичеа?
ГОСПОЃАТА: Зошто, има разлика?
КОКАЛАНОВ: Секако дека има.
ГОСПОЃАТА: Едниот има навика почесто да бега од дома?
Кокаланов се насмеа кисело.
КОКАЛАНОВ: Мора да соработувате ако сакате да го пронајдам вашиот фикус, госпоѓо.
ГОСПОЃАТА: Извинете… фикус бенџаминае.
КОКАЛАНОВ: Така ве сакам. Дали во последно време забележавте некакви чудни појави кај вашиот фикус?
ГОСПОЃАТА: Како да почнаа да му пожолтуваат листовите, но само од едната страна.
КОКАЛАНОВ: Дали можеби од северната?
ГОСПОЃАТА: Како знаевте?
КОКАЛАНОВ: Детектив сум, госпоѓо.
ГОСПОЃАТА: Да, се разбира, извинете.
КОКАЛАНОВ: Имаше ли вашиот фикус непријатели?
ГОСПОЃАТА: Да, имаше инсекти кои често го напаѓаа.
КОКАЛАНОВ: Аха. Тоа зборува многу. Дали користевте некои специфични инсектициди?
ГОСПОЃАТА: Не, само вообичаените.
КОКАЛАНОВ: Хм. Чудно. Можете ли да се сетите на нешто друго што би можело да биде важно за исчезнувањето на вашиот фикус?
ГОСПОЃАТА: Да.
КОКАЛАНОВ: Ќе сакате ли да споделите со мене?
Почнува да плаче. Кокаланов ѝ дава шамиче.
КОКАЛАНОВ: Смирете се, госпоѓо. Само полека. Ако ви треба време, ќе ве почекам.
Кога ќе се потсмири, сепак собира сила да зборува.
ГОСПОЃАТА: Никогаш не кажа ниту збор.
КОКАЛАНОВ: Рековте дека е фикус бенџаминае?
ГОСПОЃАТА: Да.
КОКАЛАНОВ: Но, тие фикуси не зборуваат.
ГОСПОЃАТА: Сигурен ли сте?
КОКАЛАНОВ: Сосема.
ГОСПОЃАТА: Мислев дека ми е лут нешто.
КОКАЛАНОВ: Можеби ви бил лут, но тие фикуси едноставно не зборуваат.
ГОСПОЃАТА: А како можам да знам дали ми бил лут?
КОКАЛАНОВ: Дали некогаш непотребно ви се развикал? Онака без причина.
ГОСПОЃАТА: Кој?
КОКАЛАНОВ: Фикусот.
ГОСПОЃАТА: За момент помислив дека зборувате за сопругот.
КОКАЛАНОВ: Сопругот!? Не спомнавте дека имате сопруг.
Госпоѓата замолчува.
КОКАЛАНОВ: Можете ли да ми го опишете односот на вашиот сопруг со исчезнатиот фикус?
ГОСПОЃАТА: Мојот сопруг го мразеше.
КОКАЛАНОВ: Класичен случај на љубомора. Друго?
ГОСПОЃАТА: Главно го игнорираше.
КОКАЛАНОВ: Неприфаќање на реалноста.
ГОСПОЃАТА: Еднаш гласно изговори – ќе ве исфрлам сосе тој фикус надвор!
КОКАЛАНОВ: Притаено насилство. Продолжете.
ГОСПОЃАТА: Не можам да се сетам. А да, еднаш го извади на тераса, а двапати го наоѓав фрлен во контејнер и го враќав дома.
КОКАЛАНОВ: Мора да ви било тешко.
ГОСПОЃАТА: Неподносливо.
КОКАЛАНОВ: Добро. Кажете ми нешто за односот на фикусот кон другите предмети во станот.
ГОСПОЃАТА: Немам други предмети во негова близина.
КОКАЛАНОВ: Зошто?
ГОСПОЃАТА: Фенг шуи.
КОКАЛАНОВ: Разбирам.
ГОСПОЃАТА: Некогаш со саати гледаше телевизија.
КОКАЛАНОВ: Сопругот?
ГОСПОЃАТА: Не, фикусот.
КОКАЛАНОВ: Интересно. Гледаше нешто особено?
ГОСПОЃАТА: Криминални серии.
КОКАЛАНОВ: Која поконкретно?
ГОСПОЃАТА: Не можам да се сетам.
КОКАЛАНОВ: А спорт?
ГОСПОЃАТА: Што спорт?
КОКАЛАНОВ: Гледаше ли спорт?
ГОСПОЃАТА: Сопругот?
КОКАЛАНОВ: Не, фикусот.
ГОСПОЃАТА: Понекогаш. Кога сопругот гледаше, гледаше и тој.
КОКАЛАНОВ: Заедно гледаа?
ГОСПОЃАТА: Да. Зошто? Лошо ли е тоа?
КОКАЛАНОВ: Јас на ваше место никогаш не би ги оставал сами да гледаат спорт. Особено ако навиваат за различен клуб.
Затемнување, па осветлување. Кокаланов си е со нозете на бирото. Во рацете има билтен од кладилница и прави тикет за спортска прогноза. За тоа време зборува наратор.
НАРАТОР: Кокаланов имаше доволно информации за почеток на истрагата. Не беше едноставно. Првин мораше да ги исклучи сите најстрашни опции, како убиство и слично. Се испостави дека во станот немало други растенија кои би си пречеле едно на друго. Две недели внимателно го набљудуваше животот во станот качен на олукот. Вообичаен семеен живот. Неколку брачни тепачки со полесни телесни повреди, ги запозна двајцата соседи кои беа во љубовна врска со пријавувачот на исчезнатиот предмет, една провала во рамките на која како семејство беа лишени од сопственост на телевизорот, но ништо што би укажувало на некаква трага од исчезнатиот фикус.
Падот од трети кат е многу полош ако не успееш да се фатиш за гранка од врбата долу. Кокаланов не успеа, па истрагата беше во мал прекин додека да бидат санирани скршениците и набиениците.
Лежејќи во болнички кревет, Кокаланов дојде до неверојатна еурека – што ако фикусот не го фрлил никој друг туку самата сопственичка во афект. Реши да ја извади таа информација од неа по секоја цена. Но, мораше да ѝ пријде внимателно. А кога внимателно ќе ѝ пријдеш на жена, може да се случат непредвидливи работи, како на пример да се разбудиш во нејзиниот кревет токму во моментот кога сопругот се враќа од работа. Овој дел од приказната е малку клише, но едноставно тоа се случи баш така – Кокаланов се скри во нејзиниот плакар. Односно, се испостави дека тоа е неговиот плакар. За среќа, пред да го отвори и да се случи непријатната средба, Кокаланов имаше можност да ја слушне нивната расправија, во рамките на која, сопругот отворено се закани дека ќе ја исфрли од дома, токму онака како што тоа го направил со нејзиниот фикус. Тоа беше почетна индиција дека фикусот би можело да е исфрлен од дома од страна на него.
За моментот на средбата Кокаланов не сакаше да се зборува многу. А и познаваше некои луѓе на ортопедија од падот од олукот, така што на одделение го примија и го прифатија како свој.
По излегувањето, Кокаланов ѝ се јави на муштериката за да ѝ соопшти дека има осомничен, но и покрај сите молби да ѝ каже, доследно остана на заклетвата на својот детективски занает, и не одгатна информации што би можеле да влијаат на текот на истрагата. Наместо тоа, се погрижи да ги потврди индициите.
КОКАЛАНОВ (завршува со тикетот, станува и оди до просцениумот, ѝ се обраќа на публиката): Беше дождлива ноќ кога во брза и ефикасна акција успеав да го заробам нејзиниот сопруг. Го заврзав за бурето со туршија во мојот подрум и го терав да јаде кисели зелени домати сè додека овој не го призна делото. Се испостави дека тој ладнокрвно го изнел фикусот додека неговата сопруга била на работа, и за да не му го врати повторно дома, го фрлил во контејнер на другиот крај од градот. Ниеден фикус не знае да се врати дома ако го фрлите на другиот крај од градот. Фикусот е верен, никогаш нема сам да го напушти вашиот дом, но не е куче за да се врати ако го исфрлите. Сопругот на пријавувачот на исчезнатиот фикус призна дека по извршеното дело најладнокрвно се вратил дома и си пуштил телевизија како ништо да не се случило. Играл неговиот омилен клуб. Кога сопругата се вратила и спискала, тој се правел дека не знае ништо и дека и самиот е шокиран од фактот дека фикусот не е на своето вообичаено место. Кога го призна и ова, успеа некако да се одврзе од кацата и да побегне нагоре по скалите. Но, предоцна, сè беше уредно снимено и документирано. Фикусот беше пронајден на местото каде што сопругот призна дека го фрлил, но веќе беше мртов, сосема исушен. Отидовме таму заедно со неговата газдарица, која некое време го оплакуваше држејќи го во прегратка, а потоа сепак се помири со вистината и замина дома кај нејзиниот сопруг. Подоцна разбрав дека виновникот го одмолчал јадењето огромни количини кисели зелени домати, но имало јасни траги на повраќаници во бањата.
Случајот беше решен. Во животот ќе наидете на разни фикуси. Но, нема таков што не може да биде решен.
Украдено од романот „Ние сме лудаци“