Ракопис

Нарцисот и младината

Едночинки: Животот е фарса
A tribute to Ephraim Kishon

kokalanov_crtez

Убаво, богато уреден стан. На ѕидовите безброј слики. Различни мотиви. На фотелјата среде собата за дневен боравок седи човек со луле во устата. Убаво облечен. Чита весник. Ѕвони ѕвончето, човеков станува и отвора врата. Момче и девојка во маици со иста боја и некакви политички пароли на нив, како и спортски капчиња во истата боја, стојат пред вратата. Човеков ги гледа со зачуденост, а потоа ги поканува да влезат внатре. Тие му даваат некакви материјали. Ги разгледува без многу внимание и ги става на масата.

 

МОМЧЕТО: Ви благодариме што нѐ примивте.

ДЕВОЈКАТА: Нема да се задржиме долго.

ЧОВЕКОТ: Секако, секако. Јас, еве, баш размислував нешто околу следното дело, бев задлабочен, се обидував да најдам инспирација, кога заѕвонивте, но не е проблем, кога сте врвен во нешто, малите попречувања дури може да бидат и здрави за инспирацијата.

МОМЧЕТО: (Вади некоја брошура од ранецот): Сакавме да ви презентираме дел од нашата програма.

ДЕВОЈКАТА: Вие сигурно си имате своја професија, па ве интересира нешто поконкретно…

ЧОВЕКОТ: Јас сум уметник. Познат уметник. Мои дела се изложени…

ДЕВОЈКАТА: Интересно. (На момчето) Види за уметноста што имаме.

МОМЧЕТО: (На девојката, прелистувајќи ја програмата) Немаме за уметноста, имаме за културата генерално.

УМЕТНИКОТ: Имате ли нешто за поддршка на врната уметност? Затоа што има многу уметници, но малкумина сме такви што може, така да се рече, на прсти се броиме такви што може да се издвојат како…

ДЕВОЈКАТА: Да, да, имаме доста работи за културата. (На Момчето) Види, таму, мислам при крај дека е културата.

МОМЧЕТО: (листа) Еве, еве, барам. А, еве… Имаме определба новата културна политика да се децентрализира, да има во секое населено место барем еден културeн дом за да има уметниците каде да се изразуваат, да изложуваат…

УМЕТНИКОТ: А за врвната уметност дали вашата партија предвидела нешто? Јас, на пример, изложувам насекаде низ светот, немам проблем со простор за изложување, но би ме интересирало некако државата… знаете, да ни посвети некаква државна награда, да не ме разберете погрешно јас награди имам безброј немам каде да ги ставам, еве баш пред два дена се вратив од Мадрид…

МОМЧЕТО: Ние би моежеле да ви помогнеме за изложба во Берово. Имам човек таму, има локал, така му седи, празен. Беше кладилница едно време местото, ама не му плаќаа со месеци кирија, па ги избрка, сега му седи празно… Не знам дали е соодветно местото, ама би ви го дале без пари на неколку дена, ако ви врши работа, не знам како одат тие работи…

УМЕТНИКОТ: Се гледа. Знаете, јас по малку се разбирам во тие работи. Во одредена смисла би можел да кажам дека сум стручњак за тоа, хе-хе-хе.

ДЕВОЈКАТА: Значи, како што рече и колегава, имаме многу ветувања во поглед на културната политика и нејзиното омасовување.

УМЕТНИКОТ: Да, омасовувањето е потребно, но мора тоа што е врвно да се издвои на некој начин. Баш на темава разговарав со некои колеги кога бевме во Венеција, јас добив некоја награда таму…

ДЕВОЈКАТА: Ве интересираат ли мерките во поглед на спортот? Тука има доста интересни предлози.

УМЕТНИКОТ: Како што ви реков, тоа беше и една од темите на работилницата што во моја чест беше организирана во Венеција, а по повод доделувањето на наградата…

ДЕВОЈКАТА: Сте биле во Венеција?

УМЕТНИКОТ: Да, таму добив прва награда.

ДЕВОЈКАТА: Не ми се верува. И јас бев лани со дечко ми во Венеција. То ест, бевме на летување во Лидо ди Јесоло, па скокнавме до Венеција.

МОМЧЕТО: Јас еднаш летав преку Тревизо, па сакав да одам до Венеција, ама немаше доволно време, само неколку саати до следниот лет. Викаат дека има доста канали, а?

УМЕТНИКОТ: Да, има. Јас во Венеција добив прва награда како сликар.

ДЕВОЈКАТА: И јас имам неколку награди дома. Бев на училишен натпревар по гимнастика, а потоа таа што победи – скрши нога, па ме пратија и на републички. Добив пофалница.

МОМЧЕТО: Награда и пофалница не е исто. Јас имам државна награда за „Кантер страјк“. Бев седми во Македонија. Ама тоа не е важно сега, не го замарај човекот со награди, најважна е програмата.

ДЕВОЈКАТА: Да, така е.

МОМЧЕТО: Ви се допаѓа бојата на нашата кампања? Многумина ни коментираа дека е доста впечатлива.

УМЕТНИКОТ: Ах, видете, никој не знае подобро од мене, момче, што е тоа впечатлива боја. Боите се мојата професија.

ДЕВОЈКТА: Еј, ај не го замарај човеков. Секако дека се прва лига овие што ни ја работеа кампањата, од агенцијата, се разбираат во тоа што го прават, тоа им е работа.

УМЕТНИКОТ: Чудно, јас за тоа имам сосема поинакво мислење. Јас мислам дека премногу лаици се вклучени во таа работа, никој не се консултира со нас – вистинските уметници. Сепак, ние сме некава елита…

ДЕВОЈКАТА: Овие се добри. Веќе 27 години се во дејноста.

МОМЧЕТО: Да, супер се. Не мора да си голем стручњак за да процениш, и по нив се гледа дека си ја знаат работата.

УМЕТНИКОТ: Ха, не му пишува на секој човек на челото што е по занимање. Еве, земете ме мене за пример. Би можеле да си помислите дека сум лекар-хирург, инженер, којзнае што, можеби не би претпоставиле дека сум еден од најеминентните сликари на современото наше сликарство…

 

(Се слуша ѕвонење на мобилен телефон)

 

МОМЧЕТО: Извинете ме бараат на телефон, сигурно од штабот.

ДЕВОЈКАТА: Кажи им дека ќе побрзаме, во десет имаме состанок.

МОМЧЕТО: Да… Да… Кај еден човек… Да… Доаѓаме.

УМЕТНИКОТ: Имате ли нешто за врвните уметници, нешто што би не задржало овде, зашто знаете, јас имам многу понуди да заминам за Париз, за Берлин, за Милано…

ДЕВОЈКАТА: Кој беше, Тони или Боби?

МОМЧЕТО: Ни тој, ни тој, главниот на штабот – Добре.

ДЕВОЈКАТА: Ајдеее.

МОМЧЕТО: Заглавивме со овој влез.

ДЕВОЈКАТА: (На Уметникот) Извинете, интерни муабети.

УМЕТНИКОТ: (На Девојката) Чекајте, застанете! Не се мрдајте! Извонредно… Каков извонреден профил… Ова е навистина вредно за сликарска четкица…

ДЕВОЈКАТА: Извинете, а колку време ви треба да направите една слика?

УМЕТНИКОТ: Неколку часови за скицата ми требаат, а потоа…

ДЕВОЈКАТА: Ништо, немаме толку време. Навистина. Извинете. Другпат.

УМЕТНИКОТ: Моите слики на пазарот се проценети од 20.000 евра, па нагоре. Знаете, не сум расположен секого да сликам. Тоа се само моменти на инспирација, некое посебно чувство за моментот, некоја специфична линија на нечие лице, видлива само за окото на уметникот…

 

(Пак ѕвони мобилен телефон, сега друга музика)

 

ДЕВОЈКАТА: Ете ги, сега пак, мене ми ѕвонат. Што им кажа?

МОМЧЕТО: Па, чу. Дека доаѓаме брзо.

ДЕВОЈКАТА: (На Уметникот) Извинете, морам да кренам, битен човек ме бара. Добре од општинската. (Се јавува) Да… Еве, работиме. Кај еден човек. Не знам точно. Па, не можам да зборувам, мислам дека е… Почекај… (На Уметникот) Се извинувам, со што се занимавате поточно, не ве прашавме, некако се зазборевме за вашето хоби?

УМЕТНИКОТ: Не, не ми е хоби сликарството! Тоа е целиот мој живот, тоа е…

ДЕВОЈКАТА: (На телефон) Мислам дека е сликар. Па, малку се задржавме, да… Имаме уште неколку станови и доаѓаме. (Затвора) Извинете.

УМЕТНИКОТ: Извинете вие, јас сум крив. Требаше да се претставам, но мислев дека ме препознавте. Обично нема потреба да се претставувам. Јас сум светски познатиот сликар Јовче Барковски.

ДЕВОЈКАТА: Чекајте малку, дали рековте Барчевски или Барковски?

УМЕТНИКОТ: Барковски, да. Не сте чуле?

 

(Девојката запишува во тефтер)

 

МОМЧЕТО: (На Девојката) Дај, те молам, запиши прецизно, немој потоа да не можеме да го најдеме на списокот.

ДЕВОЈКАТА: Со „в“ или без „в“ сте?

УМЕТНИКОТ: (Разочарано) Со „в“, иако во некои учебници ме пишува без…

МОМЧЕТО: (Воодушевено) Чекајте? Рековте Барковски?

УМЕТНИКОТ: (Радосно) Да, да, конечно! Лично и персонално Јовче Барковски!

МОМЧЕТО: Сега се сетив. Имавме Барковски во одделение. Петар. Мислам дека се викаше Петар. Или не, сепак Виктор. Имате некој Виктор во семејство?

УМЕТНИКОТ: (Во тотална депресија) Да, Виктор ми е внук од брат.

МОМЧЕТО: Не можам да поверувам! Во штаб имаме уште двајца од одделение. Нема да им се верува дека сум налетал на стрикото на Виктор Барковски.

УМЕТНИКОТ: (Веќе сосема во очај) Виктор е таков фалбаџија. Сигурно често ме спомнувал, се фалел. Знаете јас имам толку многу награди, немам ни место каде да ги ставам, па еден добар дел ги имам подарено по семејството. Еднаш на Виктор…

МОМЧЕТО: Не ве спомнал.

ДЕВОЈКАТА: Мораме да одиме.

УМЕТНИКОТ: Не сакате ли да ве прошетам малку низ приватната галерија? Таму ми е и сликата што е нарачка лично од војвода од Британија, чини безмалку 50.000 фунти…

ДЕВОЈКАТА: Би сакале, но навистина мораме да одиме.

МОМЧЕТО: Уште еднаш, чисто да не згрешиме – со „в“ бевте така?

УМЕТНИКОТ: Така.

МОМЧЕТО: Зошто мислам дека Виктор беше без „в“?

УМЕТНИКОТ: (Нервозно) Не знам зошто мислите дека Виктор бил без „в“!

МОМЧЕТО: Вие не сте по потекло од Прилеп?

УМЕТНИКОТ: Не, од Радовиш сум по потекло. Ама роден сум овде, во Скопје.

ДЕВОЈКАТА: Извинете ако ве налутивме со нешто.

УМЕТНИКОТ: (Се потсмирува) Извинете вие. Не ве понудив со ништо. Имам коњак, еден колега ми го прати до прочуената продавница на Монмартр…

ДЕВОЈКАТА: Фала ви, немаме време, не сте само вие, имаме уште станови за проаѓање.

МОМЧЕТО: Значи, ако нешто сакате да ни коментирате за програмата, слободно можете да го направите тоа на нашиот веб сајт, го имате овде долу. (Му подава визит-карта)

УМЕТНИКОТ: Па, не верувам дека ќе имам време. патувам во Лондон следната недела, потоа сум поканет во Пекинг за самостојна изложба…

МОМЧЕТО: Ние сега мора да одиме.

ДЕВОЈКАТА: Не одете во Пекинг. Многу е загадено.

УМЕТНИКОТ: Но, луѓето навистина инсистираат, таму има цела школа уметници што го следат мојот правец.

ДЕВОЈКАТА: Јас да ви кажам, вие како сакате. Ако за една изложба, или што и да е, сте спремни да си го загрозувате здравјето…

УМЕТНИКОТ: Мене уметноста ми е поважна од здравјето!

МОМЧЕТО: Со што рековте дека се занимавате?

ДЕВОЈКАТА: Ти рече човекот дека е некаков уметник.

МОМЧЕТО: Значи практично невработен.

УМЕТНИКОТ: Па, не би рекол, јас постојано работам.

ДЕВОЈКАТА: Но, имаме специјални мерки за невработени, ако сакате да си најдете некоја нормална работа.

МОМЧЕТО: Ако ни се придружите, шансите за вработување ви се многу поголеми.

УМЕТНИКОТ: Јас сум светски познат сликар!

МОМЧЕТО: Ви благодариме што одвоивте време за нашата програма.

ДЕВОЈКАТА: Се надевам ќе ја прочитате нашата програма. Мислам, вие барем имате време на претек.

 

Излегуваат. Уметникот бесно ги кине сите пропагандни материјали. Потоа нежно ги гали своите слики и нервозно вовлекува од своето луле.

 

КРАЈ