Регион

Приказни за болката и храброста на луѓето што преживеале воено силување на Косово

Трауматските искуства на 13 луѓе, се преточени во нова книга

Тие нѐ одведоа во полициската станица во Штимље и нè внесуваа еден по еден. Мојот ред беше околу полноќ. Врнеше дожд“.

„Можевме да ги слушнеме врисоците поради тортурата, кои доаѓаа одвнатре. Тогаш двајца полицајци ме зграпчија и ме однесоа во бањата. Јас врескав, а еден од нив ме држеше и ми ја туркаше главата надолу. Вториот со нож ми ги отстрани пантолоните и ременот и … првиот ме силуваше“.

Со овие зборови, Лули, кое, патем, не е негово вистинско име, се сеќава на силувањето што го преживеал во полициската станица во градот Штимље, во септември 1998 година, за време на војната во Косово.

По силувањето, полицијата го одвела во Приштина, каде продолжило неговото измачување. „Повторно бев тешко малтретиран, тепан … Молев да ме убијат, за да не го трпам тоа што ми се случуваше“.

Приказната на Лули е една од неколкуте слични, што се најдоа во новата книга, „Над болката, кон храброста: приказни за траумата на военото сексуално насилство“, објавена на англиски, албански и српски јазик, од Косовскиот центар за рехабилитација на жртвите на тортура и ФорумЗДФ Косово.

Книгата е моќна хроника за силувањето, тортурата и траумите, но и за надежта и храброста, која досега до долгорочните последици на военото сексуално насилство.

Се верува дека илјадници жени биле жртви на сексуално насилство што српските сили го извршиле за време на војната во Косово, која заврши со интервенција на НАТО, со која се стави крај на владеењето на Слободан Милошевиќ во тогашната југословенска покраина.

Фериде Рушити, директорка на Косовскиот центар за рехабилитација на жртвите на тортура, која им пружа медицинска, правна и финансиска поддршка на луѓето што преживеале воено силување, за БИРН вели дека книгата вклучува приказни не само за жени и девојки, туку и за мажи и момчиња, во насока на „продлабочување на нашето осознавање за родовата динамика на војната во Косово“.

„Молкот (за сексуалното злоставување во војната) е поизразен кај мажите кои тоа го преживеале. Заради повреденото чувство на гордост … тие молчат и страдаат двојно повеќе“, вели Рушити.

Книгата зборува за тоа како страдањата што жртвите ги преживеале, влијаеле врз нив, врз нивните семејства и деца, „бидејќи последиците од таква голема траума, никогаш не се ограничени само на жртвите на силување“, објаснува Рушити.

„Како што е докажано и во други случаи, и во Косово, траумата, кај жртвите што не се лекуваат, се пренесува на следната генерација“, нагласува таа.

Страв од стигматизација

Фериде Рушити, со примероци од новата книга. Фото: KРЦТ.

„Над болката, кон храброста: приказни за траумата на военото сексуално насилство“ е продолжение на книгата објавена во 2017 година, „Сакам да се чуе мојот глас: Книга на сеќавања со исповести на жени, што преживеале тортура во последната војна во Косово“, во која, исто така, се зборува за военото сексуално насилство, за стигматизацијата, општественото исклучување и негирањето.

„Оваа (нова книга) е повик за хумано признавање и емпатија. Да се зборува  за силувањето и траумата е од витално значење за здравиот начин на справување со тешкото минато и за воспоставување на општествена кохезија и одржлив мир“, нагласува, Кораб Красниќи, од ФорумЗДФ Косово, невладина организација која во Западен Балкан е фокусирана на справувањето со минатото.

Книгата цитира бројни преживеани жртви и членови на нивните семејства, кои истакнуваат дека срамот и стигмата поврзани со сексуалното насилство, ги спречува да кажат некому низ што поминале.

Во февруари 2018 година, владината Комисија за признавање и потврдување на статусот на жртвите на сексуално насилство извршено во војната во Косово, започна да прима барања за признавање на статусот преживеани жртви на воено сексуално насилство.

Добивањето на овој статус не само што официјално го признава страдањето на жртвите, туку им овозможува тие да добијат и бенефиции, како што е месечен паричен надоместок од 230 евра.

Но, многумина се двоумеа дали да аплицираат или не, од страв да не бидат жигосани и маргинализирани.

Досега се поднесени 1.510 барања, од кои 976 се прифатени, а 217 одбиени, најчесто поради недостиг на документација, што покажува колку е тешко да се утврдат фактите за злоставувањето што се случило пред повеќе од 20 години.

Рушити верува дека одбивањето на барањата испраќа „обесхрабрувачка порака“ до другите потенцијални апликанти. „Тоа ќе влијае на другите кои се борат во своите семејства да добијат поддршка за аплицирање“, истакнува таа.

Во книгата, освен што се зборува за траумата од минатото, присутен е и наратив за надежта. Во својата приказна, Лули објаснува како, по долги години живот во мизерија, успеал повторно да биде со својата сопруга и да започне со лекување.

Toj испраќа порака до останатите преживеани жртви и ги повикува да го  прекинат молкот. „Не го чувајте сето тоа во себе“, порачува Лули.