Регион

Судскиот процес за воени злосторства во Клечка, не беше шега

Коментар на судијата Дин Б. Пинелис

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Судијата, Малком Симонс, кој беше претседател на Собранието на судии на ЕУЛЕКС од 2014 до 2017 година, на 12 јули, преку видеоврска, сведочеше пред Одборот за законодавство на Собранието на Косово, при што изнесе голем број сериозни обвинувања против ЕУЛЕКС, вклучително и обвинувања за политизација на кривичните постапки, под јурисдикција на Мисијата на ЕУ.

Бев американски меѓународен кривичен судија во ЕУЛЕКС 28 месеци, од февруари 2011 до мај 2013 година. Бев и член на судскиот совет во првиот случај за воени злосторства во Клечка од 2011 до 2012 (како и во првиот случај Медикус, 2011-2013), и затоа сакам да одговорам на крајно неточните коментари на судијата Симонс за Клечка, заради историска точност.

Прво, дозволете ми да кажам дека пред судијата Симонс да стане претседател на Собранието на судиите, тој работеше како меѓународен кривичен судија од Велика Британија. Во Призрен во 2011 година, седев со него во судскиот совет што судеше случај за убиство и сметав дека неговото учество е многу професионално.

Никогаш повеќе не работев со него на некој друг случај, но и двајцата бевме во тимот на релативно малиот персонал меѓународни судии и го сметав за пријател.

Немам лично сознание за неговите обвинувања против ЕУЛЕКС и ќе го оставам тоа настрана. Но, сакам да го оспорам неговото карактеризирање на случајот Клечка, кој беше еден од најзначајните случаи гонети од ЕУЛЕКС. На видеото на ЈуТјуб на неговата презентација, тој дава неколку обемни изјави, кои се целосно спротивни на моето искуство во овој случај.

Симонс вели дека случајот никогаш не требало да се суди, затоа што доказите биле многу слаби; дека ниту една земја во светот не би одела понатаму со таков случај; дека шансите за успех биле мали и дека случајот во Велика Британија би бил „исмеан“.

Тој, исто така, тврди дека случајот бил политички мотивиран и дека, и покрај неговите слабости, бил гонет само затоа што носењето на осудителни пресуди против членовите и командантите на ОВК, би значело поддршка на дијалогот кој со посредство на ЕУ се води за нормализирање на односите меѓу Приштина и Белград, како најважна цел на ЕУЛЕКС.

Не се согласувам со оваа карактеризација. Според мое мислење, случајот презентиран пред судскиот совет во кој седев, беше целосно достоен на  целокупниот судски процес, и правно и фактички.

Случајот Клечка започна во 2009 година, кога Агим Зогај, во воените 90-ти стражар во логорот на ОВК во Клечка, отиде во полиција и изјави дека водел таен дневник, за пристигнувањата и заминувањето на сите затвореници (Срби и Албанци, кои се сметале за српски соработници).

Зогај наведе дека третманот на затворениците бил нехуман и дека неколкумина од нив биле погубени по наредба на Фатмир Лимај, командант на логорот, кој по војната стана важна политичка фигура во Косово.

Со текот на времето, како што напредуваше истрагата, Зогај даде бројни дополнителни изјави пред полицијата и обвинителот, и сите беа доследни. Неговите изјави во врска со егзекуциите, вклучително и употребата на коса како оружје за убиство, беа потврдени со форензички докази, но и со ексхумации.

Имаше и други сведоци и документи кои поддржуваа делови од изјавите на Зогај, иако тој беше единствениот што можеше да ги идентификува сторителите.

Летото 2011 година, по завршувањето на интензивната истрага и пред поднесувањето на обвинението, обвинителот дозволи Зогај да биде сослушан под заклетва од страна на бранителите, кои застапуваа десет лица за кои се водеше истрага, меѓу кои беше и Лимај.

Зогај беше на распит четири дена, односно вкупно 19 часа, а му беа поставени над 1.000 прашања. Неговите одговори беа во меѓусебна согласност, како и во согласност со неговите претходни изјави, и сите им беа обезбедени на бранителите.

Обвинителот потоа поднесе обвинение за разни воени злосторства засновано на горенаведеното, а судијата на ЕУЛЕКС независно го потврди тоа обвинение, што значи дека постоеше законска и фактичка основа да се продолжи со судење.

Тогаш Зогај беше ставен во програма за заштита на сведоци и оттогаш беше познат како „Сведок Х“. Но, се случи трагедија. Тој се обеси во Германија непосредно пред почетокот на судењето, кое беше закажано за ноември 2011 година.

Зогај беше под голем притисок и од обвинителството, и од одбраната, и очајно бараше начин да го заштити своето семејство.

Бев член на судскиот совет, заедно со претседавачот судија од Велика Британија (не беше судијата Симонс) и судијата од Косово.

Кога започна судењето, судот мораше да одлучи дали изјавите на Зогај, сведочењата дадени под заклетва и неговиот дневник, можат да се користат како доказ, со оглед на тоа што тој веќе не беше жив за да сведочи.

Според важечкиот закон, ова зависеше од тоа дали, пред Зогај да почине, им била дадена соодветна можност на бранителите да се соочат со него и да го испрашаат. Според законот, немаше автоматски точен одговор, а фактот дека Зогај не беше жив за да сведочи, не одлучи нужно по ова прашање.

Ова правно прашање беше предмет на интензивна дебата за време на неколку жестоки рочишта во судницата, која беше полна со приврзаници на обвинетите; тензијата беше видлива. Заедно со судијата претседавач, моравме да патуваме со оклопно возило од и до судската зграда.

Бранителите нагласија дека испрашувањето било несоодветно и дека ќе им биде ускратено правото за вкрстено испрашување на Зогај, за време на судењето, во светло на сите други докази што можеа да бидат прифатени, вклучувајќи ги и доказите на одбраната.

Издвоено мислење

Фатмир Лимај во судница во 2017. Фото: Атхе Мула

По рочиштата на кои се разгледуваше ова правно прашање, ние тројцата од судскиот совет, требаше да донесеме одлука.

Разговаравме за ова прашање долго и детално во нашите простории. Аргументите на одбраната ги убедија судијата претседавач и судијата од Косово, кои одлучија дека доказите на Зогај не се прифатливи.

Потоа гласаа за ослободување на обвинетите, кои не можеа да бидат осудени без доказите на Зогај.

Сепак, јас не бев убеден и моето мислење беше издвоено и образложено на 23 страници, со датум 26 март 2012 година, во согласност со законот за кривична постапка.

Моето образложение не беше дека обвинетите се виновни, туку дека доказите се прифатливи и оттука доволни за да се оправда мериторното судење. Мојата одлука беше поддржана со соодветната судска пракса на Европскиот суд за човекови права. Потоа, моето писмено решение беше ставено во судското досие, без можност да биде обелоденето, освен пред Врховниот суд во жалбена постапка (копија е достапна тука).

На следното рочиште во пролетта 2012 година, претседателот на советот ги најави ослободителните пресуди, на задоволство на обвинетите и незадоволство на обвинителот, кој веднаш поднесе жалба.

Во ноември 2012 година, Врховниот суд ги поништи ослободителните пресуди и го врати предметот на повторно судење, усвојувајќи го, во  најголем дел, образложението на моето издвоено мислење. Судот, исто така, утврди оти доказите на Зогај се прифатливи.

Судењето се повтори, со судскиот совет претседаваше судијата Симонс, а обвинетите беа прогласени за невини. Оваа пресуда на крајот беше потврдена со друга одлука на Врховниот суд.

Јас не го оспорувам овој исход, бидејќи тој се базира на сеопфатно испитување на сите докази на судењето, а не само на претпретресната проценка, и тој не го негира фактот дека првичното обвинение имало јасна одржливост кога првично било презентирано пред судскиот совет, како што беше тоа утврдено со првата одлука на Врховниот суд. Затоа, тешко дека беше за „исмевање“.

Иако не можам да ги коментирам мотивите на судијата Симонс, кога станува збор за неговите невообичаени изјави, можно е тој да сака да ја поткопа  валидноста на случајот, со цел да го поддржи неговиот наратив дека случајот бил процесиран само од политички причини, а не зато што тоа беше оправдано.

Иако немам лични познавања за махинации на претставници на ЕУЛЕКС кои сакале осудителни пресуди во овој случај, било во Косово или во Брисел, за себе можам да кажам дека никој никогаш не ми вршел притисок, иако гласав за тоа случајот да се суди.

Тоа ги вклучуваше и луѓето од американската амбасада во Приштина, со кои намерно немав контакт за време на мојот мандат во Косово, со цел да останам целосно независен.

Напротив, да бев под притисок од политички причини, ќе го отфрлев без размислување. И тешко дека претседателот на советот и судијата од Косово биле под притисок да донесат осудителни одлуки, затоа што тие гласаа за ослободување на обвинетите.

Дин Б. Пинелис

Судијата Дин Б. Пинелис дипломирал на Универзитетот Браун, на Правниот факултет на Универзитетот во Бостон и на факултетот Кенеди на Универзитетот во Харвард. Тој работел како меѓународен судија во ЕУЛЕСК од 2011 до 2013 година. Освен во Косово, тој има долгогодишно искуство на полето на владеење на правото и во Русија, Казахстан и Грузија и пишува книга за своите искуства во тие земји.
Мислењата изразени во овој коментар се исклучиво мислења на авторот и не ги одразуваат нужно ставовите на БИРН.