Апелацискиот совет на Судот на Босна и Херцеговина, вчера ја потврди првостепената пресуда со која Зденко Андабак беше ослободен од обвиненијата за воени злосторства, извршени над цивили во селото Грборези, Ливно, во јули 1993 година.
Жалбата на обвинителството на БиХ беше отфрлена како неоснована и Апелацискиот совет ја потврди пресудата донесена во март 2017 година.
Андабак беше ослободен од обвиненијата дека на 21 јули 1993 година, раководел со акцијата во селото Грборези, кога членовите на втората лесна јуришна бригада на воената полиција на ХВО, убиле едно, и раниле друго едно лице.
Тој беше ослободен од обвинението за убиство на едно лице, кое претходно го раниле припадниците на ХВО, како и дека физички малтретирал друг цивил.
Според обвинението, Андабак бил помошник началник на Управата на воената полиција во оперативната зона северозападна Херцеговина на ХВО и командир на втората лесна јуришна бригада на воената полиција на ХВО.
Судот утврди дека обвинителството не ја докажало неговата вина надвор од разумно сомнение, и дека сведоштвата на двајцата заштитени сведоци биле шпекулативни, збунувачки и контрадикторни.
Против оваа пресуда не постои можност за жалба.
Во декември минатата година, во друг случај, во кој на Андабак му се суди заедно со Муамер Јашаревиќ и Сеад Велагиќ, за злосторства извршени во 1992 година врз српското население во Ливно, исто така, беа поднесени жалби.
Во оваа постапка, Андабак беше неправосилно ослободен, додека Велагиќ и Јашаревиќ беа осудени на вкупно две и пол години затвор.