Регион

Припадник на „Црвените беретки“ осуден за силување во војната во БиХ

Вишиот суд во Белград, Фото: БИРН

Вишиот суд во Белград, го осуди Никола Вида Лујиќ, поранешен член на ЈСО, елитна единица на специјалните сили, позната и како „Црвени беретки“, за силување на Босанка во градот Брчко, на 20 јуни 1992 година, и го осуди на осум години затвор.

Според обвинението, Вида Лујиќ, заедно со уште двајца неидентификувани војници, на наведниот датум, во униформа и вооружен со пиштол, влегол во куќа во Брчко.

Кога влегол, пред жената која била во куќата, а чиј идентитет не е откриен во обвинението, тој извадил оружје, ставил куршуми во него и повторно го вратил во џеб.

Кога жената му предала пари и накит, Вида Лујиќ ѝ рекол „Дојди со мене“, а потоа ја однел во тоалетот и ја заклучил вратата. Тој ја силувал таму двапати, а потоа ја однел во спалната соба и повторно ја силувал, се наведува во обвинението.

Во него се додава дека за време на нападот, жртвата побарала од Лујиќ да ја убие, на што тој одговорил дека „за тоа не е задолжен“. Додека ја силувал, другите двајца војници кршеле предмети низ цела куќа.

Судијата, Дејан Терзиќ, изјави оти нема олеснителни околности и дека Вида Лујиќ, кој не беше присутен во судот на изрекувањето на пресудата, и претходно бил осудуван за слично дело.

„Тој ја искористил својата доминација над жртвата и нејзината беспомошност, бидејќи таа веќе била доволно исплашена затоа што нејзиниот сопруг бил уапсен“, нагласи Терзиќ.

За време на судењето, Вида Лујиќ тврдеше дека во војната не бил член на ниту една вооружена единица и оти не ја познава жртвата.

Но, други сведоци, вклучително и член на „Црвените беретки“, сведочеа дека Вида Лујиќ бил припадник на ЈСО, чии членови, како што се наведува, биле вклучени во воени и повоени злосторства.

На судењето сведочеше и сопругот на жртвата. Тој рече дека група српски војници дошле во неговата куќа на денот на злосторството и го одвеле на сослушување. Кога се вратил, соседот му рекол дека неговата сопруга е силувана.

Обвинението првично, во јануари 2018 година, беше поднесено од Обвинителството на дистриктот Брчко, но бидејќи Вида Лујиќ е српски државјанин, Окружниот суд во Добој му го отстапи предметот на Вишиот суд во Белград. Судењето започна во декември 2018 година.

Ова е првостепена пресуда и на неа може да се поднесе жалба.