Регион

Припадник на ВРС „ја силувал жртвата, а потоа побарал кафе од неа“

Албина Соргуч, Сараево

Мостот на реката Дрина, во Вишеград. Фото: Викимедиа/Хулиан Ниче

Во продолжение на судењето за воени злосторства во Вишеград, БиХ, заштитениот сведок, ВР-1, изјави дека обвинетиот, Вук Ратковиќ, во јуни 1992 година ја претепал и со примена на сила три пати ја силувал.

Како што истакна ВР-1, кога таа во јуни се враќала дома, пред зградата во која живеела, видела непознат човек со долга коса, кој изгледал „многу неуредно“.

Тој почнал да ја пцуе и да ја распрашува за нејзиниот сопруг, рече таа.

„Тој ме принуди да го отклучам станот и ме удираше по лицето и во стомакот. Ми ја соблече облеката и го изврши чинот на силување“, рече ВР-1.

„Беше многу болно и срамно. Јас не успеав да се одбранам, ме удри повеќе пати со нозете, ме шутираше“, рече сведокот.

Потоа, според нејзините зборови, тој ја натерал да се искапе, да се облече и да му направи кафе.

„Ми рече оти неговото име е Вук Ратковиќ, дека е од Србија и дека дошол да убива муслимани, Турци“, додаде сведокот.

Таа истакна дека Ратковиќ доаѓал и таму каде што работела, оти носел торба во која имало злато и човечки заби, нудејќи ѝ да избере нешто од тоа, но таа одбила.

По 20 дена од првото силување, таа, како што изјави, била силувана по втор пат.

„Истото сексуално насилство, со малтретирање и удирање“, рече таа.

Ратковиќ е обвинет дека како член на Вишеградската бригада на ВРС, во повеќе наврати, мачел, малтретирал, силувал и тепал женско лице.

По трет пат кога дошол, во почетокот на 1993 година, потенцира сведокот, Ратковиќ ги малтретирал нејзината ќерка и внука од брат, а потоа ги заклучил во соба.

„Го стори истото дело. Ми беше срам од децата“, рече таа.

Опишувајќи го обвинетиот, ВР-1 истакна оти тој имал долга црна коса, темен тен, мустаќи, со среден раст и дека „изгледал спортски“.

Таа сведочеше од друга просторија, препознавајќи го Ратковиќ во судницата.

Судењето треба да продолжи на 2 април.