Регион

Припадниците на Црвени беретки „убавале цивили, Бошњаци“

Радоша Милутиновиќ, Белград

Франко Симатовиќ е обвинет дека командувал со Црвените беретки. Фото: ММКТ

Сведокот, чиј идентитет е заштитен, пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ) во Хаг, изјави дека главен командант на Црвените беретки, единица која учествувала во заземањето на босанскиот град, Босански Шамац, бил обвинетиот Симатовиќ.

Од писмената изјава и од предходниот исказ на сведокот, произлегува оти тој бил сведок на убиствата на повеќе Бошњаци, кои, во почетокот на мај 1992 година, во селото Црквина во близина на Босански Шамац, ги извршиле припадници на Црвените беретки од Србија, предводени од Слободан Миљковиќ, познат по прекарот Лугар.

Во Црквина, според сведокот, биле стрелани „пет до седум муслиманите“, но, според обвинението против Станишиќ и Симатовиќ, биле убиени „најмалку 16“.

Симатовиќ, заедно со поранешниот шеф на СДБ Србија, Јовица Станишиќ, е обвинет за прогон на Хрватите и муслиманите во Хрватска и во Босна и Херцеговина.

Сведочењето на сведокот се одвиваше зад затворени врати, со цел да се заштити неговиот идентитет, а обвинителот Едвард Русо, претходно, во отворениот дел од рочиштето, го прочита резимето на неговата изјава.

Според резимето, сведокот бил припадник на „повеќе српски единици, вклучувајќи ги и Црвените беретки и Единицата за специјални операции на СДБ на Србија.

Како што наведе сведокот, тој бил обучуван од инструктори од Министерството за внатрешни работи (МВР) на Србија, во камповите на Црвените беретки во Србија и во Хрватска.

Во кампот во Пајзош, во Хрватска, „неколку пати“ го видел Симатовиќ.

Тој, во изјавата, го нарекува „командант на бригадата за специјални намени на МВР на Србија“, односно на Црвените беретки.

Токму Симатовиќ, облечен во маскирна униформа и црвена беретка, во април 1992 година, во Пајзош, им дал на припадниците на Црвените беретки, вклучувајќи го и сведокот, упатства за претстојниот напад на Босански Шамац.

Тој им рекол да ги остават сите свои документи пред да заминат на „тешката задача“, додаде сведокот.

Сведокот и неговата единица, со хеликоптер биле транспортирани во близина на градот, а во текот на заземањето на Босански Шамац, како што вели сведокот, соработувале со Југословенската народна армија, ЈНА.

Во писмената изјава, сведокот опишува дека од 17 април до 31 јули 1992 година, во два наврати, видел како поединци од Црвените беретки, заедно со припадници на локалната територијална одбрана, тепаат заробени несрпски цивили, во притворот крај зградата на полицијата во Босански Шамац.

Злосторствата за кои се обвинети Станишиќ и Симатовиќ, биле извршени, според обвинителите, во рамките на здружен злосторнички потфат, чија цел била трајно и насилно отстранување на Хрватите и муслиманите од големи делови на Хрватска и на БиХ, со цел да се постигне српска доминација.

На чело на злосторничкиот потфат, според обвинителите, бил тогашниот претседател на Србија, Слободан Милошевиќ.

Во декември минатата година, откако Апелацискиот совет на Хашкиот трибунал ја укина првостепената ослободителна пресуда која што им беше изречена, тие се изјаснија за невини по обвинението.

Советот процени дека имало погрешна примена и толкување на законот, кога Станишиќ и Симатовиќ беа ослободени од обвиненијата. Тој наложи процесот да се обнови и сите сведоци и докази да бидат повторно изведени пред нови судии.

Судењето на Станишиќ и Симатовиќ ќе продолжи утре.