Колку пари би платиле за да не завршите ниту еден ден на правдина зад решетки? Последните пет години 138 македонски граѓани биле неосновано притворени, а подоцна против нив не било покренато обвинение или биле ослободени по жалби во судските постапки.
Истражувањето на Невладината организација „Сведок“ покажа дека овие граѓани имаат право да ја тужат државата и да бараат надомест за неоснованото притворање, но таквата можност не ја искористиле ниту половината од нив, поради бирократските процедури и малата сума што ја досудуваат судовите.
„Сознанието дека ‘цената’ за ограничување на слободата во РМ е многу ниска и дека судиите во граѓанските судови имаат етаблирана практика за досудување мали и незначителни износи за надомест на штета, негативно се одразува врз судиите во кривичната постапка некритички да определуваат мерка притвор“, заклучуваат во анализата професорите од Правниот факултет Јустинијан Први во Скопје: Гордана Бужаровска, Ванчо Узунов, Неда Здравева и Бобан Мисоски кои ги анализирале судските пресуди.
Биле анализирани 74 пресуди за надомест на штета поради неосновано притворање донесени од сите судови во Македонија од 2007 до 2016 година. Најголем број пресуди биле донесени од скопскиот суд.
Истражувањето покажува дека судовите во Македонија имаат унифицирана сума за еден ден поминат во притвор, која се движи од 40 до 50 евра, во зависност од тоа кој суд или судија одлучува.
Според податоците од јавните обвинителства, во периодот 2011-2015 година, близу 6.700 обвинети лица не биле прогласени за виновни. Од нив за 1.700 обвинети лица судот донел ослободителни пресуди, а за близу 3.000 лица судот го одбил обвинението. Обвинителот по поднесено обвинение го искористил правото да го повлече поднесеното обвинение, и тоа во однос на 1.535 лица.
Сите овие бројки говорат за голем број граѓани кои биле инволвирани во кривично-правниот систем без да бидат прогласени за виновни од страна на судот. Право на надомест на штета имаат само тие кои биле неосновано притворени.
Добиените податоци покажале дека вкупниот број на притворенички денови за неосновано осудени лица во периодот 2011 – 2015 изнесувал 10.316 дена. По цена на притворенички ден од 1.000 денари, вкупниот буџетски издаток за притворањето на неосновано притворените лица во анализираниот период изнесувал над 10 милиони денари.
Преглед на пресуди од oсновните судови
Ако се направи споредба со висината на просечните плати исплаќани во Република Македонија во анализираниот период, наведениот износ на трошоци за притворање на неосновано притворените лица е еднаков на околу 500 просечни месечни плати. Или, ако се направи споредба со просечната плата која ја примаат речиси 80% од вработените во земјава (15.000 ден.), истиот износ покрива околу 700 плати.
Но, и во ситуација кога граѓанските судови ќе определат надомест за незаконското држење во притвор или затвор, државата не сака да ја исплати штетата доброволно туку граѓаните мора да поднесат барање до Извршител за присилна наплата.
Истото се случува и со адвокатите кои ги застапувале граѓаните што биле ослободени. И за нивните трошоци кои се плаќаат од Буџетот, наплатата оди по присилен пат.
„Според информациите од Државното правобранителство само во еден од случаите пресудата била извршена доброволно од страна на Министерството за правда. Во сите други случаи дошло до присилно извршување. Отсуството на подготвеност доброволно да се исплати досудениот износ на име надомест на штета поради неосновано лишување од слобода или неоправдана осуда од страна на Министерството за правда, придонесува за зголемување на трошоците поради ангажирање извршител за присилна наплата“, се потенцира во анализата.
Ниту еден од функционерите во Министерството за правда или Државното правобранителство не бил повикан на одговорност со тоа што не пристапил кон доброволна исплата и го оштетил Буџетот за трошоци направени при извршувањето.
Преглед на пресуди од основни судови по апелациони подрачја
Граѓаните, во анализираниот период побарале износ за материјална штета од 8.512.485 денари, а вкупниот досуден износ на надомест на материјална штета е 3.864.864 денари. Или, судот признал 45% од бараната сума за материјална штета. За нематеријална штета биле побарани 65.486.050 денари, а досуден е износ за нематеријална штета од 15.480.281 денари, или судот како нематеријална штета признал износ од 23,6% од бараната сума.
Вкупниот износ на побарани надоместоци за трошоци на постапките изнесувал 2.106.405 денари, а вкупниот досуден износ за трошоци за постапките кај истите пресуди изнесува 1.807.036 денари, или како материјална штета бил признаен износ од 86% од бараната сума.
Просечниот дневен износ за надомест на нематеријална штета од 5.122 денари е висок заради релативно малиот испитуван примерок. Ако се изземе малиот број највисоки износи, просечниот износ за надомест на нематеријална штета изнесува 3.399 денари по ден притвор. Меѓутоа, во голем дел на случаите просечниот дневен износ како надомест на нематеријална штета изнесува околу 2. 300 денари, што е помалку од 40 евра.
Податоците покажуваат дека вкупните трошоци за надомест на штета на неосновано притворените лица изнесувале 28.999.395 денари, односно околу 470.000 евра. Во таа смисла, ако тој износ се смета за апроксимативен и за периодот 2011-2015 година, во кој имало 138 неосновано притворени лица со вкупен број од 10.316 притворенички денови, произлегува дека просечниот вкупен надомест на штета по притворенички ден изнесува околу 2.800 денари. Или, просечно по неосновано притворено лице, вкупниот надомест на штета изнесува околу 210.000 денари – се констатира во финасискиот дел на анализата.
Времетраење на притвор кај обвинети лица кои не биле прогласени за виновни според вкупното процентуално учество во периодот 2011-2015 година
Тимот професори во анализата „Неосновано притворени – правни и буџетски импликации“ што ја промовираше Невладината организација „Сведок“ денеска во ЕУ Инфо центарот дава повеќе препораки за тоа што треба да стори државата кон луѓето кои неосновно ги држела зад решетки, а потоа ги шета низ долги судски постапки, не сакајќи доброволно да им го исплати надоместокот кој им следува според законот, како надомест за материјална и нематеријална штета.
• Министерството за правда да ја преиспита својата улога во постапките за склучување спогодба за надомест на штета. Онаму каде што прашањата не се спорни, Министерството треба доследно да ја остварува задачата што му е доверена со Закон. Секое одолговлекување на постапките е на штета на лицата кои се оштетени и истовремено на штета на даночните обврзници во Република Македонија;
• Мерката притвор е само една од мерките за обезбедување присуство во кривичната постапка, па на тој начин и така треба да се гледа на неа. Некритичкото определување на мерката притвор е спорно, како од аспект на заштита на првата и на слободите на граѓанските, така и од аспект на заштита на имотните интереси на Република Македонија и нејзините даночни обврзници;
Само половина од невино притворените бараат отштета, заради долгата постапка и високите судски такси
• Судовите треба да го преоценат системот на изедначување на надоместоците за сите лица кои биле несоновано притворени или осудени и да го индивидуализираат пристапот согласно спецификите и околностите на секој случај одделно;
• Законот за парничната постапка да се преиспита од аспект на дозволеност на ревизија во овие спорови. Имено, од анализа на пресудите се наметна прашањето дали висината на предметот на спорот е неопходен услов за ревизија во овие спорови. Во неколку од анализираните пресуди, Буџетот на РМ неизбежно би претрпел штета ако до Врховниот суд врз основа на ревизија не стасал предметот каде што Основниот и Апелацискиот суд досудиле надомест на штета само заради водење кривична постапка, со што на погрешен начин ги примениле одредбите од ЗКП.
• Законот за парничната постапка и Законот за судските такси наметнуваат обврска за плаќање такса и во овие спорови. Со оглед на тоа дека повод за спорот, во својата есенција, е повреда на човековите права од страна на државата, сметаме дека одредбите на Законот за судските такси треба да се ревидираат, така што ќе се овозможи ослободување од обврска за плаќање такса на граѓаните во овие спорови, за чија основа за поведување е повреда сторена од државата, односно нејзините институции.