Додека пленумците размислуваат за нов протест, а родителите на притворените студенти се надеваат на условна казна, активистите за човекови права укажуваат дека мерката притвор не се применува за вакви кривични дела.
Во петок започнува судењето против осум лица, меѓу кои има и студенти, за протестите што се одржаа пред Владата на 5 мај. Обвинителството минатата недела поднесе обвинителни предлози против 12 лица за кривично дело „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“.
Меѓу обвинетите од оваа група се двајцата студенти од Студентски пленум, Давид и Венко, како и вујкото на Мартин Нешковски, кои се во притвор веќе две недели. Еден од обвинетите, поради здравствени причини е во куќен притвор.
Судењето за втората група од четворица обвинети кои се сомничат за истото кривично дело, се очекува да започне на почетокот на наредниот месец. Меѓу обвинетите во оваа група е Бошко Јакимовски, попознат како Црвен, кој зад себе има повеќе кривични пријави. Од вкупно 12 обвинети, како што објаснуваат адвокатите, четворица имаат претходно извршено други кривични дела. На еден од обвинетите, Обвинителството минатата недела предложи замена на мерката притвор со мерка за претпазливост, поради тоа што непосредно пред протестот дошол од Италија, така што било јасно дека нема намера за вршење на делото.
Притворот го направи своето
Дел од адвокатите на обвинетите за БИРН објаснуваат дека во петок ќе се оди на „буквално пазарење“ за условна пресуда поради тоа што најголем дел од обвинетите се студенти кои имаат испити и предавања што ги пропуштаат поради притворот.
Мирослав Вујиќ, адвокат на неколкумина од обвинетите во првата и во втората група за БИРН објаснува дека е спорно тоа што како доказ во судската постапка се користат снимки од сообраќајните камери, како и видео-материјали од телевизиски куќи и од веб-портали.
„Секако ќе поднесам приговор, бидејќи ваквите материјали можат да се употребуваат само во преткривична постапка, а не смеат да бидат валиден доказ во официјална судска постапка“, вели Вујиќ кој објаснува дека обвинетите не се подготвени „да одат до крај“ во докажување дека се невини, затоа што се плашат да не останат во притвор.
Спорно во случајот, како што објаснува адвокатот Александар Солев, е и тоа што во обвинението не се дава опис на делото.
„Во обвинението стои дека учествувале во толпа и спречиле службени лица во вршење на службено дејствие без да се наведе кои се службените лица или да се појасни какво е делото. Ако вие некого сте убиле, на пример, треба да се наведе кој е убиениот“, вели Солев кој застапува двајца студенти, Марко и Бојан. Според него, мерката притвор ја спречува одбраната во утврдување на фактичката состојба.
„Родителите притискаат, велат дека студентите имаат закажано испити и предавања. Подготвени се да се согласат на условно, само за да излезат од притвор“, вели Солев кој очекува судењето да заврши уште истиот ден, во петок.
Студентски пленум со протести пред судот
За тоа дека притворот на студентите претставува мерка на тортура постојано реагираат повеќе активисти и невладини организации меѓу кои Хелсиншкиот комитет за човекови права, движењата Солидарност и Ленка, но и Студентскиот пленум кој ги повика студентите на протести за ослободување на нивните колеги. И на вчерашниот масовен протест пред Владата, Студентскиот пленум побара „да не се заборават студентите кои се во притвор“.„Мерката притвор не се применува за вакво кривично дело што се казнува од три месеци до три години“, вели Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет која најави дека ќе ги посети притворените студенти. Таа вели дека уапсените студенти се неосудувани и дека единственото образложение за продолжување на притворот е да се спречи повторување на кривичното дело.
Стефан Видиков од Студентскиот пленум за БИРН вели дека се размислува во петок за време на судењето да се протестира пред Основниот суд Скопје 1.
„Од она што досега го знаеме е дека на нашите колеги од Студентскиот пленум им е продолжена мерката притвор за уште 30 дена. Ова нѐ натера да се зафатиме со преземање дополнителни протести пред институциите кои ги чуваат нашите колеги како политички затвореници“, вели Видиков.
Досега демонстрантите со неколку протести пред судот побараа итно ослободување на активистите и приведените студенти по започнувањето на бранот протести на 5 мај.