Регион

Протест на демобилизираните борци во Сараево

Младен Лакиќ, Сараево

Демобилизираните борци, Захир Мујиќ и Мурис Опачиќ, од Зеница. Фото: БИРН

Демобилизирани борци на АБиХ и на ХВО, протестираа пред зградата на Парламентот на Федерацијата БиХ, барајќи од пратениците да дискутираат за нивните барања на седницата на парламентот во среда или во четврток.
 
„Бев таму за оваа земја и што имам сега? Ништо, гледате, а тие (пратениците), дури и не сакаат да разговараат со нас, како што гледате“, изјави за БИРН, Захир Мујиќ, еден од демонстрантите.
 
Мујиќ истакна оти на протестите во Сараево дошол од Зеница, заедно со неговиот пријател, Мурис Опачиќ.
 
„Не сум тука, бидејќи некој го организираше ова, јас сум тука, бидејќи ова е нашиот последен обид да ги подобриме работите“, ни рече Опачиќ.
 
Речиси 100 борци учествуваа во неорганизираниот протест пред федералниот парламент.
 
Тие бараат минимални месечни пензии од 326 босански марки (167 евра) за невработените припадници на боречката популација и исплата на 2 до 3 босански марки (1-1,5 евра) на секој борец, за секој месец кој тој го поминал во војната.
 
Тие, исто така, бараат и воспоставување на единствен регистар на борците, од кој ќе бидат исклучени наводно илјадниците лажни демобилизирани борци.
 
Третото нивно барање е укинување на финансирањето на, како што велат, непотребните здруженија на борци од буџетот на Федерацијата БиХ и на кантоналните влади.
 
Во февруари, поради овие исти барања, демобилизираните борци ги блокираа патиштата во Тузла, Зеница и Добој, како и магистралниот пат од Сараево до Коњиц, но полицијата два дена подоцна ја разби нивната блокада.