Регион

Протести против номинацијата на Наташа Кандиќ и ФХП за Нобелова награда

Филип Рудиќ, Белград
 


Група српски националисти, во петокот протестираа поради номинацијата на Наташа Кандиќ и на ФХП, кој ги документира злосторствата извршени во војните во поранешна Југославија, за Нобелова награда за мир за 2018 година, што ја поднесоа двајца американски конгресмени.

Наташа Кандиќ ја нападнаа и провладините весници. Во еден од нив дури беше објавено дека таа „ги поддржува терористите”, поради нејзините активности и барањето правда за воените жртви од Косово и од Босна и Херцеговина.

Членови на десничарската група Заветници, на зградата во која се сместени неколку невладини организации во Белград, залепија плакати на кои пишуваше: „Нобелова награда за предавство на српскиот народ”.

„Веднаш ја повикавме полицијата … но таа не дојде, дури и откако тие (Заветниците) се разотидоа”, изјави програмската директора на невладината организација „Граѓанска иницијатива“, Бојана Селаковиќ.

Додаде дека група од околу 30 демонстранти се собрала пред зградата пред која останале околу половина час, при што ги снимале луѓето кои работат во приземјето.

Сепак, Заветниците дојдоа на погрешна адреса, бидејќи ФХП не се наоѓа во таа зграда, позната како Куќа за човекови права.

Реагираа и српските таблоиди, кои ја критикуваа номинацијата на Кандиќ, со користење на навреди врз етничка основа и цитирани закани што против неа ги упати Воислав Шешељ.

На насловната страница на „Вечерње новости”, беше објавен насловот, „Го поддржува ОВК, а сега го брка ‘Нобел’“.

„Контроверзната активистка од Белград, во српската јавност се смета за огнен заговорник, дека за воените случувања во 90-тите, исклучиво е одговорна Србија”, пишува „Вечерње новости“.

Во текстот се наведува дека Кандиќ ја поддржувала Ослободителната војска на Косово, која се борела за независноста на Косово.

За сенаторот Роџер Викер и конгресменот Елиот Енгел, кои се поднесувачи на номинацијата, „Вечерње новости“ пишува дека тие се „антисрпски лобисти” и дека Енгел е познат по лобирањето во корист на независноста на Косово.

Таблоидот „Информер“, познат по својата поддршка на српскиот претседател, Александар Вучиќ, на својата насловна страница објави слика на Наташа Кандиќ, покрај која пишува „Шиптарија”.

Информер истакнува дека Кандиќ „ја изградила својата кариера врз отворената омраза кон Србите и сѐ што е српско”.

Таблоидот го цитира Шешељ, кому му се суди за воени злосторства во Хаг, дека најдобро би било на Наташа Кандиќ наградата да ѝ се додели „постхумано“.

„Српски телеграф“, исто така, објави изјава на Шешељ, кој, како што пишува таблоидот, изјавил оти Наташа Кандиќ треба да се стави на „глогов кол”.

Српските таблоиди се познати по своите редовни напади насочени кон активистите за човекови права, новинарите, како и отворените политички противници или личности кои се сметаат за политички противници на Вучиќ.

Неодамна, ТВ Пинк објави серија извештаи во кои новинарката Тамара Скроза беше етикетирана како „непријател” на владата.

Организацијата „Жени во црно“ го тужи Информер за клевета, бидејќи активистите на оваа организација ги нарече „најголеми странски платеници” во Србија.