Репортажи

Протести за името: 10 гајби, 20 луѓе и 100.000 потписи

Демонстрантите се малубројни, но добро расположени | Фото: БИРН

„Не грижете се дека сте малку.  Сто илјади луѓе се потпишаа на списоците против промената на името. Сите тие се заедно со нас“.

Со овие зборови, првиот од неколкутемина говорници го отвори вчерашниот протест против промената на името, пред дваесетина граѓани застанати или седнати на пластични гајби пред Собранието. Гајбите првенствено служат за да се блокира крстосницата меѓу парламентарната зграда и Градската хируршка клиника. Но, на оние што ќе останат, може да се седи.

Секој ден во 16 часот, оваа група, која се нарекува координативна мрежа „Сите за унитарна Македонија” (СУМ), го затвора сообраќајот и создава голем метеж во центарот на главниот град. Улиците не се проодни од зградата на Црвениот крст до деловниот објект „Палома Бјанка“. Потег од речиси еден километар. Не може да се вози ниту зад Собранието, ниту на другите околни улици.

Улиците се затвораат на потег од околу еден километар | Фото: БИРН

Сообраќајот целосно застанува. Сирените го сечат воздухот. Амбулантните возила не можат да се пробијат. На подалечните автобуски станици, патниците збунето стојат и се прашуваат дали нивниот автобус ќе помине оттаму или ќе го заобиколи центарот на градот по друга траса, па ќе останат да чекаат залудно. На секоја од нив има повеќе луѓе отколку на протестите.

Од пред Триумфалната порта се гледа само големата празна улица и одвај може да се забележи дека некој протестира на неа. На крстосницата се поставуваат гајби, најлони, метални столбови и други пречки, додека се слушаат истите патриотски песни дека „народот се освестил“, дека „Македонија е на Македонците“, а на предавниците „ќе им тежат парите што ги зеле дури и во гробовите“.

Речиси празниот булевар е далеку од сообраќајниот метеж | Фото: БИРН

Демонстрантите , седнати далеку од целиот сообраќаен метеж, не сметаат дека прават нешто погрешно, туку дека нивната мисија е чесна и благородна – одбрана на името Македонија. Кога некој залутан патник, нервозен зашто не му дошол автобусот на „Рекорд“ ќе им префрли „десетмина луѓе го малтретирате целиот град“, тие му одговараат „застани со нас и ќе бидеме единаесет“.

„Власта е крива за ова. Со месеци нѐ малтретира да седиме овде. Ги малтретира и овие полицајци да седат со нас“, викаше говорникот од микрофонот, додека малубројната публика возвраќаше со свирежи и извикуваше „уа, предавници“ итн.

Изгледа како да нема некоја голема организација околу протестите и сѐ е спонтано и непосредно. Секој може да каже нешто, да прокоментира, понекогаш не е потребен ниту микрофонот. Луѓето се расположени, сакаат да се фотографираат. Многу ретко некој медиум ги следи иако се секој ден спроти парламентот. Се зборува по малку за традиционални вредности, за геополитика, за историја и филозофија, за моралот и честа како доблести на поединецот, за религијата…

Гајбите помагаат за да се затворат коловозите | Фото: БИРН

„Да го најдеме најдоброто решение, најдобрата постапка за што било. Тоа е универзално правило, универзален принцип на старите Македонци“, се слуша од импровизираната бина.

Иако се малубројни, секогаш неколкумина се одвојуваат да дежураат на улиците, да ги испраќаат по други патишта тие што се обидуваат да се пробијат низ блокадата зашто автомобилите им биле паркирани во близина, или да ги запрат мотоциклите на разнесувачите на пици, обвинувајќи ги дека не им го почитуваат правото на протест. Неретко овие средби прераснуваат во остри кавги.

Тогаш десеттемина полицајци распоредени зад оградата ги вртат погледите. Но, и самите протестирачи се обидуваат да спречат инциденти и да не навлекуваат повеќе гнев од заглавените граѓани во сообраќајот. Се фокусираат на одбраната на името Македонија, како нивна света мисија и се обидуваат, иако крајно неуспешно, да придобијат што повеќе следбеници од случајните минувачи.

На социјалните мрежи сѐ уште има илјадници луѓе што секојдневно објавуваат, споделуваат или следат објави против промената на името, против Преспанскиот договор и за оставка на владата на Зоран Заев. Но, на улицата веќе ги нема ниту најистакнатите бојкотирачи. Ги нема ниту Левица, ниту партиите на Јанко Бачев, Солза Грчева, Љупчо Палевски, го нема ни Филип Петровски, ни Тодор Петров и Светскиот македонски конгрес, ни преостанатите македонски патриотски здруженија.

Дваесетина луѓе секој ден внимателно слушаат говори | Фото: БИРН

Од ВМРО-ДПМНЕ нема ниту трага. Од неформалното движење „Бојкотирам“ стои само транспарентот, а ретко може да се види и некој од здружението „Млади за Македонија“. Тука се само луѓето од шаторите, предводени од Ана Бобинкова Мијаковска, која речиси секој ден им се обраќа на една рака луѓе.

Сите други се дома и преку медиумите ја следат постапката за уставните измени, која се одвива непречено откако се обезбеди двотретинско мнозинство, со помош на осуммина пратеници од опозицијата, кои подоцна беа исклучени од матичната партија. Големите политички тензии околу овој процес остануваат затворени во државните и партиските згради и ходници, или во виртуелниот простор. Ништо од тоа не се чувствува на овој булевар, од кој е зафатена одвај една и пол лента со луѓе што секој ден од 16 часот доаѓаат да слушаат говори во тивка и мирна атмосфера.