Регион

Проверка на факти: Дали Србија и Косово се подготвени да ги отворат своите воени архиви?

Белград и Приштина, како што беше објавено, се согласиле да ги отворат своите воени и полициски досиеја, поврзани со војната во Косово

После последната рунда преговори меѓу српските и косовските официјални претставници, одржана во Брисел овој месец, преговарачите, како што беше објавено, се согласиле да ги отворат своите воени архиви, за да се утврди каде се наоѓаат над 1.600 луѓе, кои сѐ уште се водат за исчезнати во војната во Косово.

Шефот на косовската делегација и потпреседател на Владата на Косово, Бесник Бислими, изјави оти од Србија побарал да ги отвори своите воени и полициски досиеја од времето на Југославија, со цел да се помогне во пронаоѓањето на локациите на масовните гробници, во кои се закопани косовски Албанци.

Србија веќе побара отворање на архивата на Ослободителната војска на Косово (ОВК), за конечно да се најдат телата на исчезнатите Срби.

По состанокот, шефот на српската делегација и директор на Канцеларијата на Владата на Србија за КиМ, Петар Петковиќ, рече дека „е постигнат напредок“.

Сепак, остана нејасно дали овој „напредок“ има врска со воените архиви и дали воопшто е постигнат некаков договор на оваа тема.

По нејасната оптимистичка реторика, после состанокот одржан на 9-ти септември, Приштина и Белград продолжија со меѓусебните препукувања.

Косовскиот премиер, Албин Курти, изјави дека белградските власти „и натаму се обидуваат да ги сокријат локациите на масовните гробници во Србија, во кои се закопани телата на албанските цивили“.

Тој нагласи дека Косово нема што да крие: „Ние имаме архива на нашата држава, која ги вклучува и оние за време на војната и сите докази и материјали што ѝ припаѓаат на ОВК. Ние сме многу отворени и транспарентни. Косово е под меѓународна администрација од 1999 година … значи најтранспарентната и најотворената земја во однос на архивите“, нагласи тој.

Некои луѓе во Косово велат дека ОВК немала архива, затоа што била герилска сила, а Србија, пак, дел од архивите на Војската на Југославија (ВЈ),  ги класифицираше како државна тајна.

БИРН ги провери наводите на двете страни, во обид да процени колку е веројатно, како резултат на состанокот во Брисел, да биде постигнат значителен напредок во потрагата по исчезнатите во војната.

Дали воопшто дојде до напредок во Брисел?

Мирослав Лајчак (лево) со Бесник Бислими и Петар Петковиќ, овој месец во Брисел. Фото: Твитер/Мирослав Лајчак.

Специјалниот пратеник на Европската унија (ЕУ) за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, кој беше домаќин на состанокот во Брисел, изјави дека немало конкретна дискусија за воените архиви.

„Она што е кажано е всушност само повторување на она што многупати е кажано, а тоа е дека нема пречки од ниту една страна, да се добие пристап до архивите“, изјави Лајчак за косовските медиуми на 17 септември.

„Веќе беше кажано минатата година и потврдувам – а и неколку пати претходно и господинот Бислими рече дека не постојат архиви на ОВК, туку само државна архива“, додаде тој.

Лајчак објасни дека „немало ништо изненадувачки, немало посебен договор, но некако тоа било погрешно протолкувано“.

Дали постои архива на Ослободителната војска на Косово?

Мухамет Лани со своите соборци, за време на војната во доцните 90-ти. Фотографија на Мухамед Лани

Кога прашањето за отворањето на воените архиви за првпат беше спомнато на претходниот состанок во Брисел, во јули минатата година, тогашниот косовски премиер, Авдулах Хоти, истакна дека „што се однесува до архивите на ОВК, тоа е прашање за здруженијата на воени ветерани“.

Јакуп Красниќи, поранешен портпарол на ОВК, кој извршуваше различни високи политички функции по војната, а сега е во притвор во Хаг, каде чека судење по обвинението за воени злосторства, минатата година даде слична изјава: ОВК била герилска група и немала соодветна архива.

„Сигурен сум дека ОВК немаше организирана или пишана архива, освен она што е веќе напишано и кажано за тоа“, нагласи Красниќи за БИРН.

Тој посочи дека внатрешната комуникација помеѓу седиштето на Главниот штаб на ОВК и седиштата на оперативните зони, можеби била предадена на Косовскиот заштитен корпус, цивилна организација за итни случаи, формирана по демилитаризацијата на ОВК, активна од 1999 до 2009 година.

Но, Сафет Сула, шеф на Канцеларијата за наследство на Косовскиот заштитен корпус, вели дека неговата организација не поседува никаков материјал од ОВК.

Меѓутоа, Бардхул Махмути, поранешен припадник на ОВК, изјави дека документи постојат, но оти поради тешките околности во кои дејствувала ОВК за време на војната, не биле сите на едно место.

„Има архиви. Не можеме да кажеме дека не постојат. Проблемот е што тие се во различни раце. Не знам дали било направено нешто по војната за да се соберат документите поврзани со нашата ослободителна војна. Требало да има“, рече Махмути.

„Оние кои имаат документација поврзана со формирањето на ОВК и сите политички и воени настани во тој период, мора истата да ја предадат на Државниот архив на Косово. Прашањето за нашата војна не е приватно и никој нема право да чува приватни документи, кои се релевантни за расветлувањето на воениот период“, додава тој.

Само неколку од овие документи се објавени досега – неколку соопштенија за јавноста на ОВК, што беа користени како доказ на судењата на поранешните команданти, Рамуш Харадинај и Фатмир Лимај, и на нивни подредени лица, пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во Хаг .

Дали ќе се отвори воената архива на Србија?

Вишиот суд во Белград, Фото: БИРН

Поголемиот дел од архивата за војната во Косово, е во рацете на Војската на Србија, како и на српското Министерство за внатрешни работи, кое чува материјал поврзан со операциите на српската полиција, за време на конфликтот.

Ивана Жаниќ, извршна директорка на Фондот за хуманитарно право од Белград, вели дека архивите содржат податоци за злосторствата извршени за време на војната од војската и полицијата.

Меѓутоа, во 2015 година, Министерството за одбрана на Србија ја класифицираше целата архива на 37-та бригада на ВЈ како државна тајна, со времетраење од 30 години. За време на војната, командант на 37-та бригада бил Љубиша Диковиќ, кој од 2011 до 2018 година беше началник на Генералштабот на Војската на Србија.

Во зоната во која дејствувала бригадата, биле селата Резала, Старо Чикатово, Забел и Доњи Забел, и Гладно Село, каде беа убиени цивили. Дел од нивните посмртни останки, подоцна беа пронајдени во масовна гробница во Рудница, во југозападна Србија.

„Значи, тие (властите) однапред пресметале дека можеби ќе постои веројатност, некој тоа да го истражува, дека ќе бара податоци, а потоа набрзина ја затворија (архивата) за јавноста, така што тие приказни сега, врзани за отворањето на архивите, мене не ми делуваат како вистинска волја тоа и навистина да се случи“, вели Жаниќ за БИРН.

Во 2014 година, МКТЈ го осуди поранешниот висок функционер на српската полиција, Властимир Ѓорѓевиќ, на 18 години затвор, меѓу другото и поради неговата улога во прикривањето на телата на Албанците, убиени на Косово. Сепак, пред српските судови, досега никој не одговарал за тоа.

Жаниќ е на мислење дека и покрај изјавите по последната средба меѓу Србија и Косово во Брисел, „ниту еден од нив нема вистинска волја“ да се занимава со прашањето за отворање на нивните архиви.

Има ли нов напредок на терен?

Масовната гробница во рудникот Кижевак, Рашка. Фото: Марко Рисовиќ

Специјалното обвинителство на Косово издаде наредба за спроведување на ексхумации во селото Дрен, во општина Лепосавиќ, во Хас, во општина Призрен, во Кошаре, во општина Дечани, и во Јавор, во општина Малишево. Но, иако наредбите беа дадени минатата година, пребарувањата на терен сѐ уште не започнале.

Во ноември 2020 година, во Србија беше откриена нова масовна гробница, на местото на рудникот Кижевак, кај Рашка, југозападна Србија, но врз основа на искази на сведоци и на анализата на Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово (ЕУЛЕКС).

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, во јуни изјави дека на ова место биле откопани посмртни останки на 11 косовски Албанци. Засега, во Србија не се планирани други ексхумации.