Регион

Проверка на факти: Колку е точен извештајот за страдањата на Србите во Сараево?

Наводите во изваштајот се разликуваат од фактите за злосторствата извршени за време на опсадата на градот, утврдени од судовите

Наводите во извештајот, кој овој месец го објави Комисијата за истражување на страдањето на Србите во Сараево, формирана од Владата на Република Српска за да ја истакне нејзината перспектива за војната, веќе се покажаа како спорни.

Во извештајот, кој има повеќе од 1.200 страници, се нагласува дека за време на војната, водена во периодот 1992-1995 година, бошњачките сили ги принудиле Србите да го напуштат главниот град на Босна и Херцеговина.

„Во комбинација со систематската антисрпска пропаганда и етничкиот притисок, овие злосторства претставуваа систематска кампања на етничко чистење, која кулминираше со егзодус на Србите од Сараево, по Дејтонскиот мировен договор (склучен во 1995)“, се вели во извештајот.

Како изворен материјал, Комисијата користела сведоштва и искази дадени пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), документи и изјави дадени пред Центарот за воени злосторства на Република Српска, документи на УНПРОФОР, како и извештаи на медиуми, интервјуа и книги.

Комисијата, предводена од Рафаел Израел, израелски историчар, писател и професор на Еврејскиот универзитет во Ерусалим, беше формирана во обид „да даде поизбалансиран приказ на настаните во Сараево, засновани врз факти“, се вели во извештајот.

Освен едно поглавје кое се однесува на страдањата на Србите во Сараево за време на војната, извештајот е претежно составен од поглавја кои, меѓу другото, се однесуваат на историскиот контекст во БиХ, на улогата на медиумите и на улогата на радикалниот ислам во војната.

Кога, во 2019 година, Комисијата беше формирана, адвокати и експерти за транзициска правда, изразија загриженост за можноста за презентирање на  пристрасен поглед на војната и минимизирање на злосторствата извршени над Бошњаците и Хрватите.

БИРН анализираше некои од клучните поглавја на извештајот, за да процени дали тие одговараат на судски утврдените факти, и откри дека во него се игнорираат голем дел од сознанијата утврдени во судските предмети и во пресудите на МКТЈ, на Судот на БиХ и на другите регионални судови.

Блокада или опсада на Сараево?

Слики од опсадата на Сарајево Фото: ICTY

Од 5 април 1992, до 29 февруари 1996 година, силите на босанските Срби го држеа Сараево во обрач, нешто што подоцна ќе стане познато како најдолгата опсада на еден главен град во историјата на модерното војување. За време на 44-месечната опсада, биле убиени околу 10.000 цивили, главно во снајперски оган и во гранатирање од околните ридови.

Но, еден од општите заклучоци на Комисијата е дека Сараево било под блокада, а не под опсада, бидејќи Војската на Република Српска (ВРС) „дозволувала во градот да влегува хуманитарна помош“ и немало глад.

Сепак, во пресудите на МКТЈ, особено во пресудата на поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ, не беа прифатени исказите на војниците и офицерите на сараевско-романискиот корпус (СРК) на ВРС, дека тунелот под аеродромот во Сараево можел да се користи за излез од градот и дека сепак, до одреден степен, низ него пристигнувала хуманитарна помош.

„Фактот дека во градот требало да се испраќа хуманитарна помош и дека на ООН за тоа ѝ требало дозвола од босанските Срби, јасно покажува дека градот бил опколен, под опсада и дека СРК имала контрола врз ситуацијата“, се вели во пресудата на Караџиќ.

„Доколку СРК не го опколеше градот и не го стопираше неговото снабдување, немаше да има потреба ниту од тунел, ниту од хуманитарна помош“, се додава во пресудата.

Кој го гранатираше пазарот Маркале?

Меѓу најстрашните инциденти за време на опсадата на Сараево, беше гранатирањето на пазарот Маркале во два наврати – на 5 февруари 1994 и на 28 август 1995 година, за кои беше обвинета ВРС.

Во извештајот на Комисијата се вели дека мировните сили на ООН во БиХ, УНПРОФОР, заклучиле „дека секоја страна можела да ги истрела гранатите“ и се повикува на разузнавачки експерти од неколку земји, кои утврдиле дека тоа биле дела на Армијата на БиХ (АБиХ), со цел да се прикажат Србите во лошо светло.

Сепак, извештајот не нуди никакви докази, што би можеле да ја доведат во прашање официјалната верзија на настаните.

Во правосилната пресуда што Хашкиот трибунал му ја изрече на поранешниот командант на СРК, Станислав Галиќ, се наведува дека „минофрлачката граната од 120 мм, што била фрлена на пазарот Маркале, на 5 февруари 1994 година, во кој напад загинаа повеќе од 60 лица, а над 140 беа ранети, надвор од разумно сомневање, била испукано од територијата под контрола на СРК“.

Во пресудата се вели дека „тврдењето оти силите на АБиХ би ги гаѓале, како што е овде тоа случај, сопствените цивили, не само што не се разумни, туку и се косат со докажаните правно релевантни факти“, и се додава: „Овој инцидент е пример на гранатирање, каде цивилите намерно биле целени“.

За гранатата што падна на Маркале во 1995 година, кога беа убиени 43 луѓе, Комисијата повторно се повикува на странски разузнавачи, кои заклучиле  дека „гранатирањето на пазарот во Сараево веројатно не е дело на ВРС, туку на АБиХ“.

Сепак, во пресудата што Хашкиот трибунал му ја изрече на командантот на СРК, Драгомир Милошевиќ, се вели оти Судскиот совет е уверен дека „минофрлачката граната што погоди улица во близина на пазарот Маркале, била испукана од територијата под контрола на СРК и од припадници на СРК“.

Заклучоците дека пазарот Маркале бил гранатиран од позициите на ВРС во 1994 и 1995 година, беа потврдени и на судењето на Радован Караџиќ.

Дали судовите што ги казнија Србите се пристрасни?

Ратко Младиќ, во текот на жалбеното рочиште, Фото: Фликр/ММКТ.

Извештајот на Комисијата заклучува дека пристрасните судови во БиХ и во Хаг, ги казнувале Србите построго, отколку осомничените од другите националности, и дека скоро сите сторители на злосторствата врз српските граѓани, ја избегнале правдата, со активна помош на „бошњачките државни институции“.

„Извршителите на воените злосторства, злосторствата против човештвото и геноцидните дела над Србите, имале корист од исклучителната попустливост на судиите и честопати целосно поминувале без казна, и на судењата пред меѓународниот суд и пред судовите во БиХ“, се вели во извештајот, во кој се додава дека бројни осомничени лица не биле обвинети, додека некои биле ослободени по жалба или нивните казни им биле намалени.

Сепак, иако Србите добија подолги казни заради потешките злосторства, судовите во Сараево и во Хаг, исто така, осудија и значителен број на Бошњаци.

Шест лица беа осудени на 24 и пол години затвор, за злосторства над Србите во Сараево, од кои припадниците на АБиХ, Заим Лаличиќ, Самир Кешмер и Мирсад Мензиловиќ, беа осудени на по шест години затвор за силување. Во тек е судење на тројца команданти на АБиХ.

Судот на Босна и Херцеговина осуди вкупно девет лица на 122 години затвор за злосторства над несрпското население на подрачјето на Сараево.

Расим Делиќ, командант на Генералштабот на АБиХ, во Хаг беше осуден на три години затвор за злосторства над Срби, додека Хазим Делиќ, беше осуден на 18 години, Есад Ландзо на 15 и Здравко Мучиќ на 9 години затвор,  за злосторства над Срби притворени во логорот Челебиќи.

Во меѓувреме, МКТЈ го осуди Караџиќ на казна доживотен затвор за воени злосторства, вклучително и за тероризирање на населението во Сараево за време на опсадата, за што, со првостепена пресуда, беше осуден и поранешниот командант на ВРС, Ратко Младиќ, чијшто случај сега е во жалбена постапка.

Хашкиот трибунал, исто така, го прогласи Галиќ за виновен за тероризирање на цивилното население во Сараево и го осуди на доживотен затвор.

Неговиот наследник како командант на СРК, Драгомир Милошевиќ, пред МКТЈ беше осуден на 29 години затвор, за истото дело.

Затворите за Србите никнуваа „како печурки“

Логорот Силос. Фото: БИРН

Извештајот на Комисијата, исто така, се фокусира на областа „затвори и затворски кампови на АРБиХ во Сараево“, при што се вели дека „приватни затвори, управувани од хрватски и муслимански паравоени формации,  никнувале во Сараево веднаш по почетокот на војната, како печурки“.

Голем број Срби, наводно, биле приведени во Централниот затвор и во  касарната Виктор Бубањ, и во овој дел се цитира дел од соопштение на Обвинителството на БиХ во врска со „обвинение против три лица“, дека меѓу мај и ноември 1992 година, биле затворени повеќе од 200 цивили, кои биле измачувани, што резултирало со смрт на 18 затвореници.

Се нагласува и оти во Сараево имало бројни приватни затвори. Меѓу најпознатите бил објектот „Силос“, кој, според Комисијата, работел во текот на целата војна, и во него, „според српски извори“, биле приведени до 550 мажи и жени.

Пред Судот на Босна и Херцеговина, на седум лица им се суди, меѓу другото, и за злосторства во „Силос“, по укинувањето на првостепената пресуда со која Судскиот совет утврди дека околу 500 Срби биле произволно уапсени и држени во „Силос“ , вклучувајќи и малолетни лица, жени и стари лица.

Во извештајот се цитираат податоци од Комитетот за собирање на информации за злосторства против човештвото на Сојузна Република Југославија (СРЈ), според кои во општините во Сараево, имало 52 логори и објекти за притвор, контролирани од АБиХ.

Се додава дека Републичкиот центар за истражување на воените злосторства подготвил список на кој се нашле 211 вакви локации, со образложение дека повеќето полициски и воени формации имале логори, места на притвор, затвори и притворни центри во нивните штабови.

Сепак, и покрај она што го тврди извештајот, не постои прецизен запис за логорите и местата на притвор во врска со војната во БиХ.

Причина за тоа, меѓу другото, е и недонесувањето на државен закон за жртвите на тортура, со што би се утврдил бројот на овие локации и на  поранешните логорски затвореници.

Овој закон го имаше својот прв нацрт во 2006 година. Вториот нацрт беше предложен во 2011, а третиот во 2017 година. Тој никогаш не беше усвоен од Парламентарното собрание на БиХ, бидејќи пратениците од РС гласаа против.

Дали странските исламисти обучуваа бошњачки милитанти?

Поранешниот командант на третиот корпус на АБиХ, Сакиб Махмуљин, пред судот во Сараево. Фото: БИРН.

Извештајот на Комисијата ја нагласува улогата на одредот „Ел муџахедин“, единица на странски муслимански борци, под команда на Третиот корпус на АБиХ.

Во извештајот се наведува дека одредот бил составен од странски терористички борци, кои ширеле муслиманска пропаганда, но не се наведува како припадниците на оваа единица влијаеле на настаните во Сараево или на страдањата на Србите во овој град.

Двајца офицери на АБиХ беа осудени за одговорност за злосторства извршени над Срби извршени од одредот „Ел Муџахедин“, но тие злосторства беа извршени во други делови на земјата.

Расим Делиќ, поранешен командант на Главниот штаб на АБиХ, беше осуден на три години затвор, за непреземање мерки за спречување или казнување на злосторствата извршени од борците на „Ел Муџахедин“ во Ливаде и во логорот Каменица, кај Завидовиќи.

Поранешниот командант на Третиот корпус на АБиХ, Сакиб Махмуљин, во првостепена постапка беше осуден на десет години затвор, бидејќи не ги спречил убиствата и нехуманите дејствија на припадниците на одредот „Ел-Муџахедин“ во областа на Возуќа и Завидовиќи. Неговиот случај се наоѓа во жалбена постапка.

Комисијата тврди дека исламските терористички движења како што се Ал-Каеда и ИДИЛ, ја искористиле војната во БиХ, за да испратат свои борци и за да ги обучуваат Бошњаците да водат радикални групи во Сараево и низ БиХ.

Сепак, иако Ал Каеда е основана во 1988 година, ИДИЛ не беше формирана сѐ до 1999 година, неколку години по завршувањето на војната во БиХ.