Прв тест за новиот државен обвинител

Коментар на Васко Маглешов

За Ненад Савески, кој пред неколку дена ја презеде функцијата, ова е прва работна недела како нов државен обвинител.

Поранешниот судија раководи со институција, која не се бори само со криминалот, туку и за сопствениот кредибилитет во очите на јавноста. Савески се враќа таму по речиси 10 години, откако работеше како судија.

Избран со 66 гласа „за“, без партиски „хипотеки“, но и без поширока политичка поддршка, ја продолжува традицијата на политичка недоверба, како и неговите претходници: Љупчо Коцевски и Љубомир Јовески, кои беа избрани со 61, односно со 62 гласа.

И покрај тоа што опозициските пратеници не најдоа дамка во неговата професионална кариера, од собраниската говорница му порачаа дека нема да биде национален, туку партиски обвинител. Очекувањата, пак, на власта се да расчисти со „последиците од СЈО“, што е во програмата на ВМРО-ДПМНЕ.

Специјалното обвинителство не постои шест години. Опстои во уште по некој незастарен предмет, меѓу кои и двата „врели костени.“

Тоа е првиот предмет со политички товар за кој ќе треба да одлучува.

Правно издржано и(ли) политички внимателно

Савески треба да одлучи дали ќе ја изземе обвинителката од СЈО, Ленче Ристоска, која ги застапува двете обвиненија „Талир 1“ и „Талир 2“. Во едниот предмет обвинета е ВМРО-ДПМНЕ, а во другиот има мерки со кои е замрзнато партиското седиште. Со други зборови, Ристоска кривично ја гони партијата. А тоа е партијата што го избра Савески за државен обвинител. Оваа незавршена постапка за изземање во „наследство“ му ја остави неговата претходничка, в.д. државната обвинителка Анита Тополова-Исајловска.

Обвинителката Ристоска ја тужи ВМРО-ДПМНЕ за клевета и навреда поради изјави дека таа дејствува по „политички налог“ и ја злоупотребува функцијата.

Савески има три можности: да ја изземе Ристоска; да остави таа да го води предметот; или, пак, да oди на „вин вин“ ситуација, во која, покрај неа, ќе постави уште еден обвинител да ги застапува случаите што се однесуваат на ВМРО-ДПМНЕ за да осигури непристрасност на постапката.

Како и да одлучи, Савески ќе ја плати првата политичка цена. Ако ја изземе обвинителката, ќе биде дочекан како човек што мандатот го почнува со сомнеж за политичка „трансакција.“ Доколку, пак, ја остави да постапува, ќе ја разочара партијата што вчера го избра за државен обвинител.

Тој ќе треба да се изјасни и за постапката што Ристоска ја отвори во Советот на обвинители за премиерот Христијан Мицкоски. Имено, таа побара Советот да се изјасни по нејзиното тврдење дека премиерот се меша во обвинителската работа.

Савески, бидејќи е член на Советот, ќе треба да даде мислење, што пак, ќе покаже колку е отпорен на влијанија.

Тука се и предметите, кои, случајно или не, од собраниската говорница ги спомна предлагачот за нов државен обвинител во парламентот, вицепремиерот Александар Николовски, а се однесуваат за наводното незаконско следење на Мицкоски додека бил опозиционер. Без оглед на тоа што нив ги води обвинителството со кое раководи Ислам Абази, каде што Савески има ограничена моќ, сепак тој е ликот на јавнообвинителската хиерархија.

АНАЛИЗА
Случај „Незаконско следење“: Ниту дисциплински, ниту вонредни контроли

Во обвинителството има и предмети во кои се опфатени политички капиталци, како што е оној на Артан Груби. Премислувањето на обвинителот Даниел Коцев, кој му го повлече барањето за притвор, остави горко чувство кај дел од јавноста. Начинот на кој ќе се води овој случај, меѓу другото, ќе ја покаже траекторијата на потези на обвинителството.

На државниот обвинител речиси секогаш се гледало како на „маша“ на партијата што го избрала. Најголемиот дел од предметите што ги работи обвинителството речиси секогаш се за функционери од претходната власт.

Тоа што Савески доаѓа на позицијата без очигледни политички конекции, ги подигна очекувањата дека за обвинителството ќе стане видлив и криминалот на актуелните функционери, но и да биде бедем за неоснованите кривични пријави, кои полицијата ги праќа до обвинителството.

Пред изборот, опозицијата му порача да отвори очи за тендерите што ги доделуваат кадри на владејачката коалиција на фирми, како што велат, блиски до нив. Тој ја има можноста преку неговото постапување да ги разувери опозиционерите дека згрешиле што не гласале за него.

Савески ќе го понесе товарот и за предметите за дискотеката „Пулс.“

Адвокатите на обвинетите испратија барања да се ревидира целата постапка затоа што две обвинителства за ист настан подигнаа обвиненија со различни правни теории.

Според теоријата на скопското обвинителство, обвинети се 35 луѓе за едно исто кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, што значи дека и инспекторите, и градоначалниците, и министрите се директно одговорни за настанувањето на пожарот.

Зад втората правна теорија стои Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Таму сите 23 полицајци не одговараат за едно исто кривично дело, туку нивната одговорност е поделена во три обвиненија. Едните се обвинети дека ја злоупотребиле службената положба и овластување, но тоа директно не влијаело за да се случи пожарот, а други дека со нивното неделување придонеле да се случи огромната трагедија.

Затоа бранителите на обвинетите бараат Јавното обвинителство, како единствен орган што гони кривични дела, да ги усогласи ставовите.

Со неговото десетгодишно судиско искуство, Савески се очекува да расчисти со овие отворени правни дилеми.

ИНТЕРВЈУ
Судија Савески: Самите си ја сузбиваме моќта

Новиот државен обвинител, во 2024 година веќе беше на чекор да се збогува со судиската тога, кога се пријави да биде директор на Академијата за судии и јавни обвинители. Пријавата за обвинител е вторпат да конкурира за позиција вон судовите.

Некои во ова би препознале обид по секоја цена да се тргне од судиското столче, други, пак, нов професионален предизвик. Во интервју за БИРН пред три години говореше мошне критично за својата фела. Како ретко кој судија тогаш изјави дека за ниската доверба на граѓаните во правосудството, меѓу другото, кабает се и самите судии.

Савески важеше за судија што знае да му каже „не“ на обвинителството.

Сега е исправен пред предизвикот полека да ја менува институцијата, врз која најсилно се прекршуваат политичките и бизнис-влијанијата.

Затоа првите негови потези нема да бидат само одлуки, туку сигнал, дали знае да ѝ каже „не“ на политиката.