Истражувањa

Психолози, пејачи и ветеринари ја претставуваат Македонија во странство

БИРН преку интерактивна мапа ги претставува лицата кои ги држат амбасадорските места на Македонија во странство. Анализата покажува дека македонските амбасади низ светот се полнат со луѓе со партиска книшка

Претседателот Иванов и министерот Поповски на средба со претставниците на македонските дипломатски и конзуларни претставништва / Фото: МНР

Претседателот Иванов и министерот Поповски на средба со претставниците на македонските дипломатски и конзуларни претставништва / Фото: МНР

На амбасадорски функции се распоредени луѓе со сиромашни биографии, без дипломатско искуство кои претходно имале политички функции, такви што работеле како психолози, дипломирани ветеринари, пејачи, вработени во Агенцијата за разузнавање, во осигурителниот бизнис, па и поранешни директори на старечки домови. Ретки се амбасадорите кои зборуваат повеќе јазици, па затоа речиси сите се фалат дека зборуваат српско-хрватски јазик.

Ова го покажува анализата на биографиите на македонските амбасадори кои БИРН ги доби преку барање за информации од јавен карактер и од архивите на медиумите. Анализата покажува дека македонските амбасади низ светот се полнат со луѓе со партиска книшка, наместо со дипломатско искуство, па за некои од амбасадорите се знае дека биле претседатели на општински партиски комитети.

„Oд вкупниот број шефови на дипломатско-конзуларни преставништва на Македонија во странство, 54 отсто се професионални дипломати, додека останатите 46 отсто шефови на дипломатско – конзуларните претставништва се од јавниот сектор и бизнис заедницата“, велат од МНР.

На амбасадорското место во Советот на Европа е поранешниот пратеник Петар Поп-Арсов кој претходно работел како државен советник за храна во Агенцијата за храна и ветеринарство. Неговиот сопартиец, Оливер Шамбевски, пак, е амбасадор во Рим.

Меѓу амбасадорите со политичко-партиски беграунд е и Лазар Еленовски, поранешен министер и претседател на Социјалдемократска Унија, како и Звонимир Јанкуловски, амбасадор во Ватикан, поранешен потпретседател на Нова либерална партија, која влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Амбасадорот во Австралија, Веле Трпевски е син на Сашо Трпевски, поранешен член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и советник во Град Скопје и на Снежана Трпевска, советничка во општина Центар од истата партија.

Актуелната дипломатска слика покажува дека амбасадите се полнат и со луѓе од приватниот сектор.

Без ниту еден ден дипломатско искуство е амбасадорката во Шведска, Александра Наќева Ружин, која пред да стане дипломат работела како советник во приватната компанија „Комфор клима“ и во осигурителниот бизнис. Во амбасадорската фотелја во Украина, пак, е Столе Змејкоски, кој претходно работел како директор во секторот за набавки во „Идеа-Агрокор“ и бил претседател на Македонската бизнис асоцијација во Србија.

Меѓу амбасадорите кои немаат дипломатско искуство е амбасадорот во Австралија, Веле Трпевски, кој претходно работел во како советник на Комисијата за труд и социјална политика во Собранието. Илија Страшевски, амбасадор во Косово, претходно работел во Агенцијата за разузнавање. Од директорската фотелја во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во амбасадорската фотелја во Канада седнал Тони Димовски.

Уникатен е примерот со Василка Попоска Треневска, амбасадор во Австрија во чија биографија како работно искуство пишува дека била во придружба на нејзиниот сопруг, амбасадорот Мартин Треневски, за време на неговиот мандат како шеф на мисијата на Македонија во НАТО во Брисел и претходно за време на неговиот мандат како генерален конзул во Торонто. Претходно била професор на Факултетот за ветеринарна медицина.

Советници од премиерските и претседателски кабинети стануваат амбасадори

Вера Јовановска-Типко е психолог

Вера Јовановска-Типко е психолог

Во Србија амбасадорува психологот Вера Јовановска-Типко, која пред две години беше критикувана од опозицијата во Собранието поради тоа што немала квалификации и искуство во дипломатијата за да ја претставува државата. Во биографијата што ја добивме од МНР, Јовановска-Типко наведува дека има „едукативно и професионално искуство од областа на психијатријата, меѓучовечките релации, когнитив бихејвиор психотерапијата, експерт за комуникација, преговарање и решавање на конфликти, како и имплементација на когнитив бихејвиорални техники во бизнисот и политиката“. Пред да амбасадорува во Белград, била основач и сопственик на терапевтскиот центар Еквилибрум-разум и визија. Таа во својата биографија напишала дека е партиски неопределена.

Меѓу амбасадорите има и поранешни советници во премиерските и претседателските кабинети. Амбасадорот во Грција, Дарко Ангелов, пред да замине во Атина беше советник на премиерот Никола Груевски, а претходно го советувал и претседателот Ѓорге Иванов. И поранешниот советник за надворешна политика на Груевски, Лепавцов, доби амбасадорско место во ЕУ.

Во Унгарија, пак, амбасадорува Игор Есмеров, доктор на науки од областа на ветеринарната медицина, кој во биографијата има напишано дека работел во Ветеринарна болница пред да стане советник во Владата. Есмеров е поранешен претседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Центар.

Наумовски си ја зема за заслуга препораката за ЕУ

Сегашниот амбасадор во САД, Васко Наумовски стана вицепремиер само три месеци пред да биде објавен извештајот во Брисел кога Македонија доби препорака за преговори

Сегашниот амбасадор во САД, Васко Наумовски стана вицепремиер само три месеци пред да биде објавен извештајот во Брисел кога Македонија доби препорака за преговори

За тоа дека дел од амбасадорите ги „разубавуваат“ биографиите говори онаа на Васко Наумовски, актуелниот амбасадор во САД и преговарач за името. Наумовски во својата биографија пишува дека „за време на неговиот мандат како вицепремиер за евроинтеграции

„Македонија за првпат после повеќе години доби позитивен извештај од Европската комисија и препорака за почеток на преговорите за членство, благодарение на демонстрираните резултати и напредок во сите поглавја. Во тој период беа подготвени и усвоени над 150 закони и над 470 подзаконски акти преку кои македонското законодавство се усогласи со над 900 европски регулативи, директиви и одлуки; Секретаријатот за европски прашања стана првата државна институција сертифицирана со ИСО стандарди; а беа реализирани и над 300 обуки за вработените во државната и јавната администрација во кои беа опфатени над 15000 лица“.

Спорно во ваквата пофалба е тоа што Наумовски стана вицепремиер само три месеци пред да биде објавен извештајот во Брисел каде Македонија доби препорака за преговори.

Интересно е да се погледне во биографијата на Даниела Караѓозоска, амбасадорката во Загреб која се најде под критика во јавноста не само поради тоа што нема дипломатско искуство, туку и со скандалот кога службеното возило го украси на роденденот на ќерката и го переше лично пред зградата во Загреб. Инаку, Караѓозоска била управител на Домот за стари лица „Панада“ во Скопје.

Во Казахстан амбасадорува пејачот Илија Псалтиров кој во својата биографија пишува дека хоби му е свирење гитара и пијано и пишување музика и текстови за забавни и народни песни, како и дека бил претставник на Македонија на повеќе меѓународни фестивали и добитник на неколку признанија и награди на домашни фестивали.

Законски не е предвидено што е дипломат од кариера

Во 2006 година првпат беше донесен Законот за надворешни работи кој предвидуваше две третини од амбасадорите да бидат професионалци, дипломати од кариера. Со измените од 2008 година, оваа бројка се намали на една четвртина.

„Најмалку една четвртина од вкупниот број на амбасадори се именуваат од составот на дипломатско-конзуларните службеници со високи дипломатски звања во Министерството“, стои во законот, каде што не е објаснето што точно значи „дипломат од кариера“. Според меѓународните стандарди, како репер се земаат оние со претходно искуство во МНР.

Но, овој критериум се заобиколува така што „подобниот“ кандидат формално се вработува во МНР и за кусо време се испраќа на високи дипломатски позиции со образложение дека е „дипломат од кариера“.

Како услов за постапка и избор на амбасадор, во Законот за надворешни работи се наведува дека „треба да има стекнато високо дипломатско звање, во случај кога кандидатот за амбасадор е од составот на дипломатско-конзуларните службеници, односно да биде афирмирана личност во областа на надворешната политика и меѓународните односи“.

Во своето отворено писмо до министерот за надворешни работи за деградацијата на дипломатската служба алармираше и Синдикатот на македонската дипломатија со тврдење дека функцијата на дипломатските претставници е „извитоперена и деградирана“.

„Наместо мала, функционална и ефикасна мрежа од дипломатско- конзуларни претставништва (ДКП) со доминантен состав на професионалните кадри, актуелната состојба е токму спротивното. Гломазна, раширена и финансиски неодржлива мрежа од над 50-тина ДКП-а со партиски амбасадори, често неподржани од ниту еден професионалец и без елементарно знаење како да им помогнат на нашите државјани во неволја“ соопшти Синдикатот.

Од таму укажуваат и на појавата на таканаречени „последователни“ мандати за кои тврдат дека се спротивни на правната регулатива.

„Покрај 60% политички амбасадори кои се, наводно, „нужно зло“, од групата десетина наши политички подобни „професионални“ колеги веќе има случаи кои тераат три мандати едноподруго, а што е целосно противправно“ се наведува во соопштението на Синдикатот на дипломатската служба.

Во графичкиот приказ БИРН презентира кратки биографии на македонските амбасадори, нивниот професионален и политички багаж.

Оригиналните биографии (CV) на амбасадорите се достапни на овој линк.