Регион

Радикалната реторика во БиХ, ги буди стравувањата од нов конфликт

Quo vadis, Босно и Херцеговино?

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, за време на нејзината посета на Балканот минатата недела, не штедеше напори да го убеди регионот дека „Босна и Херцеговина и целиот Западен Балкан, припаѓаат во Европската Унија“.

Меѓутоа, домашното и меѓународното внимание го привлекоа лоши вести: закани за поделба на Босна и Херцеговина, кои доаѓаат откако босанските Срби, во јули, престанаа да учествуваат во работата на државните институции, односно повторни закани од нивното раководство, дека Република Српска (РС) ќе се отцепи од БиХ.

Во изминатите две недели, Милорад Додик, српски член на Претседателството на БиХ и водач на најсилната партија во РС, Сојузот на независни социјалдемократи, СНСД, продолжи да се заканува со дополнително повлекување на босанските Срби од државните институции.

Според Додик, ова би се однесувало на повлекувањето на војниците од РС од вооружените сили на БиХ и повторно формирање на војска на РС, како и повлекување од системот за индиректно оданочување на БиХ.

Овие закани на Додик не се ништо ново, бидејќи тој, истава реторика, ја користеше за време на своето политичко враќање во 2005 година, а потоа и за да победи на сите последователни избори одржани во РС.

Говорите на Додик, очигледно мотивирани од претстојните избори во 2022 година, за жал никогаш не пропуштаат да предизвикаат зголемување на закани за нова војна, во случај најавите на Додик да се остварат, од страна на многу бошњачки функционери, јавни личности и медиуми.

„Во сличен амбиент како сегашниот, започна конфликтот (1992-1995)“, предупреди бошњачкиот опозициски лидер, Елмедин Конаковиќ, на Фејс ТВ на 2 октомври.

„Дали Бања Лука ни подготвува војна?“, напиша новинарот од Тузла, Мехмед Парган, во колумна за politicki.ba.

Барем дел од оваа реторика може да се смета за став на бошњачките политички партии, пред изборите следната година. Постојаното вртење во круг на оваа несреќна традиција на радикализирана реторика пред сите избори и долгата историја на заканите на Додик (засега празни) се користат како аргумент од оние кои избраа да ги игнорираат или да ги минимизираат последните инциденти.

Како и да е, многу домашни експерти и меѓународни дипломати, а особено граѓаните на БиХ, сѐ повеќе се загрижени поради отсуството на какви било алтернативни политики, прогресивни идеи или позитивни и конструктивни активности, од внатрешните или надворешните актери.

Конфузна политика на ЕУ на Балканот

Дел од причините за оваа зголемена загриженост, лежат во фактот дека кризата во БиХ никогаш не била толку сериозна, со оглед на постојаната линија на опаѓање на нејзините административни, политички, изборни, образовни и здравствени системи.

Од 2014 година, Федерацијата на БиХ ја предводи Влада во технички мандат, бидејќи владејачката партија на Бошњаците, како и онаа на босанските Хрвати, не се договорија како да се спроведат изборните резултати од 2018 година.

Во овој период, Република Српска стана сѐ поавтономна, благодарение на автократското раководство на СНСД на Додик.

Растргани меѓу спротивставените радикални политики на партиите на Бошњаците, босанските Хрвати и на босанските Срби, заедничките институции се најдоа во ќор-сокак уште пред политичарите на РС – и од владејачките и од  опозициските партии – да престанат да учествуваат во работата на Претседателството, на Владата и на Парламентот во јули оваа година. Тоа го направија во знак на протест против контроверзниот закон за забрана на негирањето на геноцидот, наметнат од поранешниот висок претставник во БиХ, Валентин Инцко, неколку дена пред неговото заминување.

Друга причина за зголемените стравови е фактот што Запад, кој е заштитник и гарант на Дејтонскиот мировен договор, е во конфузна состојба.

Со години, ангажманот и влијанието на САД и на ЕУ на Балканот се намалуваат, како резултат на нивната зголемена незаинтересираност за регионот, предизвикана од внатрешните проблеми, како и меѓусебните несогласувања и поделби во и меѓу САД и земјите од ЕУ.

Ова ја потисна надежта за понатамошно проширување на ЕУ со земјите од регионот, политика која се смета за клучна за стабилноста и долгорочниот просперитет на Балканот.

Уште еден бран критики беа упатени до ЕУ, по неодамнешнииот текст објавен од новинската агенција Ројтерс, во кој се открива дека во блокот има несогласувања околу неговата континуирана посветеност за членство на Балканот. Официјалните лица на Европската комисија се обидоа да ги негираат наводите на Ројтерс, но безуспешно.

Висок западен дипломат, кој сакаше да остане анонимен, за БИРН потврди дека официјалните претставници на ЕУ, навистина имале проблеми да се договорат околу текстот на заедничката изјава, која гарантира идно членство на шестте балкански земји, подготвена за самитот за Западен Балкан, за 6 октомври во Словенија.

Без перспектива за членство во ЕУ и без надзор од Запад, балканските политичари ги прекинаа реформите и се свртеа кон радикална реторика, популизам, национализам и корупција, и сѐ повеќе го свртуваат погледот од европскиот блок, кон Русија, Кина, Турција и други сили.

Освен продлабочената криза во БиХ, и другите земји во регионот, во последно време, се соочуваат со зголемени проблеми, од корупција и пад на демократијата во Албанија, Северна Македонија и во Србија, до зголемени политички и меѓуетнички тензии во Косово и во Црна Гора.

Целта на Додик е да го искористи моментот

 Сараево, во 1997 година. Фото: Крис Лесли

Се чини дека ситуацијата во БиХ е најтешка и потенцијално најопасна, поради повторните сепаратистички идеи на Додик – поттикнати од влошената геополитичка и регионална ситуација – што се заканува со колапс на државата.

Додик неодамна предложи повлекување на контингентот на РС од вооружените сили на БиХ и од системот за индиректно оданочување на БиХ. Сепак, неговите сопартијци минатата недела ја отфрлија оваа можност, плашејќи се дека првиот потег ќе предизвика конфликт со НАТО, а вториот ќе ја остави РС без финансирање, велат извори од РС, кои додаваат дека Додик не се откажува од идејата за отцепување и има други карти во ракавот.

По јулското повлекување на сите службеници од РС од државните институции, Додик ја подготвува „втората фаза“ од неговиот одговор на наметнувањето на законот за забрана на негирањето на геноцидот. Според неговиот план, Додик ќе го искористи секое евентуално апсење, притворање или сослушување на кој било босански Србин, заради негирање на геноцидот, како изговор да го блокира спроведувањето на законите на државно ниво и работата на државните институции во РС, додаваат нашите извори од РС.

Таквиот потег ќе претставува правно отцепување на РС. Сепак, сѐ уште не е јасно, дали дури и таквото очигледно кршење на Дејтонскиот мировен договор, ќе го убеди Запад да ги искористи овластувањата и мандатот дадени на високиот претставник и на мировните сили на ЕУ во БиХ, ЕУФОР, за отстранување на Додик и на другите сецесионисти.

Неуспехот на Западот да одговори на овој предизвик, може да ја запечати судбината на земјата, создавајќи правен и политички хаос, во кој Додик – како и другите две главни национални партии што во моментов се на власт – Хрватската демократска заедница (ХДЗ) и Партијата за демократска акција (СДА)) – можат неограничено да останат на власт.

Ова сценарио веќе го доби својот назив – „мостаризација на БиХ“, со што се  алудира на ситуацијата во Мостар, каде што од 2008 до 2020 година не беа одржани избори, во кој период градот го водеше ист градоначалник, а поради неспособноста или неподготвеноста на локалните политички лидери, да најдат решение што ќе овозможи одржување на изборите.

Иако Додик постојано потенцира дека не сака војна и дека БиХ може и треба да се подели мирно, многу домашни воени и политички експерти и официјални лица, сметаат оти дури и правната поделба – без моментална територијална дезинтеграција – ќе ги постави темелите за нов меѓуетнички конфликт во БиХ.

Бошњаците веројатно би им дале време на САД и ЕУ да го решат прашањето, но многумина стравуваат дека неуспехот на Запад, брзо да се справи со таквото сценарио или потегот на Додик за територијална поделба, речиси неизбежно ќе доведе до нов конфликт.

Неодамна, еден од најпознатите западни експерти за Балканот, Јануш Бугајски, предупреди на слична ситуација. Во интервју за српскиот весник „Данас“, на 1 октомври, тој идентификуваше три можни сценарија за БиХ – мирно сценарио, доколку БиХ остане интегрирана држава, и две насилни, едното со, а другото без успешна интервенција на Запад.

Некои експерти одат и подалеку, предупредувајќи дека обновеното насилство во еден дел од Балканот, може да се прошири и на остатокот од регионот, со оглед на долгата листа на нерешени спорови и отворени прашања, како и на надворешните притисоци.

Quo vadis, Босно и Херцеговино?

Меморијалниот центар и гробиштата во Поточари (Сребреница), БИРН

Бидејќи, се чини, БиХ продолжува да се лизга кон можноста на нов конфликт, кој може да биде поттикнат од едностран политички потег или непланиран етнички инцидент, многумина размислуваат како да го спречат најлошото сценарио.

„Многумина се прашуваат со страв: што да правиме, дали Додик сепак ќе нѐ вовлече во војна? Или само зборува небулози? Никој нема одговор, ниту решение“, пишува Парган во својата статија за politicki.ba.

Овој проблем дополнително се комплицира со општото мислење на Западот,  дека САД и ЕУ пробале сѐ на Балканот, сите можни пристапи, и дека сега им недостасуваат нови идеи и сила за напредок.

Сепак, оваа претпоставка е крајно погрешна. Во текот на изминатите три децении, Западот го правеше на Балканот она што беше подготвен да го направи, а не она што требаше да го направи, честопати игнорирајќи ги предупредувањата и препораките на своите експерти.

Иако дури и најдобрите балкански експерти честопати не се согласуваат за точните модалитети за тоа што Запад треба да направи во регионот, тие обично се согласуваат за една работа – дека постои критична потреба ЕУ и САД да реинвестираат одредени и релевантни „морков и стап“ методи и истите да ги искористат за да ги вратат основните црвени линии.

Ова значи дека на Запад му се потребни голем број соодветни награди и санкции, за заштита на правниот и територијалниот интегритет на земјата.

Ова е полесно да се каже отколку да се направи, со оглед на фактот дека земјите членки на ЕУ, не можат да се договорат за примена на санкции, ниту пак можат да гарантираат полноправно членство на која било балканска земја во догледна иднина.

Во меѓувреме, САД очигледно го загубија интересот за Европа, а камоли за Балканот, и дозволија нивното присуство во регионот да се намали, бидејќи тие се фокусираа на пацифичкиот регион и на односите со Кина.

Ова слабеење на американската моќ на Балканот беше нагласено и по неодамнешната средба меѓу Додик и Габриел Ескобар, новоименуваниот заменик на помошникот државен секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот.

По состанокот, Додик објави транскрипт од разговорот, од кој се гледа дека кога Ескобар го предупредил на новите американски санкции за политичарите кои создаваат пречки, тој одговорил „Ми се е.. за санкциите … Ако сакаш да разговараш со мене, не се заканувај“.

Ваквиот смел став пред американските предупредувања, покажува колку Додик станал радикален, но и колку САД го загубиле влијанието во регионот, велат официјални лица и експерти.

Ослабени од нивните индивидуални и заеднички поделби и проблеми, ЕУ и САД уште еднаш ќе треба да се обединат и тесно да ги координираат своите активности на Балканот, доколку имаат шанса да го спречат регионот да не се лизне во хаос и насилство.

Ова е, сепак, многу тешко, со оглед на зголемените поделби, тензии, па дури и непријателства, што неодамна излегоа на површина, во трансатлантското партнерство.

Среќко Латал е новинар, уредник и аналитичар, кој го покрива Балканот од 90-тите години.

Ставовите изразени во овој текст се ставови на авторот и не ги одразуваат нужно ставовите на БИРН.